Поврзете се со нас

Skopje Global

Македонија

Антиевропејците ја селат Македонија на Исток

pajche/Depositphotos.com

Антиевропејците ја селат Македонија на Исток

Антиевропските сили во Северна Македонија, предводени од опозициските вмровци, предизвикувајќи бунт на скопските улици, што се правда (наводно) со патриотски мотиви, а всушност станува збор за обидот да се собори владата, за да се прошверцуваат во власта, отворено заговараат селење на државата – наместо во ЕУ, на Истокот од континентот.

Таму каде Македонија не била ниту како СРМ во поранешна СФРЈ и каде не припаѓа ниту географски и културно, ниту историски ни политички, затоа што Македонија и Македонците биле и остануваат дел од Европа, како составен дел од народите на континентот и на јазиците кои се зборуваат.

Валкани игри

Меѓутоа, противниците на Европа/ЕУ во онаа – едно време – разулавена толпа вмровски улични „војници“, но и тие кои изманипулирани, или пак се прават дека не разбираат чија игра играат, се демаскираа на улицата – како силни антиевропејци.

Првите, тоа уште од порано го имаат направено – спротивставувајќи се на македонскиот европски (и западен) пат во сите три децении како што дејствуваат на домашната политичка сцена.

Другите, пак, ја открија својата вистинска слика и своето позиционирање против европските интеграции – иако знаат дека тоа е стратегија на државата од пред повеќе од четврт век – и овој пат затскривајќи се зад својот (сепак) неискрен патриотизам.

Лажни патриоти

Затоа што ако навистина се патриоти, како што инсистираат, тогаш требаше и треба цврсто да застанат зад европската стратегија – како единствената наша политичка, геостратешка и безбедносна опција.

Наместо тоа, одејќи со толпата лажни патриоти, огрнати со виргински и туѓи знамиња и симболи и во служба на една (во основа) антимакедонска партија – тие се определија да и даваат кредибилитет за нејзиното антиевропско, антизападно дејствување.

А, освен интересот да се грабне власта, скопското вмровско дружество служејќи им отворено на Русија и на нејзиното настојување да се разнебити Балканот и да се разедини и да се дестабилизира ЕУ, низ уличарењето ја промовираа својата надворешно политичка стратегија.

Таа е – што подалеку на Исток, само никако на Запад и во Европската Унија.

„Српски модел“ и неврзаните

Во секој случај, вмровското водство еднаш и го нуди на Македонија т.н. „српски модел“ – односно седењето на две столчиња и наводната неутралност во која не верува ниту провропската опозиција во Белград, затоа што таа, во основа, значи определување кон Исток и кон Москва.

Втората понуда, пак, е буквално историска, му припаѓа на 20 век и на минатото – движењето на неврзаните – кое откако во осумдесеттите години беше ставена под контролата на СССР, се распадна по распадот на идеолошки, политички и економски поделениот свет.

Двете понуди, затоа, ниту се политички издржани, а ниту и одговараат на Македонија.

Ниту и нудат на земјата некаква перспектива, а уште помалку иднина, освен што ја туркаат да се претвори во пион во големата шаховска игра на Владимир Путин – за обнова на СССР и на неговата политичка и воена моќ, за повторната поделба на светот на Истокот и Западот.

Никогаш на македонска страна

Истокот што сега се креира можеби ја нема црвената идеологија, како во едно друго време, но се друго останува исто – да се биде во функција на рускиот експанзионизам.

Според тоа, Македонија пред Србија се има определено за Западот и западните интеграциски процеси (ЕУ/НАТО, уште додека Унијата беше само ЕЕЗ. Македонија, затоа, нема зашто да седи на две столчиња.

Русија никогаш не била на македонска страна во историјата и во поблиското минато, освен да ја користи како територија која ќе им ја нуди на локалните балкански монархии за да ги поткупи да и служат на Москва.

Освен тоа, како да заборават вмровците и оние кои им служат од страна – како некаква локална интелектуална елита – дека земјата е во НАТО, а тоа носи права, но и обврски.

Идеи за залажување

Конечно, Македонија нема петна кои ги влече од блиското минато и распадот на екс Ју, како и сериозни прашања за решавање – како што е косовското прашање – па, затоа и не и треба сојузништвото и партнерството со Русија и со нејзиниот Исток кој оди се таму до средна Азија.

Македонија само може сега и низ иницијативата Отворен Балкан – да гради економски, трговски и пријателски односи со Србија, меѓу другото и поради блискоста на македонскиот и на српскиот народ, Но, не и да го копира „српскиот модел“ како што нудат скопските вмровци, а најмалку притоа и да војува со ЕУ.

Што се однесува до неврзувањето, не вреди ниту да се анализира, затоа што делува дилетантски и како знак за целосно непознавање на светот во последните 30 години и промените кои се имаат случено.

Ваквата „стратегија“, затоа, повеќе делува како материјал за залажување и како подметнување за оние кои се прават недоветни.

Расфрлање со “стратегии“

Така делува и идејата Македонија да се прклонела кон земјите на групата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка), создадена да му се спротивставува на Западот – на САД и неговите сојузници.

Уште повеќе што сите овие пет т.н. брзорастечки економии и потенцијални сили се и дел од групата Г – 20, каде Македонија не може да се приклонува, како што тоа си го замислуваат „теоретичарите“ на антиевропејците.

Ниту по големината и економскиот и воениот габарит н земјата, а ниту по основата на која БРИКС е создадена. Тоа не е никаква регионална група, ниту пак е организација – Унија на независни држави – каква што е ЕУ кои далеку поцврсто се интегрирани.

Нејзините стандарди, демократски и либерални норми е она што и е потребно на Македонија, уредена како граѓанска и правна држава.

Антиевропскиот „Белт енд Роуд“

Затоа, не и е потребен, а ниту може да биде цел – приклучувањето БРИКС, освен како покритие за да земјата биде дел од руската политичка сфера, наместо на европската.

Како што не може да се „зачлени“ кон кинеската државно – инвестициона и економска стратегија „Белт енд Роуд“. Во неа Македонија ја има внесено претходната вмровска влада, во времето додека ЕУ беше „на спиење“ и додека се веруваше во Кина – како во искрен деловен партнер.

Работите се изменија кога се разбра дека секоја зделка преку оваа иницијатива е коруптивна (на Западен Балкан и посебно при градењето патишта во Македонија), дека земањето кинески заем е како „должничко ропство“, а дека целта на оваа стратегија, во основа, е антиевропска,

Вмровците сега ја нудат пак – од неа добро се имаат материјално нафатирано, па затоа тоа треба да биде подобрата опција од ЕУ.

Дисквалификација на ЕУ

Како и да,  целата оваа посветеност за наводно постоење и други стратешки и надворешно политички стратегии е Македонија да не биде дел од Европа и од ЕУ.

Наместо тоа се измислуваат „стратегии“ кои треба да и служат само на путинова Русија и на нејзиното војувае со ЕУ, особено сега, кога по инвазијата на Москва врз Украина, Путин е соочен со за него неочекуваниот единствен европски отпор на агресијата.

Кремљ кој и онака војуваше со Брисел, сега настојува да му се одмаздува дестабилизирајќи го Западен Балкан, но и регионот пошироко.

При тоа се користат национализмот, провоцирајќи внатрешно – политички судири врз божемна патриотска основа – за да се дисквалификува Унијата, а посебно нејзината стратегија за проширување со земјите од регионот.

Според руска рецептура

Македонија која чека најдолго – цели 17 години -,  а која преку вмровскта опозиција е соочена со силна опозиција на европските вредности и на интегрирањето во ЕУ, е најкорисна за дестабилизација и за задоволување на руските потреби.

Така, вмровските партии и оние до нив, кои (заедно) се во служба на Москва, по нејзин диктат тргнаа да се пресметуваат на улица со владата во Скопје, која е цврсто определена за влез на земјата во Унијата – целосно респектирајќи ги националните интереси.

Од тоа анти – ЕУ друштво ја дисквалификуваат владата како „предавничка“ и како „капитулантска“, нарекувајќи ја “платеник“ на американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос .

Човекот е омразен од Виктор Орбан, но е прогласен за непријател од страна на Путин, а тоа најдобро зборува кој ја плаќа дестабилизацијата на Македонија и од каде доаѓаат командите да се блокира европскиот пат на земјата.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Македонија

Горе