Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Финската премиерка како рокерка на концерт

FinnishGovernment, Hallitus päätti suosituksista koronaviruksen leviämisen hillitsemiseksi (49651222488), CC BY 2.0

Финската премиерка како рокерка на концерт

Финската премиерка Сана Марин, најмладата претседателка на една влада во ЕУ и во Европа, постојано е во центарот на вниманието на домашната и на европската јавност поради своето неформално однесување. Во финската политичка јавност, посебно меѓу традиционалистите и конзервативците. таа често се означува како „бунтовничка“, што можеби и одговара за нејзините 36 години.

Последен пат Марин предизвика бранување на социјалните мрежи на кои инаку е мошне активна, кога се појави на рок концерт во Хелсинки облечена „крајно атрактивно и сосема нетипично“ за премиер на една држава – во џинс – шорц, маичка и кожна јакна и во црни, младешки чизмички.

Во ноќен клуб со друштво

Снимката за тоа како се има облечено за концертот, самата ја има ставено на својата страница на Инстаграм.

За младешкиот дел од Финците и за сите кои се блиски на нејзината Социјалдемократска партија, тоа само ја покажува нејзината склоност кон неформалностите, кон разбивањето на стереотипите, но и доказ дека и политичарките (и кога се на функција) се луѓе, исти како и оние кои гласаат за нив.

Марин од почетокот на својата функција ги брани своите постапки, дури и кога медиумите од опозицијата ќе објават фотографии на кои се гледа како премиерката на државата излегува од еден ноќен клуб во Хелсинки – во четири часот наутро.

Опозицијата ја обвинува дека иако е млада, таа е и сопруга, па би требало да служи за пример – посебно кај младите. Конзервативците во Парламентот, пак, ја обвинуваат дека е „неодговорна“.

Одговорна и одлучна

На политички план, меѓутоа, таа е мошне одговорна.

Покажа одлучност во борбата со коронавирусот. Силен бранител е на правата на жените, па финската влада е единствената во Европа во која има повеќе жени од мажи министри и се постави мошне храбро во одбрана Финска од агресивноста на Владимир Путин. По инвазијата врз Украина таа и покрај заканите од Москва веднаш се определи и се избори за забрзан прием на оваа (традиционално) неутрална земја во НАТО.

Минатиот месец беше на Балканот (освен во Србија), а беше и во Скопје. Беше примена како што и доликува – како премиер на една пријателска земја. Во Загреб, пак, доживеа да го чека претседателот на државата 20 минути пред вратата на неговиот кабинет. Времето во чекањето го потрошила гледајќи ги изложените уметнички предмети.

„Нема проблем со чекањето. Тие загубени 20 минути ништо нема да ми пореметат во животот“ – има речено Сана Марин.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Екстра Глобал

Горе