Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Предупредување од НАТО за Белград

razvanchirnoaga/Depositphotos.com

Предупредување од НАТО за Белград

Северно-атлантската Алијанса го има предупредено официјален Белград да не предизвикува воен судир со Косово, затоа што силите на НАТО ќе реагираат за само неколку часови – пишуваат некои белградски медиуми. Се тврди дека српскиот претседател, на 31 јули, има примено „мошне јасна порака од НАТО“, околу тоа, преку офицерите на Генерал – штабот (ГШ) на војската на Србија.

Овие медиуми ја пренесуваат ваквата реакција на воениот и безбедносен експерт Томас Тајнер, стручњак за студено – воена стратегија при копнените сили на Алијансата и за нивната одбранбена стратегија, дадена во време кога во Белград драматично се прикажуваа најновите случувања на северот од Косово.

Реакција од Алијансата за неколку часови

„Мислам дека офицерите на ГШ на Србија ја пренеле пораката дека доколку се нареди напад врз Косово, борбените авиони на НАТО ќе реагираат за само неколку часови. Следните 48 и најдоцна наредните 170 часови ќе бидат потребни за да воздушно – десантната бригада на САД, биде префрлена, по воздушен пат до Приштина. Во исто време, пешадиската бригада на италијанската војска ќе биде префрлена во Ѓаковица, на тамошниот аеродром што италијанската армија го има изградено за вакви ситуации„ – има речено Тајнер.

Тој, исто така, има посочено дека веднаш потоа ќе се активира механизираната бригада на војската на Италија – Пинероло – што е стационирана во Бари. Оваа единица, во рок од два дена. би била префрлена со помош на Третата морнаричка дивизија на италијанската воена морнарица, со амфибиски бродови од Бриндизи до пристаништето Драч, во Албанија, во земја членка на Алијансата.

Од таму, до Митровица, на Косово, единицата ќе се префрли со борбени возила и со тенкови, за само шест часови, по новоизградениот автопат, направен и со пари на Западот.

„Според тоа, НАТО нема да го препушти Косово на милост и немилост, ниту пак ќе дозволи војна на неговата територија. Алијансата веќе 23 години има детално разработени планови за ваква кризна ситуација и ја тренира одбраната на Косово“ – рекол Тајнер, според тоа како во Белград е пренесена неговата изјава.

Создавање предвоена состојба

Овој воен и безбедносен експерт смета дека доколку Србија се одлучи, било кога, да ги нападне Косово и силите на НАТО, Алијансата ќе ги надмине српските воздушни сили за само неколку часови, а на копно за неколку денови.

„Во НАТО знаат дека српските генерали добро ги знаат сите овие податоци и дека тоа му го имаат пренесено на српскиот претседател, во текот на вонредниот состанок на ГШ на Србија, одржан во неделата вечерта на 31 јули“ – рекол Томас Тајнер.

Нема потврда за тоа дека официјален Белград бил предупреден за можните последици доколку војската на Република Србија навлезе на косовска територија и предизвика воен судир, но нема ниту демант, ниту било каков коментар. Познато е само дека е одржан состанок на ГШ, поради како што е речено – „кризната ситуација и тензиите” на северот од Косово – која во српскиот главен град, беше прикажано како, безмалку, предвоена состојба.

Како и да е, околу полноќ, српскиот претседател се огласил со изјава после состанокот во Генерал – штабот на војската, оценувајќи го како „корисен и успешен“ и порачувајќи дека се „работи на смирување на тензиите“ на косовско – српската граница во реонот на Лепосавиќ, на патот кон Република Србија.

Изнасилена кризна ситуација

Тензијата беше силно подигната, откако на полноќ, меѓу 31 јули и 1 август, истекуваше транзицискиот рок од 60 денови што косовската влада им го даде на косовските Срби во реонот северно од северна Митровица, за да ги сменат регистарските таблички на своите возила и да прифатат лични карти – издадени од косовските власти.

Етничките Срби во тој дел од Косово и натаму одбиваат да имаат косовски таблички и лични документи, за што се силно поддржувани од Белград, затоа што се смета дека тоа би било (фактичко) признавање на косовската независност на што Србија и натаму се спротивставува.

Тензиите максимално беа подигнати откако Србите го блокираа патот кон и од границата, а косовската полиција ја затвори границата. Српските власти од тоа создадоа безбедносна криза, најавувајќи дека (ако биде потребно) Србија ќе интервенира – за да го спасува српското население – кое објективно не беше загрозено.

Барем не со одлуката за поставување косовски регистарски таблички (наместо сегашните српски) на возилата и со намерата на Приштина за новите лични карти. Уште повеќе што косовската влада ја одложи примената на новите мерки – за до 1 септември.

(Д.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе