Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Украина ќе биде покорена за неколку денови“

„Украина ќе биде покорена за неколку денови“

Владимир Путин и неговите најблиски соработници, од групата на т.н. „силники“ во Кремљ верувале дека за инвазијата и за освојување на Украина нема да биде потребна ниту голема воена сила, а ниту војна, затоа што длабоко верувале дека за нејзиното покорување ќе бидат потребни само неколку денови.

Оваа група „моќници“ околу рускиот претседател во која се, пред се, министрите за одбрана и за надворешни работи, како и шефовите на сите руски тајни и безбедносни служби,  верувале дека Украинците нема да пружат никаков отпор.

Во Кремљ се верувало дека народот ќе ги пречека Русите како „ослободители“, а дека легално избраниот претседател Володмир Зеленски ќе го присилат да поднесе оставка, или пак, самиот ќе побегне од земјата, признавајќи ја капитулацијата.

Појдовна точка- Чернобил

Новиннската агенција Ројтерс на овој начин ја објаснува атмосферата во врвот на Русија , пред агресијата врз украинската територија врз чија основа е направен и планот на Путин за освојување на соседна Украина , откривајќи податоци за плановите според кои  се гледа дека Москва планирала да ја собори владата во Киев.

Повикувајќи се на случаите со  петмина кои биле запознаени со планот за инвазија врз Украина , Ројтерс открива дека уште неколку месеци пред 24 февруари, Русите почнале да уфрлаат во земјата свои агенти , сместувајќи ги во украинскиот државен апарат.

Сега се дознава дека нуклеарната централа Чернобил од руската страна била определена како појдовната позиција за агресијата, па затоа таа и беше заземена уште во првите денови од инвазијата.

Таму, уште во ноември,  биле стационирани руските агенти, со намера „нуклеарката“ која не работи по хаваријата од пред повеќе од триесет години, но останува крајно опасна во случај да биде оштетен нејзиниот „оловен оклоп“ , да биде преземена без борба. Тоа така и се случи.

„Не им пружајте отпор на Русите“

Во Чернобил биле испорачувани документите од Службата за безбедност на Украина (СБУ) кои таму ги доставувале платени ( од Русите) шпиони кои на непријателот му ги имаат доставено информациите за воената спремност и за опремата со која располага Украина. Според украинските безбедносни органи, Русија имала свои агенти во секторот на одбраната, на сигурносните сили и во извршните органи на државата.

Се води истрага за тоа дали припадниците на Националната гарда извршиле предавство со тоа што им се предале на Русите без никаков отпор. Засега , Ројтерс открива дека шефот на обезбедувањето на Чернобил (Валентин Витера) е уапсен за да се утврди неговата улога во чернобилските случувања.

Особено затоа што на шест денови пред почнувањето на инвазијата, побарал боледување и заминал поради (наводни) проблеми со респираторните органи. Уште повеќе што на самиот ден на инвазијата му се јавил телефонски на командирот на Националната гарда, барајќи од него да не им пружа никаков отпор на Русите.

Побегнал од Киев со семејството, набргу откако Чернобил паднал под руска контрола. Витера бил поставен на таа функција во 2019 година и (тогаш) важел за лојален и за човек од доверба на украинската тајна служба.

Апсење на српско- македонската граница

Освен за Витера, во извештајот на Ројтерс станува збор и за случајот на Андриј Наумов, висок функционер на тајната служба кој сега се обвинува за предавство и за предавање на тајните документи за ситуацијата во и околу „нуклеарката“ на странска држава.

Тој бил директор на одделението за внатрешна безбедност на СБУ, Во 2020 година (наводно) на него бил извршен обид за убиство- што не е докажано-  по што бил отпуштен од работа.

За него се нема слушнато се до пред 24 февруари , а потоа во Киев открија дека Наумов е уапсен во Србија. На 8 јуни српската полиција соопшти дека украинскиот грѓанин А.Н. бил уапсен на српско – македонската граница кога се обидувал да пребегне во Северна Македонија. Бегал со скап автомобил БМВ во кој полицијата открила голема количина странска валута ( од која 125 илјади биле долари) .

Ројтерс вели дека Наумов е се уште во српски затвор.

Медведчук и кумот Путин

Во извештајот на оваа британска новинска агенција, се споменува и случајот на Виктор Медведчук (  Скопје/Глобал еднаш веќе го има анализирано) за кого се вели дека како близок пријател на Путин ( рускиот претседател е кум на неговата најмлада ќерка) имал шифриран телефон за директна и безбедна комуникација со Кремљ.

Украина го обвинува за предавство , затоа што на Русите им има предавано воени тајни и работел на регрутирање Украинци да работат за Русија. Од 12 април се наоѓа во затвор, откако неуспешно се обидел да побегне од земјата. Западни безбедносни извори тврдат дека Путин токму него го подготвувал за наследник на Зеленски.

Се споменува и улогата на извесен Олег Царјев, поранешен украински пратеник и  човек кој тајно ( со Русите) ја планирал и ја уредил инвазијата врз Крим , каде било предвидено да ја предводи квислиншката влада во регионот.

Таму имал два хотели , но бил и силно политички активен преку здружението „Новоросија“ . На 24 февруари тој на интернет објавил дека се наоѓа во Украина која брзо ќе биде ослободена од „фашистите“ .

Неуспех на „заспаните“ шпиони

Според материјалите на Ројтерс, доскорешниот шеф на украинската служба за безбедност Иван Бакалов , морало да биде сменет од Зеленски  затоа што има дозволео  СБУ да се  преполни со руски агенти и шпиони. И тој се сомничи за предавство, затоа што три денови по започнувањето на инвазијата заминал од Киев.

Како и да е, приказот и анализата на агенцијата Ројтерс за шпионскиот упад на Русија во Украина пред агресијата, пополнувајќи низа позиции со „заспани“ шпиони , открива дека замислата на Кремљ, сепак, не успеала до крај. Едноставно и руската страна смета дека „заспаните“ не ја имаат докрај одработено и како што треба својата задача на теренот.

Сето тоа го натера Путин да навлаезе во војна која ниту ја има планирано, а ниту ја посакувал.

Впечаток е дека ниту сега војната не и одговара на Москва, затоа што наместо за „неколку денови капитулација“ Русија се соочува со  воен судир од широки размери. Ова е вистинска војна ,а не „воена интервенција“ како онаа од 2008 година кога беше покирена Грузија, која Кремљ (очигледно) не знае како да ја заврши , а притоа да се сочува образот од понижување на меѓународната сцена.

(С.Г.)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе