Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Забрана за Вучиќ за приватна посета на Јасеновац

Bumble-Dee/Depositphotos.com

Забрана за Вучиќ за приватна посета на Јасеновац

Владата на Хрватска не му дозволи на претседателот на Република Србија Александар Вучиќ да влезе на Хрватска територија и – приватно – да ги посети Јасеновац и Пакрац. Тоа предизвика нова бура и кавга меѓу Загреб и Белград, продлабочувајќи ги и онака нарушените односи меѓу двете соседни држави.

Вучиќ планирал, во неделата на 17 јули, да престојува во Хрватска, како „приватно лице“, за да го посети споменикот на жртвите убиени во текот на Втората светска војна, во концентрациониот логор во Јасеновац, во време на постоењето на пронацистичката НДХ (Независна држава Хрватска).

Без знаење на хрватската влада

Во логорот, во годините на војната и на НДХ, се ликвидирани илјадници Срби, Евреи, Роми, антифашисти и нехрватско население.

Изминатите 80 години, српската страна го третира Јасеновац како место каде е извршено „најголемото злосторство врз Србите во нивната историја“ а толкувањето на тоа време и на усташкиот терор, останува едно од болните прашања околу кое двете земји и понатаму се гледаат со непријателски очи.

Сегашната криза – со забраната за влез на претседателот на Србија во соседна Хрватска – не е во тоа што посетата (Белград ја има означено како приватна) туку во тоа што владата во Загреб и хрватските власти за тоа разбрале – неофицијално.

Односно, Вучиќ сакал да го посети Јасеновац не информирајќи никого во Загреб, ниту хрватската амбасада во Белград, како што е тоа ред во односите меѓу две земји.

Политичка провокација

Според загрепските весници, српскиот претседател му се јавил само на Милорад Пуповац, лидер на партијата на Србите во Хрватска, известувајќи го за намерата, поканувајќи го да му се придружи во Јасеновац и патем, велејќи му – ако сака нека ги извести и хрватските власти.

Тој тоа и го направил, но во владата на Андреј Пленковиќ тогаш настанал шок. За хрватската страна таквата постапка била оценета како „навредлив гест“, но и како политичка провокација на Белград.

Официјален Загреб смета дека станува збор за намерно направен инцидент пред традиционалното одбележување во Хрватска на операцијата „Олуја“ (ослободување на Краина од просрпските бунтовници), што во српската политичка јавност, редовно, се прима како антисрпски настан.

„Ова не е патување на море“

Во секој случај, хрватската влада му забрани влез на српскиот претседател. Особено што било предвидено тој да влезе на територијата на Хрватска од БиХ, или попрецизно од Република Српска, српска енклава во Босна која постојано заговара отцепување и растурање на Босна и Херцеговина.

МНР во Загреб, во своето соопштение остро го осудува однесувањето на српската страна и тоа што случајно има разбрано за намерата на шефот на државата на соседната држава, да престојува на нивната територија, безмалку, инкогнито.

„Ваквото однесување е крајно неприфатливо. Па, не е ова патување на море, на летување“ – има речено хрватскиот министер за надворешни работи, обвинувајќи го Белград дека не сака подобрување н односите и дека се уште не е подготвен да е соочи со своето минато и со своите постапки.

Србија спрема контра мерки

Во Белград, меѓутоа, хрватската однесување е оценето како „срамно“, или како „нецивилизациско“ на кое Србија ќе одговори на „соодветен начин“.

Воинствениот министер на Србија за полиција Александар Вулин ја нарече хрватската влада „усташка“ и најави специјален третман на хрватските дипломати и на функционери при нивното патување низ територијата на Србија.

За лидерот на српските социјалисти Дачиќ забраната за Вучиќ е „како да му се забрани на израелскиот премиер да го посети Аушвиц“, не споменувајќи притоа дека гостинот нема да влезе на полска територија – ненајавен.

Конечно, српскиот претседател, во свој стил, најави посебно обраќање до домашната јавност, првично, само осудувајќи го Загреб за ароганција – „затоа што земјата е членка на ЕУ, па мисли дека се и е дозволено“.

(З.Х.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе