Поврзете се со нас

Skopje Global

Бизнис Глобал

Макрон лобирал за такси компанијата Убер

Amaury Laporte, French President Emmanuel Macron Making a Speech 04, CC BY 2.0

Макрон лобирал за такси компанијата Убер

Емануел Макрон, во времето додека бил министер за економија во владата на тогашниот претседател Франсоа Оланд, како и поранешната еврокомесарка Нили Крос лобирале за контроверзната такси компанија Убер која пред крајот на минаата деценија предизвика бранување низ Европа и светот.

Според истекување на бројни мејлови и податоци за нејзиното работење, на кои се повикува лондонски „Гардијан“ но и уште некои други европски медиуми, водството на Убер им се додворувало на низа политичари во настојувањето да се наметне во такси индустријата и покрај силното спротивставување на постоечките такси компании.

Убер против такси компаниите

Но, провалените доверливи фајлови откриваат и како воопшто работела (на почетокот) оваа компанија.

Се открива дека ги има прекршувано законите во земјите во кои се инфилтрираше (Британија е една од нив и посебно Лондон, како голем такси – пазар), потоа дека настојувала да ја измами полицијата, при што се тврди дека било користено и насилство врз возачите, покрај тајното лобирање кај разни влади, но и во кругот на богаташите и кај медиумите.

Датотеката на Убер покажува дека бившиот директор на оваа компанија има наредено поставување технологија за гасење и бришење на нејзиниот компјутерски систем за да полицијата не може да навлезе во нејзините компјутери.

Сега, меѓутоа, од Убер велат дека „поранешното однесување не било во склад со сегашните вредности“ како и тоа дека сега Убер е сосема поинаква компанија.

Откривањето на системот на работа и однесување се однесува за времето меѓу 2013 и 2017 година и најзначајното е дека за лобирање и за покривање на секторот за односи со јавноста биле употребувани по 90 милиони долари годишно.

Можност за нови вработувања

Сето тоа, вклучувајќи го и лобирањето меѓу политичарите, требало да му помогне на Убер да ја попречува европската такси индустрија и да се наметне на пазарот.

Така и се овозможило во време кога француските таксисти организираа протести – многу често насилни – против наметнувањето на Убер, тогашниот млад министер за економија Макрон (на функцијата беше само една година, по што самиот си има дадено оставка), бил во комуникација со тогашниот контроверзен директор на Убер Тревис Каланик.

Министерот Макрон му има ветувано дека ќе настојува да се измени законот, за да се овозможи вклучување и на неговата компанија во бизнисот.

Всушност, како министер, во целиот тој проект со компанијата, видел можност за зголемување на вработеноста, посебно на младите, па затоа и контактирал со Убер и се обидувал да помогне. Такво е отприлика и објаснувањето што сега го има дадено кабинетот на актуелниот претседател на Франција, Макрон.

Контроверзна компанија

Медиумите кои ја откриваат темата за Убер сметаат дека поголем е гревот на поранешната еврокомесарка за дигитализација Нили Крос која дури била и во преговори да и се приклучи на компанијата, уште пред да и истече мандатот во Брисел, што се означува како прекршување на моралните правила на ЕУ.

Во тие години кога беше подигната вистинска хајка против Убер, компанијата беше и една од најбрзо растечките во светот, но и една од најконтроверзните, со бројни судски процеси – дури и за сексуално вознемирување (на патници) и за грабежи на податоци.

Тоа предизвика Тревис Каланик, сооснивач на компанијата, во 2017 година, да биде приморан да ја напушти компанијата.

Наследнкот на неговото место – извршен директор – има направено се за да ја трансформира компанијата во духот на традиционалното работење, ускалдувајќи ја во системот за работа како и секоја друга јавна компанија. Во 2019 година, кога Убер се појави прв пат на берзата, неговата вредност беше проценета на 50 милијарди долари.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Бизнис Глобал

Горе