Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Републиканците градат култ на личноста на Трамп“

Gage Skidmore from Peoria, AZ, United States of America, Donald Trump (17645083170), CC BY-SA 2.0

„Републиканците градат култ на личноста на Трамп“

Конгресменката од американската Републиканска партија Лиз Чејни загуби на внатрепартиските избори во сојузната држава Вајоминг од противкандидатката Хариет Хегман која е жесток поддржувач на Доналд Трамп и која, иако е правник, верува дека бившиот претседател „ги загубил претседателските избори на сомнителен начин“.

Станува збор за изборна одмазда од трамповите сојузници кои ја казнија Чејни (56), така што не и дозволија да биде кандидат на републиканците на изборите за Конгресот, во ноември годинава, само затоа што таа е деклариран, остар противник и критичар на Трамп.

Таа беше и една од двајцата конгресмени – републиканци кои учествуваа во работата на специјалниот конгресен комитет кој го истражува обидот на Трамп да остане на власт и покрај уверливиот пораз од Џо Бајден.

Казнување на „неподобните“

Трамп измисли низа лажни обвинувања дека изборите се „фалсификувани“ и дека тој е победникот.

Тогаш ги покрена своите ултрадесничарски симпатизери и поддржувачи, заедно со толпа расисти да упаднат во зградата на Конгресот на САД, на Капитол Хил во Вашингтон, за да ја попречат транзицијата на власта. Практично, стануваше збор за обид за пуч и за грубо газење на Уставот на Америка, со поттикнување бунт.

Чејни, исто така, гласаше и за отповикување (импичмент) на Трамп. Но, сите десетмина републиканци кои гласаа како неа, од тогаш се изложени на силна одмаздничка кампања на Трамп и на неговото десничарско друштво – со барање да бидат казнети за своето „предавничко однесување“.

Од овие десетмина, четворица се пензионираа и самите се повлекоа, четворица доживеаја да бидат казнети на ист начин како и Чејни, на избори, додека само двајца успеаја да се изборат на прелиминарите избори – да останат кандидати на ноемвриските избори. Таа беше десетта на „листата за отстрел“ направено од „трамповци“.

Притисок на Трамп врз партијата

Лиз Чејни е постара ќерка на Дик Чејни, американски потпретседател во републиканската администрацијата на Џорџ Буш.

Токму Буш, прв ја мобилизира јавноста на САД околу случувањата на 6 јануари 2020 година, во Вашингтон, нарекувајќи ги испровоцираните од Трамп протести – како бунт против Уставот и демократијата.

Во интервју за американската Ен – Би – Си Њуз и за британската Скај телевизија, Чејни изјави дека нејзиниот пораз за конгресното место во Вајоминг, практично, значи дека таа морала да се вклучи во големата лага за тоа дека божем Трамп победил на изборите во 2020 година, за да може да остане републикански кандидат за конгресменка.

Според неа, овие прелиминарни избори покажуваат и дека Трамп и натаму ја притиска Републиканската партија со својата амбиција да биде (одново) кандидат за претседателските избори во 2024 година.

Личен десничарски култ

Притоа, таа ги критикува републиканците кои со поддршката и со величењето на екс претседателот – „градат култ на личноста на Трамп“, упорно продолжувајќи да ги повторуваат неговите измислени и лажни тврдење дека победил на изборите на кои беше поразен.

Лиз Чејни вели дека и покрај сегашниот неуспех да остане конгресменка – поразена од своите републиканци, таа нема да се предаде и да се повлече од борбата.

За неа, тоа значи – „на секој начин да се попречи Трамп одново да влезе во Белата куќа“.

Таа не сокрива дека размислува да се вклучи во трката за партиската номинација за претседателските избори во 2024 година, но вели дека за тоа ќе зборува подоцна, оваа година. Меѓутоа, за неа Трамп беше и останува виновен за испраќањето улични банди да атакуваат и да го освојуваат Конгресот на САД, што го смета за најсрамниот момент во американската историја.

„Останува заканата за републиката“

„Сметам дека Трамп и натаму е голема закана и ризик за нашата република, па затоа, за да се порази ќе треба создавање на еден широк и обединет фронт на републиканци, демократи и на независните, во кој сакам да бидам вклучена“ – има речено Лиз Чејни.

Уверена дека Доналд Трамп ја има минато „црвената линија“ која (како претседател) никако не смеел да ја премине. Атакувајќи на Уставот и Конгресот на САД и настојувајќи да ја погази изборната волја на американските гласачи.

Прелиминарните, внатрепартиски избори се одржаа во време кога Трамп е соочен со две отворени правни истраги – едната врзана за даноците и за работата на неговата приватна компанија, а другата во врска со рацијата на ФБИ н претресот во неговата куќа во Флорида, затоа што неовластено има земено дома 15 кутии со тајни и доверливи документи од Белата куќа.

Правни експерти велат дека без разлика како се класифицирани документите, со тоа што не ги предал на Националната архива има сторено кривично дело.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе