Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Западен Балкан стратешка зона на ЕУ

MadamSaffa/Depositphotos.com

Западен Балкан стратешка зона на ЕУ

Уште од старите империјални времиња е познато за амбицијата на Русија да ја има својата шепа врз Балканот, за да може на него да ги спроведува своите империјални игри. Спротивставувајќи ги малите регионални држави, една против друга и нудејќи им како награда за проруската определба – територии од трети земји.

Основното секогаш било да се одржува тензична ситуација, па дури и со провоцирање мали војни, преку кои Москва можела да „интервенира“ како наводен спасител. Во секој случај насочена да не дозволи никому од Западот, да се приближи до регионот, иако тој е дел од европскиот континент и од Европа – и политички и културолошки.

Тоа што е карактеристично за 19 и за почетокот на 20 век, повеќе или помалку, се пресликува и сега, во 21 век. Особено откако Владимир Путин брутално се нафрли врз Украина, лажно обвинувајќи ги Киев и Западот дека тие се виновни за неговата инвазија врз една независна држава и за првата војна на европско тло после 1945 година.

Москва го дестабилизира Балканот

Беше, притоа, јасно дека Балканот и посебно она што се означува како Западен Балкан, ќе бидат изложени на засилена дестабилизација од страна на Русија – уште додека трае војната на украинска територија, а особено после неа – без разлика како таа ќе заврши.

Впрочем, Москва е вклучена во една ваква активност со години наназад. Откако државите од Западен Балкан се определија кон Западот, па повеќето од нив станаа членки на НАТО и кандидати за влез во ЕУ.

Од тогаш, руската страна работи на растурањето на БиХ, преку локалниот српски национализам и преку српската енклава во Босна, која би требало да се претвори во „балканско Придњестровје“. Но, и потпалувајќи ги меѓуетничките тензии во Црна Гора и зацементирајќи ја вмровската деспотија во Македонија, како заштитник за новосоздаденото русофилство, преку обид за пуч во земјата.

Локалните деспоти и националисти со помош на руската врска гледаа можност за своето неограничено и автократско владеење, откако стана јасно дека ЕУ постојано одолговлекува со својата стратешка ориентација за вклучување на регионот во Унијата. А, колку што деспотите се осилуваа, толку Европа, наоѓаше изговори за потиснување на процесот на проширување во ЕУ – целосно запрен во 2013 година, после приемот на Хрватска.

Регионот не смее да се заборави

Војната во Украина, меѓутоа, како и барањето на Киев за влез во ЕУ – кога членството во НАТО е невозможно – како да ја потресоа Европската Унија.

Стана јасно дека и покрај разбирливите украински амбиции на Украинците – кои бранејќи ја земјата, го манифестираа својот европеизам – како и потребата да се награди жртвувањето против Русија, кај повеќето земји членки на ЕУ – ќе се јави отпор. Не затоа што се против евентуалната кандидатура на Украина, колку затоа што тоа никако не смее да се направи на штета на Западен Балкан.

Едноставно, проценка е дека Брисел не смее сега да се занимава со амбициите на Киев, заборавајќи дека Македонија, Србија и Црна Гора, како и Албанија имаат долг кандидатски стаж.

Македонија и најдолг стаж од сите, затоа што во трката за ЕУ влезе уште пред Црна Гора да биде независна држава, кога Хрватска се уште се извлекуваше од воената состојба, а на неа се гледаше со сомнеж и недоверба, поради војната во екс Југославија.

Приемот во ЕУ како безбедносно прашање

Во одбраната на една ваква позиција, Австрија има отидено најдалеку, силно лобирајќи за Западен Балкан, а потоа и Германија. Додека, Холандија и Данска кои во 2019 се затскрија зад француската блокада, не давајќи целосна согласност за отворање на преговарачкиот процес – пред се со Тирана, но и со Скопје – сега силно лобираат за Македонија и Албанија.

Затоа што сите во Европа, сфатија дека после руската инвазија врз една европска земја, примањето на земјите од регионот не е веќе само прашање за продолжување на еден започнат процес, туку и стратешко и безбедносно.

Затоа што стана јасно дека Путин и неговиот кинески „брат“ Си Џеншинг, преку балканските деспоти можат да се сместат на југот од Европа, а од таму да дојдат до самата врата на ЕУ, ако Брисел, а пред се, земјите кочничари во Унијата, продолжат да го развлекуваат процесот – од едни, до други свои избори.

Од тоа, на пример, дали десницата, или левицата ќе победи во Данска, Холандија или некаде во Скандинавија. Дали Марин Ле Пен, или ултралевичарот Малешон ќе добие поголем број гласови, или дали Румен Радев ќе успее со своите проруски социјалисти, да го порази проевропскиот бугарски премиер Петков. Иако е сосема јасно дека сите тие заедно, практично, работат на растурањето на една стратегија на Унијата – за влегување на целиот Балкан во Европа.

Растрчани Европејци

Во секој случај, во ЕУ се растрчаа низ Западен Балкан, помагајќи притоа и да се потиснат ултрадесничарите, националистите и популистите, потенцијалните деспоти, русофилите кои го користеа досегашното однесување на ЕУ за да работат против европската идеја. Бранејќи тоталистички руско – кинески модел за сметка на европската либерална демократија, под изговорот дека – „нас Балканците Европа не сака, па не се ниту интересира за нас“.

Наеднаш се јавија неколку проекти за забрзување на процесот, кога станува збор за Западен Балкан и за процесот за интегрирање во ЕУ.

Грција, на пример, за прв пат нуди да се определи рок – сите Западнобалканци да се најдат во ЕУ, до 2033 година, додека Австрија силно инсистира регионот да не остане надвор од европската геополитичка завршница, по крајот на војната во Украина.

Германија, во исто време, ја засили својата и онака силна поддршка за европеизирање на Балканот, па лично канцеларот Олаф Шолц беше во Белград и Приштина, во Скопје и Софија, а „скокна“ на кратко и до Форумот во Солун – за да помогне во расчистувањето на балканските феудални спорови со националистички набој, за кои во никој случај не се виновни Брисел, или ЕУ.

Австриска иницијатива

На европската маса, во овој момент, се најдоа неколку проекти за придвижување на процесот за интеграција во Европа.

Австрија, на пример, силно лобира за тоа на земјите од регионот да им се дозволи пристап до фондовите на буџетот, право какво што го имаат земјите членки, што би се врзало со владеењето на правото во секоја од земјите на Западен Балкан.

Нивните политички лидери и министри би учествувале на состаноците на ЕУ, иако не би имале право на глас. Но, тоа (финансиски) силно би ги покренало нивните економии и развојот и би ги направило побрзо спремни за полноправно членство.

Франција и претседателот Емануел Макрон се појави со планот за некакво лабаво вклучување во на сите Западен Балкан и оние од Истокот на Европа, во нешто што во Париз се нарекува „Европска политичка заедница“.

Проект Макрон и план Мишел

Впечаток е дека ЕУ не остана премногу „запалена“ за едно вакво решение, а посебно за него се нема осврнато Германија.

Но, паралелно со францускиот предлог, во Брисел се појави и планот на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел за креирање на Европска геополитичка заедница – идеја блиска до францускиот предлог, но во која се содржат елементи и од предлогот на Австрија.

Франција како актуелен претседавач на ЕУ, најавува дека предлогот на Макрон ќе го достави за Самитот на ЕУ, пред крајот на јуни, а не се знае дали ќе биде понуден за разгледување и на специјалниот Самит ЕУ – Западен Балкан, предвиден за ден пред тоа.

Уверувањата се дека сите овие идеи не се замена за членството во Унијата, туку дека преку нив само се помага за забрзување на тој процес во кој секоја држава влегува сама за себе. Во процес што би бил во ход – државите поинтензивно би работеле на „редовните“ реформски обврски.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе