Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Србија не го екстрадира крадецот од Лондон

Србија не го екстрадира крадецот од Лондон

Српските власти одбиваат да го  екстрадираат во Велика Британија Даниел Вуковиќ , водач на меѓународна ( српско/италијанска) банда, која има извршено серија грабежи во лондонските елитни квартови. На оваа банда и се припишува и – според лондонските медиуми – најголемиот поединечен грабеж во британската криминална историја- кога од приватна куќа е украден накит во вредност од 30 милиони евра.

Станува збор за грабежот од куќата во која живее Тамара Еклстон, ќерка на поранешниот сопственик на трките Формула-1, милијардерот Берни Еклстон, дете од неговиот претходен брак со некогашната хрватска манекенка и фото модел Славица.

Спектакуларен грабеж

Овој , велат, спектакуларен грабеж, како и сите другите се изведени во текот на декември 2019 година, во време  пред божикните и новогодишните празници, кога британскиот богат свет и локалната елита заминува во топлите делови од планетата- на подолг одмор.

Британија прв пат го побара за екстрадиција  Вуковиќ во пролета 2021 година, затоа што британската полиција има сознанија дека крадецот се крие на територијата на Србија. Но, барањето на Британците било одбиено.  Во октомври минатата година било одново одбиено британското барање, по жалбата што Лондон ја има поденесено до судот во Белград.

И во двата случаи, српската страна се брани дека екстрадиција не може да се изврши , затоа што според една билатерална спогодба уште од 1900 година, што била обновена во 2001 година, Србија и Обединетото кралство се имаат договорено дека секоја од земјите може да одбие екстрадиција на сопствен државјанин.

Крадец со 19 имиња

Во случајот на Вуковиќ ситуацијата е малку посложена- станува збор за криминалец за кого и во Британија и во Италија велат дека се користи со 19 најразлични лажни имиња. Дури и во Србија е регистриран под друго има – како Љубомир Раданов, па не се знае кого тоа заштитуваат српските власти.

Во една специјална емисија, британската телевизија Би-Би-Си има емитувана снимка од безбедносните камери на која се гледа како Вуковиќ од лондонскиот аеродром Хитроу. За него Скотланд јард  вели дека има криминални врски во самата Србија, но и во БиХ и во Хрватска, како и во Италија и во Перу, во Јужна Америка.

Во Италија е познат по името Алфредо Линдли, а италијанските власти имаат изјавено дека Вуковиќ раководел со бандата во која биле и двајца Италијанци кои во ноември минатата година беа осудени во Лондон за грабежите, претходно признавајќи го криминалот и откривајќи детали и за грабежот и за српскиот криминалец.

„Пример за закопано богатство“

Британските власти го бараат поради извршените грабежи , како и за перење на криминални пари. Полицијата, пак,  смета дека украдените производи – веројатно- веќе  поминале низ повеќе италијански кампови за да им се загуби трагата, но Скотланд јард, сепак,  верува дека накитот од домот на Тамара Еклстон се наоѓа во Србија. Како што во земјата се наоѓа некаде сокриен и самиот Вуковиќ.

„Ова е класичен пример за закопано богатство што се крие некаде на српска територија. Не се знае каде, но тоа, еден ден, ќе мора некаде да се појави“- има изјавено шефот на Скотланд јард кој ја води истрагата.

Освен ќерката на Еклстон, жртви на српско/италијанската банда, која има украдена стока и пари во вредност од триесетина милиони фунти, се и поранешната фудбалска ѕвезда Френк Лампард, од неговата куќа во Челси, како и од куќата на сега покојниот бивш сопственик на фудбалскиот клуб Лестер.

(Д.Л.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе