Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Укинување на туристичките визи за Русите?

paukrus, Russian Passport, CC BY-SA 2.0

Укинување на туристичките визи за Русите?

Премиерката на Естонија Каја Калас побара од земјите на ЕУ (и од другите во Европа) да ги укинат туристичките визи што и понатаму им се издаваат на државјаните на Русија.

Според нејзиното мислење – „посетата и престојот на територијата на Европа претставува привилегија, а не човеково право“, односно дека „не е ни малку нормално, Русите да се однесуваат и да живеат нормално, додека во исто време, војската на нивната држава војува против една европска земја – против Украина.

На почетокот од оваа недела, со слична реакција се огласи и Сана Марин, премиерка на Финска.

Ненормална ситуација

Таа исто така смета дека не може да биде нормално, во време кога Москва води агресивна и брутална војна против Украинците, руските граѓани да водат нормален живот, како ништо да не се случило и да патуваат во Европа и во земјите на ЕУ – како туристи.

ЕУ во пакетот бројни санкции против Русија, како казна за нејзината инвазија врз Украина, уште на почетокот забрани секаков авионски сообраќај од и за путинова Русија, но Русите наоѓаат начин – легален и користејќи ги дупките во санкциите – да продолжат со патувањата.

По копнен пат тие доаѓаат до Естонија или до Финска, користејќи туристички визи што не се укинати, од каде потоа, со авиони, се префрлаат до било која друга дестинација.

Трите земји од Балтикот, кои се поранешни советски републики, како и Финска, која е сосетка на Русија, се најсилните подржувачи на Украина и на нејзината борба против руската агресија и окупацијата на делови од нејзината територија.

Реакција на Кремљ

Ваквите барања на премиерките Калас и Марин, засега, немаат поддршка од другите во ЕУ, но затоа, брзо се огласи Кремљ. Портпаролот Дмитри Песков ги осуди ваквите заложби, порачувајќи дека „со текот на времето, сепак, ќе надвладее разумот“.

Реакцијата на Песков, се однесува на премиерките на двете земји членки на Унијата, верувајќи дека тие ќе се откажат од ваквите сугестии. Но, засега, никако да надвладее разумот кај неговиот шеф – Владимир Путин и кај другите во Кремљ – кои не покажуваат со ништо дека разумот може да надвладее кај нив – така што ќе ја прекинат војната што ја имаат покренато – без никаков повод.

Уште повеќе, што гласноговорникот на Путин, поранешниот претседател и премиер Дмитри Медведев, продолжува со своите тиради кои се и недипломатски и недржавнички и најчесто се некултурни и примитивни, кои затоа најмногу штета им прават на Русија и на Русите.

Тирадите на Дмитри Медведев

Откако беше изваден од анонимноста на својата заменичка функција во Советот за безбедност на Русија (претседател е Путин), сега има задача, повремено, да се огласува од Москва, најчесто, со навреди и со празни закани.

Во една прилика, претседателот на Франција и премиерите на Германија и Италија, кога заедно го посетија Киев, за да се сретнат со Володмир Зеленски, ги означи како – „жабарот, кобасичарот и пица мајсторот кои ќе се налокаат украинска вотка и ќе се вратат дома“. Во друга, ја навреди Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија дека е „обична машина за раѓање деца“, затоа што жената има родено седум деца.

Неодамна, сменетиот руски екс премиер, за кого во неговата Русија велат дека е „крајно непопуларен“ во јавноста, за Зеленски рече дека “украинскиот претседател е новиот Хитлер“. Тоа би требало да биде смешно, доколку не би било жалосно – колку е голема фрустрацијата на Москва, оставена изолира од светот, поради својата агресивност и покажаната суровост кон Украинците. Но, и колку е голема личната фрустрација на Медведев, за кого се зборува дека има големи имоти во Франција и на Западот, каде живее неговото семејство и не сака да се врати дома.

Закана за Естонија

Во случајот со изјавата на Каја Калас и барањето да се прекине со издавањето туристички визи за Русите, за патување и престој во Европа, Медведев одново, во свој стил, има речено дека – „тоа што вие (Естонците) сте слободни, не е ваша заслуга, туку наш (руски) пропуст“.

Станува збор за изјава – коментар која е и закана, во исто време, мислејќи притоа на божемниот “пропуст“ на Москва, при распадот на СССР, затоа што „им има дозволено“ на Естонија, Летонија и Литванија да прогласат независност (а подоцна да се вклучат во НАТО и во ЕУ).

Наместо, како што смета Медведев, Русија да ги нападне, да ги окупира и да ги врати во советската империја, како што во деведесеттите години на 20 век заговараа локалните Руси и тврдите националисти и конзервативци во Москва. Тие и тогаш и сега бараат – обнова на некогашната држава.

При тоа, Медведев, или тие кои му ги прават изјавите, свесно сокриваат од „заборавената“ руска јавност дека Балтикот е насила, од Сталин, приграбен и приклучен кон некогашниот СССР.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе