Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

И Мило Ѓукановиќ кај Вартоломеј

"Montenegrin Prime Minister Milo Djukanov" (CC BY-SA 2.0) by oscepa

И Мило Ѓукановиќ кај Вартоломеј

Црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ се сретнал во Цариград, со Вселенскиот патријарх Вартоломеј, во седиштето на патријаршијата која се наоѓа во делот од градот на Босфор, познат како Фанар. Станува збор за прва посета на еден шеф на црногорската држава на цариградската патријаршија после 123 години, од посетата на тогашниот кнез на Црна Гора Никола, во 1899 година.

Во службеното соопштение се вели дека Вартоломеј го известил Ѓукановиќ за претстојната (прва) посета на поглаварот на Охридската архиепископија, архиепископот Стефан. Црногорскиот претседател, од своја страна зборувал за историските околности во кои Црна Гора, повеќепати, ги има обновувано својата независност и меѓународниот субјективитет.

Дилеми околу целта на посетата

Ѓукановиќ на средбата со вселенскиот поглавар, според медиумите во Подгорица и во Белград, зборувал дека е „горд на илјада годишното црногорско постоење“ како и на фактот за „континуираната борба за државност и за слобода и за длабоката историска врска меѓу државата и црквата“.

Притоа е постигната согласност за натамошно одржување на контактите меѓу двете страни. Во соопштението уште се открива дека Вароломеј, по официјалните разговори, го благословил крштевањето на внукот на Ѓукановиќ, што претходно било извршено во Цариградската патријаршија.

Во длабоко политички, национално и религиозно поделената Црна Гора, која полека излегува од безмалку двегодишната криза, веста дека претседателот на државата бил во посета кај Вселенскиот патријарх, веднаш има предизвикано различни коментари.

Од тоа дека посетата е дел од настојувањето за натамошно градење на идентитетската и политичка посебност на државата, до шпекулациите – во Подгорица и во Белград – дека престојот на Ѓукановиќ во Фанар, претставува чекор кон исполнување на неговата амбиција за добивање автокефалност за Црногорската црква.

Потиснување на автокефалноста?

Тоа никаде и никој официјално не го споменува. Нема никаква реакција за посетата ниту од српската црква под чија директна надлежност е црногорската митрополија.

Но, се посочува дека посетата на претседателот на државата доаѓа непосредно по канонското признавање на МПЦ/Охридска архиепископија од страна на Вартоломеј кој во таа прилика сугерираше Скопје и Белград брзо да ги надминат разликите.

А, особено по давањето на томосот на СПЦ за македонската црква, со што Соборот на СПЦ се согласува МПЦ да стане автокефална и независна од српската црква. Притоа, надминувајќи во само шест денови спор стар шеесетина години и уште откажувајќи се од побарувањето на црковните имоти, што српската црква (претходно) ги побаруваше, на територијата на Северна Македонија.

Црногорската црква имала автокефалност, по признањето на независноста на државата на Берлинскиот конгрес во 1878 година, но ја има загубено при создавањето на државата Југославија, со Версајскиот договор, кога дотогашното Кнежевство Црна Гора, влегува во новата држава. Црквата тогаш станува дел од СПЦ и останува под нејзина јурисдикција до денес.

Религија и политика

Ѓукановиќ во изминатите неколку години настојуваше земјата да излезе од црковната надлежност на СПЦ и одново да биде самостојна.

За тоа покрена и изгласување закон за регистрација на црквите во Црна Гора и на нивниот имот, што предизвика бурна реакција кај Србите во Црна Гора и длабока криза во односите со СПЦ и со Србија, која црногорскиот претседател ја обвинува дека ја користи црквата за своите политички цели и за изградбата на т.н. српски свет.

Во меѓувреме, законот за црквите беше укинат, а новата влада во Подгорица и српската црква имаат изработено “Темелен договор“ за статусот и делувањето на СПЦ на територијата на Црна Гора, што се најавува дека ќе биде потпишан до крајот на јуни.

Она што предизвикува сомнеж во заднината на посетата на Фанар од страна на Ѓукановиќ, во овој момент, тоа е споменувањето на посетата на македонскиот архиепископ на Вселенската патријаршија, во службеното соопштение.

Претпоставка е дека Вартоломеј, по давањето автокефалност за украинската православна црква и по признавањето на МПЦ/ОА, која сега е на чекор до целосна автокефалност, би можел да се сврти кон решавање и на црногорското црквено прашање.

Потиснување на РПЦ

Сепак, впечаток е дека малку е веројатно тоа да се случи.

Особено по сето она што се случи околу давањето автокефалност на МПЦ/ОА, со што српската црква настојува да го смени својот имиџ на националистичка црква. Сега излегува дека таа може да прави компромиси околу горливи прашања оставени од минатото и преку тоа да ги изглади и своите нарушени односи со Вселенската патријаршија и со Вартоломеј.

Од друга страна, руската инвазија на Украина, во која има уништено на десетици тамошни цркви и особено осудата на Вартоломеј за рускиот патријарх Кирил, од кого вселенскиот патријарх побара оставка, затоа што ја брани војната, го издигна (одново) на позицијата – да биде вистински прв меѓу еднаквите.

На тој начин, што бруталната војна му помага да се извлече од сенката во која со години го става руската црква. Силно врзана за Кремљ и ставена во служба на Владимир Путин, РПЦ настојува да ја преземе улогата на Вселенската патријаршија, а патријархот Кирил да го направи да биде некаков “православен папа“. И тој и црквата ставени во функција на руската државна политика.

(П.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе