Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Орбан заговара „расно чиста“ Европа

Ale_Mi/Depositphotos.com

Орбан заговара „расно чиста“ Европа

Виктор Орбан одново се огласи со провокација кон Европа – онаа вистински демократска и либерална – која тој не ја сака и против која настапува сите десет години откако авторитарно владее со Унгарија. Овој пат, заговарајќи „расно чиста“ Европа на чија територија нема да има „расно мешовити“ народи.

Во говор посветен на иднината на Европа, што го има одржано во Романија, пред припадниците на тамошното унгарско малцинство, унгарскиот премиер има речено дека „Унгарците не сакаат да станат народ од мешани раси“. Притоа им порача на романските Унгарци и тие да не создаваат расно мешовити врски – за да унгарската нација (и унгарската држава) останат „расно чисти“.

„Свет на мешани раси“

Зборувајќи во малото место Баја Тушнад, во Трансилванија, која во еден период била дел од некогашната Австро – унгарска Империја, веднаш наиде на остра осуда во унгарската и во романската јавност, но и во европската. Посебно на Обединета Европа, во која народите се измешани, а која Орбан продолжува да ја провоцира со своите крајно – десничарски, националистички и се почесто расистички коментари и заложби за тоа како да изгледа нејзината иднина.

Тоа се случува секогаш кога ќе се најде во судир со Брисел, со правилата и нормите кои ги бара членството во Унијата и посебно кога поради тие судири и заканите со казнување – ќе му бидат блокирани европските пари. А, многу често е во судир со другите во ЕУ, особено откако беше суспендирано членството на неговата националистичка, десничарска партија Фидес, од влијателната групација на европските народни партии (ЕПП) од каде брзо потоа орабановци побегнаа, за да не бидат исклучени.

Овојпат, Унгарецот отиде чекор понатаму во своето десничарско ултраштво, па има зборувано за заканата за чистотата (на европските народи). Таа закана, според него, доаѓа од – „светот кој се создава во Европа – свет во кој Европејците се мешаат со дојденци надвор од Европа, создавајќи свет на мешани раси“!

Создавање „чиста“ Унгарија

Расизмот во орбановите настапи прв пат се има појавено во периодот на големата миграциска криза 2015/2016 година, по напливот на исламски бегалци и мигранти од Блискиот Исток, но и на мигранти од некои земји на Африка.

Тогаш ЕУ определи квота за секоја земја – членка (Унгарија со своите 9 милион жители требаше, привремено, да прими кај себе само 3500 бегалци), но Орбан одби да биде солидарен со другите во ЕУ. Наместо тоа, донесе закон со кој илегалното влегување во неговата “чиста“ државна територија, го прогласи за кривично дело и подигна висока ограда од тел долж границата со Србија и делумно и со Хрватска.

Во тоа време, кога Германија прими еден милион бегалци и мигранти, овој унгарски националист се прикажуваше себе си како – „бранител на чистотата на ЕУ“ и „чувар на христијанска Европа“.

Сега се смета дека целта на расистичкиот настап во романска Трансилванија е да се пресметува со меѓународната левица, обвинувајќи ја дека таа наводно тврди оти Европа била населена со народи кои потекнуваат од народи кои се расно мешовити. Обвинување кое е неточно и измислено од него и неговата десничарска и тврдо националистичка партија.

„Опасно лудило“

Станува збор за политиканска игра, во која Орбан заговара ултра – десничарска Европа која расно ќе биде чиста, контра на либерална Европа/ЕУ, настојувајќи притоа да најде сојузници кои би го подржале во овој опасен проект.

Ги бара (и ги наоѓа) меѓу извиканите ултрадесничари на Западот, меѓу националистите од некогашниот европски комунистички Исток кој сега е дел од ЕУ, како и меѓу ултра – десничарите и националистите во регионот на Западен Балкан.

На орбановиот расизам, прв реагирал главниот рабин на унгарските Евреи. „На Земјата има разни врсти, но само една оди на две нозе, работи, зборува и понекогаш и мисли и размислува – тоа е HOMO SAPIENS” – има иронично речено рабинот, барајќи притоа и официјална расправа за ставовите во говорот на унгарскиот премиер.

Унгарската левица – дома и во Европскиот Парламент – порача дека Орбан и неговите, го покажуваат своето вистинско лице, додека романски пратеници имаат изјавено дека она што Унгарецот го зборува претставува „лудило кое е мошне опасно“.

Идеологија на нацизмот

Сите се согласуваат дека идеологијата што ја нуди Орбан е налик на онаа која Европа настојува да ја заборави – тоа е идеологијата на нацизмот.

Европски аналитичари забележуваат дека тој досега зборуваше за малцинства и за национален идентитет, но не се обидуваше да ги врзува за расизмот и вака отворено да повикува за создавање „расно чиста Европа“, како што (наводно) била „неговата Панонска низија“. Главно се задржуваше на обвинувања врз основа на неговата измислена теорија дека – „намерно се вселувало неевропско население“.

За тоа го обвинува и американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, инаку унгарски Евреин кој има побегнато од земјата од каде потекнува, за да Унгарците – квислинзи на Хитлерова Германија, не им го предадат на нацистите, или тие самите да го ликвидираат, како што тоа им го имаат направено на најголемиот дел од унгарските Евреи, во текот на Втората Светска војна.

Конечно, токму Сорос му има помогнато на младиот антикомунист Виктор Орбан, со пари, за да се дообразува, за да може да се вклучи во политиката, по падот на комунизмот во Унгарија, на крајот од осумдесеттите години на 20 век.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе