Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Путин мисли дека е новиот Петар Велики

A1804/Depositphotos.com

Путин мисли дека е новиот Петар Велики

Во време кога Русија војува против соседна Украина, за да ја покори – Москва се одлучи за помпезно славење на 350 годишнината од раѓањето на еден од своите цареви во минатото – Петар Велики.

Во прославата се има вклучено и Владимир Путин, откако тој и официјалната пропаганда открија дека времето на некогашниот цар може да се искористи во сегашната незавидна ситуација во која се наоѓа земјата – изолирана поради војната – за да се зборува за руската моќ.

Но, многу повеќе за да се оправда инвазијата од 24 февруари, правејќи споредба со „славното минато“ и со (наводната) истоветност на тогашните настојувања да се вратат под своја контрола „руските земји“, со сегашната војна за да се грабне од Украина – барем целиот нејзин источен дел.

На свеченостите присуствувал и рускиот претседател кој зборувал за 21 годишната, т.н. Северна војна на Петар Велики.

„Судбина“ да се зема туѓа територија

„Војувал со Шведска и изгледа како да им има земено нешто, но тој ништо нема земено, освен што го вратил она што било руско“ – рекол Путин, споредувајќи ја тогашната воена кампања на царот – војсководец, со ситуацијата во која сега се наоѓа Русија, во која се најде само поради арогантната, одмаздничка и освојувачка агресија, што тој ја покрена и сега се одвива под неговата команда.

„Очигледно, и на нас сега ни било судено да го вратиме (она што е руско) и при тоа да ја зајакнеме нашата држава. Ако се тргне од тоа дека станува збор за темелните вредности и за темелот на нашето, руско постоење, тогаш сигурно е дека ќе успееме да ги решиме проблемите кои се пред нас“ – рекол Путин, користејќи го сега и Петар Велики за да оправда покренувањето војна во Европа, замислувајќи се себе си како овој руски цар од пред три века.

Путин е веќе 23 години на власт, која последнава деценија и повеќе се претвора во автократски. Изминатите месеци тој повеќепати се обидуваше да најде оправдување за она што и го прави на Украина, каде руската армада ја пустоши земјата, извршува брутални злосторства, убивајќи невини луѓе, уништувајќи градови и претворајќи милиони Украинци во бегалци.

Притоа, брутално и неодговорно, преправајќи ја историјата и на Русија и на Украина – негирајќи ја украинската национална традиција и национална посебност и украинската државност.

Петар и Владимир

Петар Велики е познат како суров владетел, иако историјата го има запаметено и како првиот кој ја модернизирал Русија – ја европеизирал и ја отворил кон Западот, кој владеел со земјата 43 години. Со него се гордеат како современите, така и конзервативните Руси.

Во мочуриштата покрај брегот на Балтичко Море изградил нов град и го нарекол по себе – Петроград. Изграден е на територијата што претходно ја освоил од Швеѓаните.

Станува збор за еден мегаломански проект кој освен што чинел многу пари, предизвикал и смрт на десетици илјади кулаци и кметови кои биле натерани на присилна работа додека го граделе „прозорецот на Петар Велики кон Европа“.

Во современо време, пред 70 години, таму е роден и Владимир Путин, па се верува дека приказните за славата, силината и бруталната моќ на царот Петар ги има учено и сегашниот руски претседател, додека студирал на специјалната академија за да стане оперативец на КГБ, во времето на Советскиот Сојуз.

Државата чиј распад тој не може да го прежали, па сега настојува – на секаков начин да ја обнови.

Путин сака автократи

Руската државна телевизија има подготвено специјална програма за Петар Велики во која овој цар е величан како силен војсководец, кој ги модернизирал војската и изградил морнарица, со чија помош ја зголемил територијата на Русија, одземајќи земји од Шведска и од тогашната Отоманска Империја, што сега Путин – како се чини – настојува да го копира, а жртва на таа амбиција е Украина.

Од порано е познато путиновото воодушевување со руските конзервативни и сурови цареви како Александар Трети, или премиерот од времето пред револуцијата Пјотр Столпин. На друга страна не ја крие својата омраза кон еден Ленин, или кон Никита Хрушчов, кои ги обвинува дека ја „ослабнале“ Русија.

Ништо подобар рејтинг кај него немаат ни Михаил Горбачов кој прв ја откри немоќта на СССР и заканата од банкротство на „црвената империја“, или Борис Елцин, првиот претседател на посткомунистичка Русија.

За Путин кој очигледно живее во (опасните) соништа на царистичка, империјална Русија, неговиот Советски Сојуз претставува „природна Русија“, што ќе рече дека руската држава треба (одново) да се смести на тој простор.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе