Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Фатвата на Хомеини го стигна Салман Ружди

"Salman Rushdie at the Asia Society" (CC BY-NC-ND 2.0) by Asia Society

Фатвата на Хомеини го стигна Салман Ружди

Британскиот писател Салман Ружди кој во петокот (12 август) беше нападнат додека зборуваше на една трибина во сојузната американска држава Њујорк, тешко повреден се одржува во живот со респиратор.

При нападот, прославениот писател има добиено повеќе повреди од убоди со нож по делови на телото – од вратот до стомакот. Неговиот агент во изјава за медиумите, за состојбата на Ружди има речено дека (веројатно) ќе го загуби видот на едното око, дека нервите на едната рака му се прекинати, а дека и црниот дроб му е оштетен.

Лекарот кој го има примено повредениот автор и кој ги средувал неговите рани, сепак, има речено дека „станува збир за сериозни повреди, но дека тие може да се залечат“.

Со децении во изолација

Во меѓувреме, полицијата соопшти дека го уапсила напаѓачот, за кого се верува дека во обидот да се убие Ружди дејствувал сам.

Меѓутоа, не се знае дали станува збор за поширок заговор, врз верска радикална исламска основа, или пак за напад на „волк самотник“ – какви во минатото имаше во низа терористички напади низ светот. Она што засега се знае е дека напаѓачот има 24 години, се вика Хади Матар и дека е од сојузната држава Њу Џерси.

Салман Ружди (75) со години на ред живее под заканата дека ќе биде убиен, откако во 1988 година ја има напишано својата прославена книга „Сатански стихови“.

Книгата е трајно забранета во Иран, но таа веднаш по појавувањето беше забранета и во низа муслимански земји во светот, затоа што е наклеветена дека во неа станува збор за богохулство врз муслиманите и пророкот Мухамед.

Дистанцирање од фатвата

Но, работите околу книгата и нејзиниот автор се радикализираа кога во 1989 година, тогашниот ирански верски водач, ајатолахот Хомеини, трајно го проколна Ружди и издаде фатва – верска смртна пресуда – повикувајќи ги муслиманите, каде и да се наоѓаат – да го убијат авторот на книгата и да го „исчистат сторениот грев“.

Беше притоа понудена и награда од три милиони долари за оној што ќе го убие.

Од тогаш, со помош на британската влада и на специјална полициска заштита, која Ружди ја имаше, авторот „исчезна“ од јавноста. Продолжи да пишува и да издава книги, но го немаше во јавноста и никој не знаеше каде живее и каде работи.

Во 1998 година, тогашниот ирански претседател Мохамед Хатами ја повлече фатвата, но заканата дека може да биде убиен, сепак, остана и натаму да виси над животот на писателот. Стана видливо дека владата на Иран настојува да се дистанцира од повикот на ултра – конзервативниот и радикален ајатолах Хомеини – кој ја претвори оваа некогаш секуларна држава, во првата во светот што ја предводат исламски верски водачи.

Молк во официјален Техеран

Острото анти – Ружди расположение, меѓутоа, остана живо и тој и натаму продолжи да се соочува со заканата дека – кога, тогаш, фатвата ќе го стигне. Особено откако полека излезе од длабоката изолација и почна да патува и да се појавува во јавноста.

Во 2012 година, една полуофицијална иранска верска фондација, ја има зголемено наградата за убивање на Ружди, на 3,3 милиони долари, но авторот тогaш има изјавено дека – „никој во Иран и низ светот, не е заинтересиран за да добие една таква награда“.

Во меѓувреме, по нападот во САД, радикаланите кругови во иранската јавност, го имаат прославувано атентатот врз „проколнетиот“ писател. Но,  барем засега, нема реакција на власта во Иран – ниту политичката, а ниту религиозната. Затоа, пак, има бурна реакција- со осуда- во целиот свет,  за обидот за убиство врз британскиот писател.

Салман Ружди е роден во поранешен Бомбај, денес Мумбај во Индија, како припадник на тамошната муслиманска заедница.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Култура

Горе