Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Полска попушти пред притисокот на ЕУ

Botond/Depositphotos.com

Полска попушти пред притисокот на ЕУ

Полска, конечно, попушти пред барањата на Брисел и на ЕУ, да го повлече контроверзниот закон за судството, што Унијата го смета за антиевропски и против правилата и прописите на ЕУ, затоа што ја повредува независноста на судовите во оваа источноевропска земја.

Полскиот претседател Анджеј Дуда го потпиша новиот закон со кој се укинува сегашниот механизам за „дисциплинирање“ на судиите во Врховниот суд. Токму ова го предизвика остриот спор меѓу Брисел и Варшава кој се отвори уште веднаш кога законот беше обелоденет како нацрт, а посебно кога беше усвоен во полскиот Сејм (Парламент).

Неколкугодишно спорење

Европската комисија на неколкупати побара од владата на Полска да го повлече законот кого го смета за антиевропски.

Кога Варшава грубо одби тоа да го направи, обвинувајќи ја ЕУ дека ги ограничува слободата и независноста на една земја – членка, Брисел покрена процес против Полска, во кој оваа држава можеше да остане без правото на глас во европските институции.

Конзервативната и националистичка полска влада, долго време беше сојузник со орбанова Унгарија во настојувањето на Истокот од Европа, да се реформира ЕУ на тој начин што националните парламенти и влади би добиле многу повисока автономија и независност од европските институции – практично – да добијат право за непочитување на европските прописи.

На еден деспот каков што е Виктор Орбан тоа му е потребно за да може да владее со земјата, како што сака, а притоа и натаму да ги прима европските пари, со кои, инаку, ја „купува“ верноста на унгарските гласачи.

А, станува збор за прописите и законите на ЕУ кои и Унгарија, а и Полска ги имаат прифатено при нивното влегување во Унијата, а кои се строг услов за земјите кандидати за нивниот влез во ЕУ.

Блокирање на европските пари

Комисијата на ЕУ во Брисел, меѓутоа, во случајот со овие две земји – членки реагираше на тој начин што за прв пат го примени новиот европски механизам – парите и нивната дистрибуција да се врзе за почитување на владеењето на правото, оценувајќи го полскиот закон за судството како повреда на тој темелен принцип на европската интеграција.

Брисел за Полска (како и за Унгарија) ја запре испораката на парите од масивниот европски фонд од 1100 милијарди евра за санација на економиите на земјите членки, поради глобалната пандемија. Од овој Фонд, Полска треба да добие 35, додека Унгарија над 10 милијарди евра.

Сега се верува дека блокадата на овие средства, како и запирањето на редовните префрлања од европскиот буџет, предизвикаа Варшава да попушти пред притисокот на ЕУ и да стане кооперативна.

Партизација на судството

Сега истиот полски Парламент, по забрзана постапка го прифати новиот закон со кој го поништува досегашниот, затоа што е сосема јасно дека доколку Полска продолжеше да се инаети, ќе предизвикаше сериозни проблеми за домашната економија, што немаше да ги остават рамнодушни полските гласачи.

Полска, затоа, се определи да се откаже од својата „реформа“ на судството која, практично, значеше ПАРТИЗАЦИЈА на судството, а посебно на Врховниот суд.

Владата во Варшава, во меѓувреме, полека почна да се дистанцира од Орбан и неговите ултра – десничарски погледи за преуредување на ЕУ, онака како што им одговара на крајната десница, на националистите и на популистите, чии ставови се блиски до тврдите британски брегзитери кои претходно бараа од Унијата (одново) да биде само економска заедница.

Од друга страна, инвазијата на Русија врз Украина и руската закана за Истокот на Европа и за поранешните советски сателитски држави, сега во ЕУ и НАТО, ја натера Полска да биде и кооперативна и спремна на правење компромиси.

Брисел чека активирање на мерките

Полска е во првата линија за удар од руска страна, како сосед на Украина, од каде досега се влезени четири милиони украински бегалци.

На ваквата разврска на долгиот спор, од Брисел реагираат мирно. Европската комисија ја поздрави одлуката да се донесе “контра“ закон на досегашниот антиевропски пропис, но соопшти дека парите ќе почнат да се префрлаат тогаш кога новите мерки ќе бидат воведени и практикувани.

Полската опозиција и голем дел од судиите, меѓутоа, не се задоволни и инсистираат дека, всушност, станува збор само за „обична шминка“ која на брзина ја има изведено владата во Варшава, на која очајнички и се потребни европските пари.

Опозицијата смета дека новите мерки не одат доволно далеку за да се избегне партизирањето на судството и партиското определување на судиите во земјата.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе