Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Окупаторите извезуваат украдена пченица

ml1413/Depositphotos.com

Окупаторите извезуваат украдена пченица

Окупаторските власти кои набрзина ги создава Русија на територијата на Украина што нејзината армада ја има ставено под своја контрола, настојуваат да ја извезат украинската пченица што, инаку, ја имаат украдено, продавајќи ја низ светот.

За тоа, се вели, дека Русите имаат создадено посебна шема со која се настојува да се избегнат воведените санкции од страна на Западот, според која украдена пченица и други житарици низ светот, па дури и во Северна Америка.

Заобиколување на санкциите

Украина уште од порано ја обвини Москва дека го краде житото од силосите и складиштата во источните делови на земјата и дека делумно ги префрла на руска територија, но дека далеку најголем дел од пченицата се користи за продавање на пријателските земји на Русија – на Блискиот Исток и во некои земји од Африка.

Руската инвазија и војната што ја почна Владимир Путин, веќе имаат создадено криза на пазарот со житарици и со маслодајните растенија – со недостиг на овие растителни култури и со глобалното поскапување на храната, затоа што Украина и Русија – земјите кои се во војна – учествуваат со 29 отсто од вкупниот извоз на пченица.

Претставник на руската влада во окупираниот украински регион Запорожје, за руската новинска агенција РИА – Новости има признаено дека се извезува и се продава „запленетото“ жито.

„Блискоисточните и африканските земји се плашат од ваквата операција, за да и тие не се најдат под санкции, затоа што ги изигруваат санкциите на ЕУ и на САД, но ја купуваат „нашата“ пченица. Тоа го прават преку посредници и според посебно уредената шема“ – рекол овој претставник.

Намерно предизвикување криза

Тој притоа потврдил дека само во областа на Запорожје под руска контрола се наоѓаат 1,5 милиони тони разни житарици.

Во меѓувреме, украинската амбасада во Бејрут соопшти дека Русија има испратено 100 илјади тони пченица на својот сојузник на Блискиот Исток – Сирија на Башир ал Асад, што амбасадата го третира како „криминален акт“.

Путинова Русија освен што има запоседнато делови од истокот на Украина, има покорено и големи делови од украинскиот морски брег, каде има воспоставено поморска блокада на пристаништата, недозволувајќи извоз на украинската пченица и на житото кое е определено за извоз уште од пред инвазијата од 24 февруари.

Москва, на тој начин, се определи да ги користи житото и храната како оружје во војната, свесно предизвикувајќи глобална криза со храната и глад во делови од светот.

Сето тоа, како одмазда за изолацијата во која се најде Москва по агресијата, уште арогантно и цинично обвинувајќи го Западот дека е (наводно) виновен за ситуацијата со храната – затоа што им биле воведени санкции – за агресијата што Русите ја извршија врз една независна и суверена држава, членка на ОН.

Лажни ветувања на Москва

Светската програма за храна на ОН уште на почетокот од мај предупредија дека луѓето во светот ќе гладуваат доколку „итно не се деблокираат украинските пристаништа“ на Црно Море – за да се испорачува житото.

Се стравува дека неколку стотина милиони луѓе буквално ќе гладуваат, затоа што зависат од тие запленети, украдени и блокирани количества пченица и други житни култури.

Според оваа организација на ОН, во Украина се заробени безмалку 25 милиони тони разни житарици.

Москва и самиот Путин, од време на време, даваат лажни ветувања дека нема проблем да се испорача блокираното жито, како и дека се „подготвени за спогодба“ околу морски коридор за извезување на житариците.

Но како и се досега, уште од пред инвазијата, рускиот претседател покажува дека е политичар кому не може да му се верува. Особено откако стана јасно дека и храната ја користи за одмаздување кон Украина и кон Западот, прикажувајќи се пред руската јавност како некаков „херој“.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе