Поврзете се со нас

Skopje Global

Трендови + Општество

Бесплатен превоз само во Луксембург

Boarding2Now/Depositphotos.com

Бесплатен превоз само во Луксембург

Многу малку локации во Европа имаат воведено бесплатен јавен превоз – покажува едно германско истражување, покренато од идејата наместо автомобилот, да се користат градските автобуси, трамваите, подземната железница, или регионалните возови. Сето тоа како мерка за заштита на стандардот на луѓето од сега скапото гориво, како и за заштита на човековата околина – за запирање на загрижувачките климатски промени.

Бесплатниот превоз, сепак, не е бесплатен.

Некупувањето карта за превоз во јавниот сообраќај, од страна на граѓаните, мора од некаде да се компензира, а тоа, главно, се прави со средствата што се земаат од државниот и градскиот буџет, за да се покријат трошоците на компаниите кои менаџираат со ваквиот превоз. Буџетите, меѓутоа, се полнат од даноците кои граѓаните ги уплатуваат во државната и во градската каса, со што се затвора кругот на потребите на граѓаните и на можностите на државите.

Политикански побуди

Во секој случај, повеќе земји во Европа имаат покренато иницијативи за неплаќање карти во јавниот превоз.

Но, како сега стојат работите, станува збор за експериментални, пилот – програми, за намалување на загаденоста на воздухот во градовите, по што, најчесто, следи откажување – кога ќе се пресмета цената на ваквата операција.

Затоа, излегува дека иницијативата, главно во форма на идеја, во далеку најголем број случаи, се покренува од политикански и популистички побуди – за да политичарите им се додворуваат на гласачите.

Што се однесува до германското истражување, тоа е покренато по руската инвазија врз Украина која ги покрена, или ги интензивира кризата со енергијата и скокот на цената на бензинот и гасот.

Тоа, пак, ја обнови дебатата за бесплатниот превоз во јавниот сообраќај, затоа што сегашната ситуација на европскиот континент (и во Германија) се сведува на тоа дека горивото или може да го нема, или да го има доволно, но како многу скапо.

Германски експеримент

Во една ваква ситуација, германските власти се определија за еден необичен експеримент – во текот на јуни, јули и август – од државната каса да се субвенционира јавниот превоз во целата држава.

Одлучено е во текот на летото, месечната карта во јавниот превоз, да изнесува само девет евра, или десет пати помалку од редовната цена која изнесува 90 евра. Во Берлин велат дека целта е да се направи заштеда – во буџетот на граѓаните, но и на државата – со намаленото трошење на скапите горива за автомобилите.

Во крајна смисла се верува дека овој експеримент може да го популаризира и да го поттикне вкупниот јавен превоз.

Некои други земји, пак, размислуваат, сепак, да воведат бесплатен јавен превоз. Истрагата на Дојче Веле, меѓутоа, покажува дека бројот на таквите земји е мошне мал и дека во основа – од тоа сите бегаат.

Луксембург и Малта

Само супер богатиот Луксембург, останува единствената држава во ЕУ која има ваков превоз, додека уште една малечка држава, островот Малта, најавува дека тоа ќе го направи до крајот на оваа година.

Тука завршува списокот, а се другото се сведува само на неколку европски градови – по еден во Белгија, Франција и Естонија, како и на данските острови. Во меѓувреме – и во Данска, а и во Белгија, се имаат откажано од бесплатниот превоз.

Кога станува збор за Луксембург, бесплатниот превоз е воведен во март 2020 година, но во војводството живеат нешто над половина милион жители (помалку од градот Скопје) и станува збор за најбогатата држава во ЕУ и една од најбогатите во светот, според БНП по жител.

Се смета дека таа може да си дозволи една ваква мерка, уште повеќе што 40 отсто од вработените во војводството, без кои тоа не може, доаѓаат на работа од соседните земји – од Франција и Германија.

Намалување на загаденоста

Но, властите, велат дека засега немаат сознанија дали бесплатниот превоз го намалил бројот на возилата што минуваат низ улиците и патиштата на малечката држава. Посебно низ улиците на главниот град.

Малта, од друга страна, по површина е неколкупати помала од Луксембург, а на овој остров во Медитеранот има и помалку жители, па владата во Валета подолго време најавува бесплатен јавен превоз кој инаку се сведува само на градските автобуси што во исто време сообраќаат и низ целиот остров.

Мерката, велат, е мотивирана не толку од кризата со горивото и неговата цена, поради војната во Украина, туку за намалување на загаденоста на воздухот (поради преголемиот број возила на малиот островски простор).

Владата нема проценка колку тоа ќе го чини буџетот, но веќе соопшти дека секој кој ќе сака да користи бесплатен превоз ќе мора да се пријави. Со оваа бенефиција е превидено да бидат опфатени и туристите.

Повисок данок за бесплатен превоз

Хаселт во Белгија, Данкерк во Франција и Талин во Естонија се градовите кои имаат воведено бесплатен јавен превоз.

Белгискиот град ваква мерка има воведено во 1997, но од тоа се откажа во 2013 година. Градот повеќе не можеше да го издржи товарот, особено што централната влада не сакаше да партиципира. Данкерк, на Ламамш. со овој модел има започнато во 2018 година – како мерка за „спас на градот“ од задушените улици.

Искуството покажува дека граѓаните се поделени. Според една студија, 50 отсто изјавиле дека сега почесто користат градски превоз, пет отсто рекле дека поради тоа ги продале своите автомобили, но 45 отсто признале дека и натаму на работа одат со своето возило и не користат јавен превоз.

Талин бесплатен превоз има воведено во 2013 година – како експериментална програма. Во време кога земјата беше тешко погодена од финансиската криза во еврозоната, започната на крајот од 2008 година. Мерката требаше да помогне во одржување на стандардот на луѓето, но за да таа опстои беа зголемени и градскиот и некои државни даноци.

Две години бесплатен траект

Граѓаните биле револтирани, но мерката сепак остана, иако нема никаков знак дека има придонесено за помало користење на приватните автомобили. Во Талин велат – оние кои ги имаат користено своите возила и по воведувањето бесплатен јавен превоз – продолжуваат несмалено да ги користат.

Случајот на Данска, меѓутоа, е посебен. Во изминатите две лета, данската влада се реши да воведе бесплатна траект врска до островите во Балтичко Море.

Мерката беше воведена од економски и чисто прагматични причини – за да се поддржи туризмот што целосно беше замрен поради 2,5 годишната пандемија со коронавирусот. Со владината одлука беше определено бесплатно патување со траектите само при патување без автомобил.

Но ваквата мерка траеше само две години. Кога заврши пандемијата, се укина и бесплатното користење на траект врските. Сега Данска нема бесплатен јавен превоз.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Трендови + Општество

Горе