Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Финска и Шведска се откажаа од неутралноста

designer491/Depositphotos.com

Финска и Шведска се откажаа од неутралноста

Одлуката на Финска и на Шведска да влезат во НАТО има стратешко – безбедносно значење, но претставува и огромен пресврт за двете земји, затоа што тие се откажаа од својата неутралност. Причината за напуштањето на неутралноста која и кај двете има и своевидна историска традиција, е само путинова Русија и нејзината брутална инвазија врз една независна земја.

Иронијата да биде поголема – Путин продолжува да се правда дека (наводно) ја нападнал Украина затоа што оваа соседна земја сакала да биде дел од НАТО, а тоа Москва и натаму го означува како „закана“ за руската безбедност.

Искуството на Финска со Сталин

Сега, меѓутоа, Шведска е во најблиското соседство, но затоа Финска дели граница со Русија долга 1340 км. што е подолга од руско – украинската и таа е сосема блиску до Санкт Петербург, вториот по големина руски град.

Згора на тоа, Русија и Украина во минатото немаат војувано меѓу себе – беа заедно во едно империјално царство и во комунистичкиот СССР.

Финска, пак, има едно лошо искуство од пред нешто повеќе од 80 години, кога Сталин во 1939 година (без повод – освен по договорот со Хитлер) ја нападна Финска. Не ја окупира земјата, чии борци храбро и се спротивставија на советската армија, но на крајот СССР ја окупира и потоа ја грабна областа Карелија.

На начин сличен на оној што сега Путин и го прави на Украина, од која како сега стојат работите, ќе одземе дури 20 отсто од територијата – Луганск и Донецк, Крим и југоисточниот дел на украинската територија.

Шведска два века без војна

Во секој случај, Киев не ќе може да влезе во Алијансата што би требало да биде исполнување на руското барање за некаков иден мир со Русија – во зависност од тоа кога и како ќе застане руската армада – додека Финска и Шведска ќе станат 31 – та и 32 – та земја членка на НАТО.

Во Хелсинки и во Стокхолм велат дека само Путин го растури воспоставениот мир и стабилност во тој дел од континентот и изградената доверба на двете северни земји со Советскиот Сојуз, а по крајот на Студената војна и со посткомунистичка Русија.

Затоа, Финска на украинската војна гледа како на повторување на нејзината историја и советскиот (рускиот) напад и војната 1939/1940 година. И со право стравува од можноста еден руски напад уште еднаш да и се случи, со оваа денешна Русија. Барем се додека Путин е на власт во Кремљ.

Шведска, од своја страна, иако нема војувано со никого уште од времето на Наполеон, уште од порано има навестено дека стравува од руската закана, дека се чувствува загрозена, откако рускиот претседател почна да ги отвара картите.

Руски провокации

Во 2014 година беше уловена руска подморница, сосема блиску до Стокхолм, а повеќе пати пред тоа шведските власти предупредуваа на низа повреди на шведскиот воздушен простор од руски воени авиони. Затоа во 2016 година, шведската армија се врати на малиот остров во Балтикот – Готланд – што го имаше напуштено цели 20 години.

Иако и двете земји од 1994 година имаат воспоставено партнерски однос со НАТО, досега не се обидуваа да станат и формално членки на Алијансата и за да се стават под чадорот на колективната безбедност што оваа воено – политичка организација го нуди за земјите членки.

Финска од 1995 година стана дел од ЕУ, со Шведска, и од тогаш секоја влада во Хелсинки му се враќаше на прашањето – дали да се влезе во НАТО.

Преовладуваше уверувањето дека оваа земја од 5,5 милиони жители со својата армија од 200 илјади војници и уште 900 илјади во резерва, со моќна авијација (за една ваква мала земја) би можела да се спротивстави – барем за еден период – на агресорот. Како што тоа го направиле Финците од пред осум и повеќе децении против Црвената армија.

Колективна безбедност

Шведска имаше поинаков концепт – на неутрална земја која со никого не војувала два века. Затоа, се определи за постојано намалување на армиските сили, како и на трошоците за сопствено вооружување, иако земјата е моќен производител и извозник на оружје.

Сето тоа, меѓутоа, траеше до 2014 година и до окупацијата и анексијата на Крим – и таа без никаков повод и без непријателски гест на Киев. Од тогаш почнува забрзано да се зголемуваат трошоците за вооружување, а во 2018 година, сите шведски домаќинства добија упатство – за во случај на агресија од странство и војна.

Новата ситуација на Истокот од Европа и манифестираната агресивност на Русија, предизвика забрзано да се менува позицијата на владите и во двете земји, па така се дојде и до нивната историска одлука – да се откажат од својата неутралност – за да влезат во еден воен сојуз и за да бараат сигурност за себе под чадот на НАТО.

На тоа од Москва реагираа во веќе препознатливиот манир – прво, дека тоа новата ситуација налага и ново (руско) однесување, а потоа – дека тие две земји, сепак, не се закана за Русија. Воени експерти, сепак, сметаат дека Москва нема да остане само на тоа.

Пресврт кај домашната јавност

Се очекуваат зголемени сајбер напади, провокации и инциденти со повреда на воздушниот и поморскиот простор, од страна на Русија, како и напади со разни видови дезинформации. Но, за Шведска и Финска, најважно е брзо да помине процедурата на прифаќање на нивното барање, од сите 30 земји членки на НАТО.

На страна на владите во Хелсинки и во Стокхолм брзо се приклони и јавноста во двете земји, подржувајќи ја определбата за колективна безбедност, откако секој ден гледаат што се случува во Украина и со каква суровост се уништува земјата и се напаѓаат цивилни објекти и станбени згради и блокови.

Јавноста и во двете земји долго време ја бранеа својата неутралност, како нешто свето – Финска со самонаметнување на една позиција по крајот на Втората светска војна, за што силно се држеа се до распадот на СССР. Шведска, пак, својата неутралност ја имаше поставено како прашање на идентитетот на земјата и како своевидна политичка идеологија.

Сето тоа мораше да се растури, откако во 2014 и од крајот на февруари годинава стана јасно дека Москва се има определено за агресивна политика и преку инвазијата врз Украина сака да го промени досегашниот безбедносен поредок во Европа.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе