Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Луцифер“ донесе пекол во Лондон

dubassy/Depositphotos.com

„Луцифер“ донесе пекол во Лондон

Топлотниот бран „Луцифер“, каков Англија и Лондон не паметат во историјата (велат дека имало еднаш – пред 500 години, било запишано во некои стари записи) помина во деновите од викендот и еден ден потоа, оставајќи зад себе (колку што се знае) четири жртви.

Станува збор за млади луѓе кои сите имаат загинато на речиси идентичен начин – со давање, или починале напрсно – откако силно загреани од жешкото сонце, на температура од 40 степени Целзиусови, се фрлале во студените води на реките, или на пондовите (мали вештачки езерца) за да се разладат. Наместо да пливаат, силниот грч предизвикувал само брзо да потонат во водата.

Топење на аеродромската писта

Освен овие трагични инциденти, англиската и британската јавност, неподготвена и ненавикната на вакви екстремни температури, кога се знае дека во Лондон, среде јули може да врне дожд и температура да биде и под 20 степени, речиси е едногласна дека некои работи врзани за топлотниот бран ќе останат запаметени како екстреми кои делуваат нестварно – за една земја каква е Британија.

Една таква ситуација е топењето на пистата на лондонскиот аеродром Лутон (од него полетуваат, или долетуваат авионите од и за Скопје и Охрид), што предизвика затворање на овој (инаку пети) аеродром што го опслужува британскиот главен град, повеќе часови. Се додека специјалните екипи не ја „закрпија“ оштетената писта.

Втората таква ситуација е искривувањето на шините на лондонската железничка станица Воксол, што предизвика бројни коментари за тоа – од каков материјал се изработуваат шините во Британија. Особено откако во деновите на „Луцифер“ возовите – доколку воопшто сообраќаа – возеа со намалена брзина и со бројни попатни запирања – од безбедносни причини.

Искривени железнички шини

Навистина не се случи никаква несреќа, ниту на Воксол некој воз испадна од шините, но во домашната јавност се појавија бројни потсмешливи коментари околу деформирањето на шините – поради климата и жештината на воздухот.

Најчесто со прашања во стилот – од каков материјал се прават шините во земји и реони каде вака високи температури има со денови и со недели, а каде возовите се единствениот превоз – како во Африка, на Блискиот Исток или во Австралија, на пример.

Сепак, најголема вознемиреност предизвикаа пожарите во областите поблиску, или подалеку од центарот на Лондон, во руралните и приградскте делови, каде жештината предизвика да изгорат цели имот, со се куќите на луѓето.

Луѓето во шок гледале како на сувото тло (голема реткост за Англија и Британија) се палат сувата трева, или стрмништата и како огнот се развива со голема брзина, а потоа се шири на сите страни, не оставајќи време за борба со стихијата, ниту за спасување на покуќнината. Сведоци им раскажувале на медиумите дека останале вчудоневидени гледајќи како ѓубривото се пали како да е од хартија.

Нов апсолутен рекорд

Лондонските противпожарни бригади, соопштија дека во вторникот имале работа каква досега не била забележана уште од крајот на Втората светска војна.

Температурата од 40 степени за прв пат во Лондон била регистрирана во реонот на аеродромот Хитроу.

Досега највисоко температура е регистрирана во 2019 година, во Кембриџ кога биле измерени 38 степени. Подоцна во британскиот главен град температурата се искачи и до 40,3 степени Целзиусови, што се смета за нов апсолутен рекорд.

Здравствените власти од населението бараа да останат во своите домови кои и онака не може да се ладат како на југот од Европа, затоа што лондончани не смеат да закачуваат клима уреди на фасадите на своите згради. За да не се наруши нивниот изглед – но најчесто ладењето на становите и среде лето е непотребно, поради главно благата и умерена клима и влажното време.

Кризата не е надмината

За виновник, метеоролозите го имаат прогласено жешкиот „џет – стрим“ што помина преку Англија и го погоди и Лондон. Луѓето се ладеа на разни начини – најчесто капејќи се во езерцата по парковите, или во фонтаните, па како „базен“ беа употребени и фонтаните на плоштадот Трафалгар.

Од средата, температурата почне да попушта, а жешкиот бран (велат) се сели кон југот на Европа, но во Лондон, на барање на градоначалникот Садик Кан остана на сила прогласената вонредна состојба, затоа што се оценува дека кризата со жештината не е надмината.

Од овие денови кога „Луцифер“ предизвика пекол во британскиот главен град, ќе остане запаметена сликата што го заобиколи светот – како еден минувач му дава вода на мирно застанатиот кралски гардист – на стража – облечен во дебелиот црвен мундир и со големата шубара од мечкино крзно на главата.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе