Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Париз сега нуди Европска политичка заедница

Savvatexture/Depositphotos.com

Париз сега нуди Европска политичка заедница

Пред истекот на нејзиниот шестмесечен мандат како претседавач на ЕУ, Франција на Европа и на Западен Балкан им нуди една сеопфатна европска политичка заедница која не би била замена за Европската Унија, ниту би била нов Совет на Европа или би претставувала некаква поинаква ОБСЕ, туку би била заедница во која би биле сите европски држави. Без разлика каков е нивниот статус во ЕУ, или какви односи имаат со Унијата.

На тој начин во неа би се наоѓала и Македонија и другите од Западен Балкан, другите земји претенденти за влез во ЕУ од Истокот на Европа кои сега се „со години далеку од можноста да бидат членки“, па дури и една Британија која излезе од Унијата, по референдумот за Брегзит од јуни 2016 година.

Француски нон – пејпер до ЕУ

Оваа француска иницијатива – за која во Париз велат дека е силно проевропска – прв пат беше спомената пред триесетина денови.

Тогаш стана јасно дека и Украина сака да добие кандидатски статус за ЕУ (ако може по забрзана постапка) заедно со Молдавија и Грузија. Но, првичната реакција на другите во Унијата беше помалку или повеќе – студена, затоа што се појави во екот на францускиот изборен процес, па се веруваше дека е создадена за домашната јавност, одбојна кон натамошното ширење на ЕУ.

Одбојноста на Французите е веќе подолго време присутна и таа веќе стана дел од секоја изборна кампања во земјата која себе си се декларира како најголем промотор на европеизмот и на интеграциските процеси, па не е далеку од заклучокот дека Макрон (како претседавач на ЕУ до крајот на јуни), сето ова го има смислено и за да на Европа и одговори за нејзините големи очекувања од француското претседавање.

Излезе, меѓутоа, дека идејата на Макрон е повеќе од тоа, па Париз и Франција ќе ја понудат на разгледување на земјите членки, на Самитот на Европскиот совет во Брисел на 23 и 24 јуни. Особено откако стана јасно дека иницијативата, во форма на нон – пејпер, им е испратена на сите во Унијата.

Украина со кандидатски статус?

Документот се појави непосредно пред Европската комисија да се изјасни за барањето на Киев, Кишењев и Тбилиси.

Европски политички експерти велат дека Брисел ќе се согласи Украина да добие кандидатски статус (можеби и Молдавија), но дека нема да има ништо од украинските барања за некаква забрзана постапка, затоа што после тоа би уследила долгата и строга процедура за исполнување на сите обврски што се бараат за да една земја стане дел од ЕУ.

Се инсистира дека војната и трагедијата во која се наоѓа Украина нема да биде алиби за земјата да се најде пред другите претенденти кои имаат долг кандидатски стаж.

Како и да е, сето ова (околу Украина) оди многу побрзо отколку со сите другите пред неа, што покажува дека процесот на проширување повеќе зависи од политичката волја, а помалку тоа од формалните услови.

Сепак, францускиот нон – пејпер инсистира на придвижување напред на, инаку, долгиот процес на приближување и на приклучување на земјите претенденти, посебно на оние од Западен Балкан.

Замена за долгиот преговарачки процес

Париз инсистира дека токму должината на тој процес, поради неопходното извршување реформи во правосудството, во економијата, во демократските слободи и борбата со корупцијата, како и во вкупното трансформирање на општеството, е она што е го натерало за една ваква иницијатива. Затоа, што се смета дека сегашниот „модел“ на постепено приближување, би се развлекол – „со децении и со илјади милји“. А, тоа не е она што одговара на сегашните силни предизвици и геополитички потреби, кои произлегуваат од војната во Украина.

Од тие причини, Франција ја предлага „Европската политичка заедница“ со која, наместо сегашниот долг процес на приближување кон ЕУ, заговара заедница во која би биле сите држави кои се подготвени да ги делат заедничките европски и демократски вредности, да придонесуваат за заедничката безбедност, сигурност и стабилност на Европа.

Во неа би влегле сите – без разлика дали сакаат да бидат во ЕУ, или не, па и оние кои ја напуштиле Унијата, или ја имаат повлечено кандидатурата за влез, како и земјите кои се врзани само со економски спогодби.

Но, се вели дека во планот на Париз, пред се, е насочен кон државите од Западен Балкан и оние три од Истокот, што сега се дел од т.н. источно партнерство, како и кон Британија.

„Покренување на интеграцијата“

Формата на оваа заедница би имала – како што се објаснува – „лабава правна структура“ – со овластување за носење одлуки, но и со почитување на автономијата на ЕУ, како целина во заедницата при одлучувањето. Заедницата би одржувала состаноци редовно – по неколку пати во годината -,  на ниво на шефови на држави и влади, но и на ниво на министри.

Слична иницијатива и тоа набргу по француската, предложи и Шарл Мишел, кој во време на овој текст е во Македонија, во Охрид на „Преспа форумот“, каде ја објаснува суштината на својата иницијатива. Мишел е близок до Макрон, па во Брисел се вели дека станува збор за една иста иницијатива, со тоа што овој поранешен премиер на Белгија ја има наречено – „Европска геополитичка заедница“.

Кога Париз ја промовираше својата идеја, во Брисел и низ ЕУ, многумина ја дочекаа со одбојност. Затоа што Макрон е скептичен кон проширувањето (особено со нови членки од Истокот на Европа) – поради лошото искуство на Унијата со новите, источноевропски членки од поранешниот комунистички блок.

Сега, меѓутоа, по појавувањето на нон – пејперот на Париз, излегува дека француската нова иницијатива, всушност, значи ПОКРЕНУВАЊЕ НА ПРОЦЕОТ НА ПРИЕМ НА НОВИ ЧЛЕНКИ, а не за запирање на интеграцијата во ЕУ, на оние кои сакаат да бидат дел од Унијата.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе