Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Џонсон до есен само како в.д. премиер

palinchak/depositphotos.com

Џонсон до есен само како в.д. премиер

Пред помалку од три години, по уверливата изборна победа,  Борис Џонсон беше проглсуван за новата ѕвезда на британската Конзервативна партија и на британската политика. Со својата појава и со своето не секогаш конвенционално однесување тој ги освои гласачите во Велика Британија- дури и оние кои традиционално се определени за лабуристите- и извојува најуверлива победа за ториевците, каква немало уште од 1987 година.

Во четвртокот, на 7 јули, меѓутоа, Џонсон беше, буквално, набркан од функцијата- од неговите министри и од мнозинството негови пратеници- конзервативци кои пред триесетина месеци се „колнеа“ во него и го прогласуваа за новиот (Винстон) Черчил во партијата и во државата.

Овенчан со славата дека „ ја шутнал Европа“ и со Брегзит кампањата што тој ја предводеше и ја вратил „слободата на Британија“, се очекуваше  рускосиот, неисчешлан и никогаш до крај уреден Бо-Џо (како што нагалено го нарекуваат медиумите) , со години да остане во Даунинг стрит 10.

Демонстративни оставки

Наместо тоа, онака како што тој ( сосема неоправдано) со партиски пуч ја тргна од фунцијата Тереза Меј , за да се смести себе си во лидерската и премиерската фотеља, доживеа и самиот да биде истуркан од позициите кои ги имаше освоено. Дури и на помалку достоинствен начин од оној што тој и го приреди на Меј.

Дури педесетина владини министри, заменици и помошници на министрите и советници , дадоа оставки, еден по друг- за да го натераат Џонсон да се повлече. Дури и двајцата министри кои тој ги именуваше , пред два дена, дадоа оставки после неполни 48 часови на функциите.

Ваквата  ситуација (велат)  е последица на неговата ароганција- да не го прифати барањето на неговите сопартијци , а посебно на неговите министри, да поднесе оставка, откако од владата демонстративно се повлекоа министерот за финансии и за здравство.

Кога на последната дебата во Парламентот доскорешниот министер за здравство Саџид Џавид , јавно, му порача на својот партиски лидер- „Доста е. Доволно беше“- и оди си од функцијата , Џонсон мораше да попушти и да признае дека е поразен-  од луѓето со кои работеше.

Новинар и политичар

И во заминувањето остана -доселеден на себе- па измисли (за Британија) нова ситуација- поднесува оставка како лидер на конзервативците, но останува премиер додека не се избере нов ториевски лидер кој по автоматизам ќе стане и премиер на  Обединетото Кралство. Тоа предизвика нова нервоза во ториевските редови, затоа што како премиер ( до есен) тој не ќе може да работи и да функционира – затоа што мнозинството министри му свртеа грб.

Конзервативниот екс премиер Џон Мејџор , затоа, го повика Џонсон  да си замине и од Даунинг стрит 10, како што е тоа пракса во Британија. По тоа, од кабинетот на Џонсон се огласија со ново соопштение дека во наредниот период, до изборот на нов лидер тој ќе биде само в.д премиер. Тоа значи дека не ќе може да носи никакви политички одлуки.

Борис Џонсон е поранешен новинар и едно време дописник на „Тајмс“ , па на „Дејли Телеграф“ , од Брисел додека неговиот татко има работено  во ЕУ ( тогаш се уште ЕЕЗ), потоа главен уредник на партискиот неделник „Спектејтор“. Во два мандати беше ( успешен) градоначалник на Лондон, пред да влезе во владата во сенка на ториевците- од каде беше приморан да даде оставка, отако беше фатен дека го излажал својот тогашен партиски лидер Мајкл Хауард кој во него гледаше како идна „ политичка ѕвезда“.

Во стилот на Трамп

Кога најпосле стана лидер на партијата ( и премиер) , веднаш,  од почетокот почнаа да го следат разни контроверзи и афери.

На самиот страт покажа дека не се снаоѓа во премиерската функција, посебно околу глобалната пандемија . Британија реагираше најлошо во Европа, откако владата во Лондон долго се опираше да воведе карантин и заштитни мерки, како што тоа го направи цела Европа, што предизвика земјата да има најмногу инфицирани и ( во еден момент) највисока смртност.

Кога се почна со вакцинација тоа го искористи за собирање популистички поени и  за кавга со ЕУ, кога одлучи да ги задржи сите вакцини произведени на британска територија- само за Британија. Уште и го излажа Брисел дека нема залихи со вакцини („аферата Астра/Зенека“) а тајно, за Австралија испрати стотици илјади дози. Беше споредуван со Доналд Трамп со кого брзо најде заеднички јазик, затоа што имаа идентичен стил на популистичко управување.

Така некако се однесуваше и во финалното договарање за Брегзит, посебно за т.н. Северноирски протокол.

Северноирски протокол

Неговата претходничка Тереза Меј  беше сменета затоа што  ( наводно) направила штетен договор со Брисел и со помош на антиевропските лондонски таблоиди тргна во хајка против премиерката, во чија влада кусо време беше министер за надворешни работи.

Кога стана премиер, најави нов договор за  делот кој се однесува за Северна Ирска и како да се спречи поставување граница  на ирскиот остров. Тој и неговиот владин кабинет истуркаа нова ( негова ) верзија на договорот, која веднаш се прогласи за најдоброто решение.

Но, сето тоа траеше само до пролетва, кога одново предизвика криза во односите со Брисел, барајќи да се измени и договорот што тој го испазари и го потпиша.

Сепак, причина за неговото пропаѓање како премиер го предизвикаа двете последни афери.

„Парти-гејт“ и Пинчер

Правата , врзана за тајните забави во премиерската резиденција во Лондон, додека Британија беше во локдаун и втората, со назначувањето на пратеникот Крис Пинчер за заменик лидер на пратеничката група на конзервативците во Долниот дом.

Аферата избувна кого беше откриено дека во еден приватен клуб Пинчер – сексуално нападнал – двајца мажи, а излезе дека премиерот знаел за тоа дека пратеникот и друг пат бил обвинуван за сексуални напади.

И во двете афери, се повтори она по што ќе се памети Џонсон- пласирајќи разни верзии  за една иста работа, при секое појавување во јавноста. Кога се разбра дека премиерот (одново) ја сокрива  вистината, практично лажејќи ги јавноста, своите министри и неговите пратеници, настана бунт меѓу неговите во владата по кој тој беше соборен.

Конзервативците, сега без  Џонсон, ќе настојуваат да го искористат своето апсолутно мнозинство во Долнот дом на Парламентот, за да го завршат својот петгодишен мандат, надевајќи дека со новиот лидер и премиер ќе може да го  поправат впечатокот во јавноста и растресениот рејтинг.

(Д.Л.)

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе