Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп контра Ричард Никсон

"Vietnam War 1972 - Nixon" (CC BY 2.0) by manhhai

Трамп контра Ричард Никсон

Американците деновиве се потсетуваат на времето на поранешниот претседател Ричард Никсон и на аферата „Вотергејт“, која пред 50 години ги запали Вашингтон и САД, предизвикувајќи го дотогаш најголемиот политички скандал во американската историја. Скандалот заврши со изнудена оставка на претседателот, за да Никсон не се соочи со импичмент, постапка која ќе завршеше со неговото сменување од функцијата.

Половина век подоцна, се уште се анализираат и се обработуваат поуките од аферата – за заканата од неограничената и со ништо не попречувана моќ на претседателот – што се претворија во мерило, според кое се оценуваат и судат сите политички скандали во САД.

Најмногу врзано за последниот скандал од пред 1,5 година, со мрачната улога на еден друг републикански претседател – Доналд Трамп – и неговата замешаност во нападот на разулавена толпа трампови симпатизери кои на 6 јануари 2021 година, ја нападнаа зградата на Конгресот на САД и на неколку часови ја освоија.

Нивната цел беше да ја попречат, инаку, формалната конгресна постапка со која се потврдува изборот на новиот претседател, а нападот требаше да значи оневозможување демократски трансфер на власта.

Капитол Хил потежок престап

Во „аферата на столетието“ како што беше означен „Вотергејт“, Никсон беше централната фигура.

Американските политички историчари, меѓутоа, сега тврдат дека тој се соочува со „сериозна конкуренција“ – целосно да биде надминат во политичкиот криминал – од Трамп, како најнов пример за политичка корупција и за максимално злоупотребување на моќта на шефот на државата.

Злосторството на Никсон – како се нарекуваше пред половина век – беше дека ја прикриваше провалата во канцеларијата на Демократската партија на САД, сместена во деловно – станбениот комплекс „Вотергејт” во Вашингтон. Намерата била да се украдат документите кои би можеле да им наштетат на републиканците и на Никсон, за изборите во ноември 1972 година – на кои, инаку, Никсон уверливо победи.

Гревот и тешкиот престап на Трамп, прилично се разликува во тежината.

Американскиот Конгрес сега води нова постапка за тие настани и на неа се расправа за – поттикнување нереди кои доведоа до загинување на петлица. Намерата во овој скандал е да не се дозволи мирен трансфер на власта – преку намерата на Трамп да ги поништи изборите и резултатите од гласањето на Американците, на кое уверливо победи Џо Бајден.

Непотребна провала

Американски политички и правни експерти, споредувајќи ги „Вотергејт“ и Капитол Хил, се согласуваат дека злото на Трамп е неспоредливо потешко. Затоа што, Никсон немаше потреба да нареди провала во канцеларијата на демократите – за да победи.

Згора на се, нема никакви докази дека било кога се дискутирало за тоа да се поништат тие избори во 1972, ако Никсон загуби, како што зборуваше и јавно се закануваше Трамп, тврдејќи дека во 2020 година имало „изборна измама“.

Колку за потсетување, на 17 јуни 1972 година, пет лица беа фатени додека вршеле провала во штабот на демократите. Брзо потоа се откри дека сите биле поврзани со кампањата на Белата куќа за повторен избор на Ричард Никсон за претседател на САД.

Истрагата што се покрена, велат сега, ја има отворено „Пандорината кутија“ за злоупотребата на политичката моќ, за валканите трикови на една администрација сместена во тогашната Бела куќа, за кои се користени политичко шпионирање, фалсификувана коресподенција и наместени ситни грабежи за да се дисквалификува противничкиот (демократски) претседателски кандидат Џорџ Мекгаверн.

Уверлив Никсон и поразен Трамп

На изборите Никсон беше толку уверлив што победи таа година во 49 од 50 сојузни држави, па и сега останува сосема нејасно – зашто воопшто нему и на неговиот изборен штаб им беше потребно, тајно да ги снимаат сите состаноци на претседателот во Белата куќа.

Токму тоа откритие, една година подоцна, предизвика експлозија на скандалот кој изгледаше дека ќе се забошоти. Одлучна беше снимката на која се слуша како Никсон бара од ФБИ да се откаже од истрага за „Вотергејт“.

Претседателот даде оставка во 1974 година, по што неговиот наследник, Џералд Форд го помилува.

Голема заслуга за истуркувањето на работите до ваквиот крај имаат двајца, тогаш млади новинари на „Вашингтон Пост“ – Карл Бернстин и Боб Вудворд – кои својата темелна истрага ја објавија во книгата „Сите луѓе на претседателот“.

Оваа книга во денешно време прави паралела со Доналд Трамп и со неговата администрација и со сите активности на поранешниот претседател во неговите четири години во Белата куќа.

Она што го направи на крајот, како поразен на претседателските избори, го прави да биде првиот во историјата на САД кој се обиде да изврши пуч – за да остане на власт.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе