Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Казахстан не ги признава Луганск и Донецк

LyazaTretyakova/Depositphotos.com

Казахстан не ги признава Луганск и Донецк

Претседателот на Казахстан Касим Џомарт Токаев изјави во Санкт Петербург дека неговата земја нема да ги признае за независни држави, отцепените украински области Луганск и Донецк, што сега се нарекуваат – „Луганска и Донецка Народна Република“.

Москва непосредно пред да ја покрене инвазијата врз Украина, го прифати нивното отцепување од матичната држава и ги призна за независни држави, како што тоа пред осум години го има направено и во случајот на двете сепаратистички грузиски области – Абхазија и Осетија.

Изјавата на Токаев се случи во текот на одржувањето на годинешниот Економски форум во Санкт Петербург, што некогаш беше меѓународен, со присуство на западни експерти и високи странски гости, но годинава единствениот гостин од странство беше казахстанскиот претседател.

„Преседан со Косово“

На Форумот зборуваше и Владимир Путин кој во говорот одново настојуваше да ја оправда агресијата врз украинската територија, ги обвини Западот, а пред се САД и ЕУ, како и актуелната украинска власт – дисквалификувајќи ја како ултра националистичка и како закана за Русите на украинска територија и за населението кое таму зборува руски јазик.

Притоа, рускиот претседател одново се повика на, наводниот, преседан со признавањето на независноста на Косово, кое официјална Москва не го признава за независна држава, одржувајќи ја со таа своја политичка игра со русофилската атмосфера – прво во Србија, но и во делови на регионот на Западен Балкан.

На Форумот, меѓутоа, инсистирањето за косовскиот преседан, му беше потребно за да го оправда признавањето на двете нови „независни држави“ на Истокот од Украина, уште и тврдејќи дека руските војници се во Донбас на барање на раководството на Луганската и Донецката народна република.

Дипломатска лекција за Путин

На ваквата елаборација, се спротивстави Токаев кој не бирајќи дипломатски зборови рече дека Казахстан се „противи дури и на помислата да се признаат Луганск и Донецк, како посебни држави“.

При тоа, своето спротивставување Казахстанецот го објасни со повелбата на ОН за која, пред тоа, зборуваше Путин, уверувајќи дека во косовскиот случај, со неговата независност, без да се бара согласност на Белград – повелбата била грубо погазена.

„Ќе бидам искрен – за ова имаме сосема различно мислење” – рекол Токаев и притоа му има очитано дипломатска лекција, зборувајќи за двата основни принципи од повелбата на ОН – принципот на територијалниот интегритет и правото на самоопределување.

„Тие се на некој начин во контрадикција, па затоа некои инсистираат на територијалниот интегритет, како света работа, додека други тврдат дека секој народ, што живее во некоја држава, има право на сопствена држава. Односно, има право да се оддели од таа на која дотогаш и припаѓал. Така излегува дека по тоа право, наместо сегашните 193 земји во ОН, би требало да ги има 500 – 600, што би предизвикало хаос„ – рекол Токаев.

Без признание за квази – држави

Според казахстанскиот претседател токму од тие причини и врз основа на меѓународните принципи – неговата земја нема да ги признае сега отцепените територии од Украина за независни држави.

„Од овие причини, ние не го признаваме Тајван, а ни Косово, како ни Абхазија и Осетија. А, тој принцип Казахстан ќе го примени и за териториите на кои се квази – државите, какви ние ги сметаме Луганск и Донецк“ – рекол Џомарт Токаев, предизвикувајќи (велат) шок во салата во Санкт Петербург и збунетост и на медијаторката во дебатата која, брзо преминала на нова тема.

Руските медиуми, разбирливо, реагираат со големо изненадување за она што се случи во дебатата за геостратешките и безбедносни прашања во која Токаев грубо го има одбиено барањето на Путин – да се помогне во меѓународната афирмација на двете отцепени територии.

Во првиот ред, седеле двајцата „претседатели“ од Донбас, како и цела низа руски министри. Се очекувало Путин да му одговори на Токаев, но тоа, сепак, не се случило.

Настан без преседан

Московски медиуми сметаат дека ваквата ситуација, можеби е резултат на условот што Токаев го има поставено за да дојде на Форумот, кога нема други странски гостин. Или, пак, дека Путин одмолчел затоа што нема што да каже за контра – аргумент. Други, меѓутоа, едноставно, не веруваат дека еден Путин некому би му одмолчел, уште на негов терен, во Русија, во неговиот роден град.

Во секој случај, се оценува дека станува збор за настан без преседан, затоа што ова се нема случено ниту порано – во безвоено време – кога е Путин во прашање и кога некој од „братска земја“ на овој начин ќе му се спротивстави. Странски аналитичари, сега прашуваат – дали “братските“ лидери од земјите на некогашниот СССР, се имаат толку многу осоколено, па повеќе не се плашат да и се спротивстават на Москва, или е во прашање нешто друго.

Блумберг, на пример, инсистира дека реакцијата на Токаев е најважниот дел од Форумот. Поважен дури и од се она што го има кажано Путин и од заканите кои повремено ги има испратено.

Особено што изјавата – дека нема признавање на новите држави, за кои Путин покрена војна – доаѓа само шест месеци откако руската војска беше испратена во Казахстан, за да го одбрани Токаев и да го спречи неговото соборување од власт.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе