Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Змија во пазувите

Ruletkka/Depositphotos.com

Змија во пазувите

Неколку денови разулавена толпа од насилници „наквасена“ со пиво и вооруженa со камења и со димни бомби, но меѓу нив има и такви кои имаат пиштоли, се собира во вечерните часови за да „протестира“ – малку пред зградата на владата на Македонија, а потоа по прошетката низ дел од Скопје и пред зградата на Парламентот – за да ја одбранела Македонија од „бугаризацијата“.

Првично протестите беа мирни. На нив има заведени граѓани, а таму се гледаат и „бранковистите“ на граѓанинот Б.Ц. Но, уверливо доминираат вмровските активисти,  што е видливо од вообичаената декорација, кои по налог на нивните водачите, ги претворија протестите  во насилни. Со напади врз зградите на владата и Парламентот и со каменување на полицајците кои ги обезбедуваат.

Заедничка цел на ова друштво е да не се дозволи старт на преговарачкиот процес за влез на земјата во ЕУ – на што инаку се чека 17 години – обвинувајќи ја владата во Скопје – првата која е вистински проевропска и прозападна – за предавство. Затоа што го прифати ревидираниот план на францускиот претседател Макрон, за тргање на бугарското вето, откако македонската влада ја одби првичната француска верзија, како неповолна за Македонија.

Против Европа и Западот

Претходно, бугарската страна ја прифати и втората верзија, па кога Париз и Брисел се огласија со изјава дека – конечно – има основа за согласност на Скопје и Софија, за да ЕУ го покрене дијалогот со македонската страна, што (се верува) дека сите во Македонија го очекуваат, се огласија антиевропските вмровци и уште еднаш го покажаа своето вистинско лице.

Одново покажаа дека се против НАТО, против ЕУ, каде земјата треба да се влезе по (барем) седумгодишни преговори и многу реформска работа. Покажаа дека се против Западот и западното врзување на државата, иако станува збор за македонска стратегија, определена уште од осамостојувањето. А, како и во 2017 година, со тогашниот неуспешен пуч, потсетија дека и натаму останале во служба на Русија.

Во секој случај, во служба на руската стратегија за урнисување на Балканот и за дестабилизација на Македонија.

Излегува дека ако веќе помина нејзиното членство во НАТО, сега не смее да помине влегувањето и во Унијата, со која Москва војува. Па, затоа, како пред пет години и сега, блокадата на европскиот пат треба да се направи со поттикнување меѓунационален судир (Македонци – Албанци), што во 2017 година Русија го правеше со тогашните потпалувачки изјави на Сергеј Лавров, против македонскиот закон за јазиците.

Лажни патриоти

Овие неколку дневни протестирања против Европа, против Франција, против напредокот на сопствената држава на европскиот пат – сега кога е обезбеден (прв пат) консензус во ЕУ за македонското членство и кога Брисел и цела ЕУ бара од Скопје, да го прифати европскиот предлог – стана јасно дека државата има ЗМИЈА ВО ПАЗУВИТЕ.

Водечката партија во опозицијата, дефинитивно, е против државните интереси на Северна Македонија. Таа работи за туѓи интереси и за туѓи потреби и со своите партнери е подготвена да предизвика (ако треба и меѓунационални судири) за да Европа дигне раце од нас (иако тоа овој пат е малку поинаку, поради војната на европскиот континент).

Јасно е затоа дека земјата се соочува со вмровската змија во пазувите, состојба што ја следи во изминатите 30 години, независност. Во последните десетина години, уште и потхранувана од надвор.

Затоа, делува крајно неискрено насилничката толпа по скопските улици да извикува „Македонија – Македонија“, а при тоа да се знае дека на тие и такви „патриоти“ – земјата не им е при срцето. Како што македонската европска иднина не му при срце ниту на човекот кој се прикажува како нивни лидер.

„Бугаризирање“ за пасош

Тој ги повика на улица за да и се речело „не“ на Европа, потоа ќе ги замајува со тоа дека „власта прави предавство“, па кога ќе добие команда дека работите треба да се радикализираат, облечен во маичка со војничка боја (како руските војници кои ја парчосуваат Украина – но без она Z), ке измисли приказна дека некој сакал да го убие!?

И тоа требало да го стори човек од неговата антиевропска коалиција кој пукал (во воздух) додека лидерот бил сместен повеќе од 1500 метри подалеку, надгледувајќи ги партиските „војници“ на вистинскиот лидер сокриен во Будимпешта како се пресметуваат со полицијата.

Делува како лакрдија тврдењето дека се брани Македонија од Европа и од ЕУ (никој од овие патриоти не ја напаѓа Бугарија, која ни направи блокада на европскиот пат), од божемната намера да не „бугаризираат“, иако бугаризацијата ја има започнато и ја има направено во Македонија токму таа – вмровска дружина на лажни патриоти.

Според бугарски извори, големо мнозинство од вмровците и нивните гласачи имаат бугарски пасоши, откако претходно се имаат откажано од МАКЕДОНСТВОТО и од својот национален идентитет, доброволно давајќи изјави дека имаат бугарски корени, или што ќе рече – дека се „бугари по род“.

Доброволно одродување

Партијата на лажниот лидер и неговите гласачи, на тој начин, во време кога се водеше жестока полемика со Софија за идентитетските прашања, со руска помош подметнаа своја, кобајаги, независна кандидатка, за градоначалник на Скопје, иако таа има бугарски пасош и е од новокомпонираните Бугари.

За таквите како неа, како што е и семејството на лидерот од страна на неговата сопруга – а тие се најмалку 120 илјади – Северна Македонија ќе мора да ги внесе во својот Устав, во неговата преамбула, како што ги има сите етнички заедници кои живеат во државата.

Тие луѓе (освен оние кои навистина имаат бугарски корени и се Бугари), не може сега да продаваат патриотизам. Не може да прават зулуми по улиците, а најмалку можат и смеат да го попречуваат нашиот, македонски пат во Европа.

Како „Бугари“ со своите бугарски пасоши тие и онака се веќе дел од ЕУ и се граѓани на Европа, па затоа немаат никакво морално право да ни продаваат, на нас другите, дека не можеме да одиме во „нивната“ Европа, затоа што (наводно) Унијата, Макрон, власта во Скопје и некој во Софија – ќе не „одроделе“ и ќе не направиле Бугари – за да не примат во нивното елитно друштво.

Останување на европскиот пат

За ваквото предавство на одродените, сепак, не ни е виновна Софија. Има направено пропусти Скопје во минатото, затоа што не забрани поседување двојно државјанство и два пасоши, за да се спречи масовното одродување, кое режимот на избеганиот криминален вмровски лидер максимално го форсираше во своите 11 години власт.

Секако, на прикриеното воодушевување на бугарската страна, која тоа сега го користи и безобзирно го искористи за да го покрене „бугарското прашање“ во Македонија. Успевајќи со него да не блокира на патот кон ЕУ, вадејќи ја од подрумите старата царистичка и комунистичка историја, откако Русија ги поттикна на тоа бројните русофилски бугарски политичари. За да се казни актуелната власт во Скопје и за да се блокира македонското напредување кон Европа.

Во сегашната ситуација, после укинатото вето (кое сите го баравме) Северна Македонија никако не смее да ја испушти шансата која никогаш досега не и беше дадена.

Земјата за прв пат е толку многу блиску до старт на преговорите со Брисел. За прв пат е создадена „четворка“ од земји со кои ќе се затвори процесот на проширување кон ЕУ, а во таа група се – Црна Гора, Македонија, Албанија и Србија. Другите од Западен Балкан, како и Украина, Молдавија и Грузија остануваат во она што Макрон го означува како „Европска политичка заедница“.

Гласот на демократска Македонија

Затоа, во овој момент е потребно максимално единство, какво инаку го имаат постигнато сите земји од посткомунизмот кои влегуваа пред нас во ЕУ. Посебно, кога требаше да се отвори преговарачкиот процес.

За тоа е потребно да се елиминира змијата во пазувите, да и се отсече главата. Меѓутоа, тоа е вмровска работа. Таму треба да се најде демократско и проевропско јадро кое ќе го тргне сегашниот квази – лидер и старата екипа на избеганиот екс лидер и со новите сили целосно да се измени партијата, заедно со нејзиното контроверзно име. Наместо со дивеење на улиците, со правење пучеви, создавање блокади и кризи – во борбата за власт партијата треба да се трансформира во партија од европски тип.

Конечно, во сегашната фаза неопходно е да се огласи и она што би можело да се нарече – демократска Македонија – ако таа навистина постои. Потребно е да им се спротивстави на вергините, на маскираните типови кои доаѓаат да се тепаат по улиците, но и на русофилите кои се намножени (за прв пат во македонската историја).

Она што фали овие денови е токму гласот на таа – Демократска Македонија – која не смее да молчи и ја остави земјата на типови кои сакаат да ја одвратат од европскиот пат. За ја вратат назад, за да остане заробена на Балканот.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе