Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Рација на ФБИ во вилата на Доналд Трамп

"President Trump Postlaunch Remarks (NHQ2" (CC BY-NC-ND 2.0) by NASA HQ PHOTO

Рација на ФБИ во вилата на Доналд Трамп

Оперативци на американското Федерално истражно биро (ФБИ) извршија рација, со детален претрес, во вилата на поранешниот претседател Доналд Трамп, на имотот Мар – а – Лаго на Флорида.

Трамп е осомничен дека при напуштање на Белата куќа, во јануари 2020 година, по поразот на претседателските избори, неовластено има изнесено поверливи државни документи. Освен тоа, се тврди дека дел од документите кои ги имал на располагање како претседател, пред повлекувањето од функцијата ги има искинато, а остатоците фрлени во тоалетна шолја.

Трамп, од своја страна, ги отфрла сите вакви обвинувања и тврди дека ФБИ претерало со својата реакција, но Бирото, сепак, ја продолжува својата операција.

„Мар – а – Лаго под опсада“

ФБИ одбива да ја коментира рацијата на скапиот и раскошен имот на екс претседателот.

Затоа, пак, Трамп во својот веќе препознатлив стил, се има нафрлено врз Бирото, дека неговиот дом во Мар – а – Лаго, во Палм Бич е „под опсада“, како и дека „имотот му е окупиран од голема група агенти на ФБИ“, кои – како што се пожалил – му го отвориле и неговиот сеф – барајќи докази за она за што е службено осомничен.

Поранешниот претседател тврди дека тој досега има соработувано со сите владини институции, па дека „ненајавениот упад“ на сојузните агенти бил непотребен, критикувајќи ја одлуката на јавниот обвинител кој ја одобрил рацијата.

Во својот стил на политичар – популист Трамп се жалел дека ваквата одлука на обвинителот претставува „нарушување на правосудниот систем на САД“. Користејќи ја притоа ситуацијата со претресот на неговиот дом – за политички маркетинг.

И со обвинување дека „Америка се има претворено во земја од третиот свет, затоа што вакви сцени и ситуации има таму, но не може да има и во САД“.

Правење политички маркетинг

Конечно, им порачал на своите симпатизери кои ги има многу во Флорида, меѓу крајната десница и латиноамериканската емиграција, дека целата акција на ФБИ е смислена и изведена за да (наводно) „се попречи неговата кандидатура за изборите во 2024 година„.

Рацијата во Мар – а – Лаго се случува во време кога тој настојува да создаде своја, сопствена ултра – десничарска коалиција врз темелите на неговото крајно неуспешно – десничарско и популистичко – владеење во Белата куќа. Целта е да може да се наметне во Републиканската партија, која полека се „лади“ од политичката идеологија што тој ја наметна меѓу 2016 и 2020 година, за да себе си се истурка како претседателски кандидат, за изборите за две години.

Како сојузник во таквата кампања го бараше и го најде, па затоа и го повика во Тексас, на еден десничарски форум, својот европски истомисленик и поддржувач Виктор Орбан.

Од друга страна, Трамп и натаму е под истрага од специјалната комисија на Конгресот на САД која го товари за поттикнување на упадот на толпата негови симпатизери, расисти и застапници на белата супремација, за упадот во Капитол Хил на 6 јануари 2020 година.

Официјално, овие настани се толкуваат како обид на претседателот на заминување за пуч, за да се спречи новоизбраниот претседател да ја преземе власта.

Уништени доверливи документи

Колку што засега се знае, оперативците на ФБИ имаат запленето и одземено низа документи од куќата на Флорида и од тамошниот работен кабинет на Трамп. Но, освен овие документи, екс претседателот има уништено и фрлено во својот тоалет низа документи. Се тврди дека тоа почнал да го прави уште кога станало јасно дека ќе мора да ја напушти Белата куќа.

Новинарката на „Њујорк Тајмс“, Меги Хаберман во својата книга „Човек од доверба“ објавува и фотографии, направени во тоалетот на Белата куќа, на кои се гледаат искинати документи фрлени во WC шолјата.

Кога ваквите обвинувања за прв пат се појавија, по неговото повлекување од Вашингтон на својот приватен имот во Флорида, за што први зборуваа луѓето од претходната администрација, како и сега, кога со службен налог, му беа одземени сите документи што ФБИ ги има најдено во Мар – а – Лаго, Доналд Трамп се брани дека е невин и обвинува дека целата истрага има „политичка заднина“.

Си Џинпинг на гости

Операцијата на федералната полиција, меѓутоа, одново ја има покренато и приказната за скапата резиденција на овој американски милијардер кој сака (одново) да се замеша во политиката од која излезе со скандали и со низа обвинувања, за прекршување на федералните прописи, како и за обид за повреда на Уставот.

Станува збор за имот на кој се наоѓа вила во која има дури 126 соби, со пространи веранди, целата опкружена со богата вегетација, типична за југот на САД. Трамп го има купено во 1985 година.

Куќата е изградена уште во 1927 година, а првата сопственичка, во 1973 година има одлучено ја има подари на владата на САД. Но, ниту републиканскиот претседател Ричард Никсон, а ниту подоцна, демократот Џими Картер, не сакале да ја користат како државна вила, па раскошното здание, во 1981 година владата ја има вратено во приватна сопственост.

Соба за специјални операции

За разлика од овие двајца, Трамп како претседател, настојуваше својата приватна вила да ја користи за службени посети и за средби со странски гости. Таму бил гостин кинескиот претседател Си Џинпинг, како и сега убиениот јапонски премиер Шинсо Абе.

Но, меѓу гостите се споменува и една бивша кинеска сопственичка на салон за масажа, која подоцна била обвинета и уапсена – за водење бизнис со проституција за високи клиенти, како и еден руски богат финансиер, кој во својата земја се прогонува за даночни измами.

Американските медиуми откриваат дека во приватната вила, Трамп има уредено импровизирана соба за специјални операции, по урнек на оригиналната во Белата куќа. Велат дека токму од таму, во 2017 година, тој како претседател има одобрено напад врз сириски воен аеродром, што војската на Башар ал Асад го има користено за користење на хемиското оружје.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе