Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Лавров не долета на Балканот

alexeynovikov/depositphotos.com

Лавров не долета на Балканот

Сергеј Лавров, шеф на руската дипломатија, на 6 јуни требаше да се најде во Белград, во време кога овој јастреб на руската надворешна политика и еден од креаторите на агресијата на Москва врз Украина, се наоѓа под строги санкции од ЕУ и од САД, поради неговата улога покренувањето војна на тлото на Европа- каква немало од 1945 година.

Според едни сознанија- Лавров сам се поканил-  порачувајќи им на српските власти дека тој ќе допатува на тој датум. И тие морале да го прифатат гостинот.

Според друга верзија- неговата визита, во невреме, во екот на најголемата безбедносна и политичка криза на Стариот континент во последните 80 години,  е дел од дилот на српскиот претседател со Владимир Путин, направен за снабдувањето на Србија со руски гас по (наводно) поволна цена во следните три години. Договор во стилот- српската страна и понатаму ќе добива гас , но за возврат, ќе треба да го прифати Лавров- во дводневна посета.

Закана со ракетен напад!?

Не се знае која од овие две верзии е поточна, но како и да е- министерот не допатува во Белград и на Балканот. Посетата беше откажана во последен момент, затоа што трите соседни земји на Србија- Бугарија, Северна Македонија и Црна Гора- одбија да  дадат дозвола за прелет на спацијалниот руски авион, придржувајќи се и почитувајќи ги санкциите на ЕУ со кои европското небо е затворено за сите руски авиони.

Уследи гневна реакција на Москва, полна со закани.  Од тоа дека Русија ќе се одмазди на тој начин што ќе ги прекине на дипломатските односи со овие три земји на Балканот, дисквалификувајќи ги во познатиот советски манир, но дека ќе бидат казнети  со испраќање на интерконтинентална ракета.

Толку далеку отиде  ( на Твитер) директорот на „РосКосмос“ – Рогозин кој прво и се закани на  „неблагодарната “ Црна Гора, порачувајќи дека на една таква ракета „ не и треба дозвола за прелет“, а подоцна, заканата беше префрлена  и за Бугарија и Македонија.

Смислена провокација на Москва

Тврдата реторика упатена кон трите балкански земји, предизвика голем публицитет во Европа.

САД реагираа со подршка , објаснувајќи дека станува збор за суверена и оправдана  одлука на овие три држави, а сите реакции тргнуваа од тоа дека – очигледно- патот и посетата на Лавров на Белград беше смислена провокација на Кремљ и на официјална Москва.

Сосема е јасно дека Лавров ( со него требаше да патува и воинствената портпаролка на руското МНР, Марија Захарова) сосема добро знаел дека не може туку така да долета до српскот главен град, преку воздушниот простор на европскиот континент, инаку затворен за него и неговиот авион. Затоа и се верува дека целта беше да се манифестира ароганцијата на министерот и на Москва , во време кога руската страна која е целосно изолирана , станува се повеќе фрустрирана од таквата состојба.

Но и за да им се покаже на Балканот и на ЕУ дека Србија и покрај притисокот што од Брисел се прави,  за воведување санкции кон Русија, таа останува пријател на Москва , сојузник и партнер, па дека  затоа Лавров може да допатува во Белград- кога ќе посака.

Агресивност и ароганција

Таа ароганција и агресивност беше видлива и со дневниот ред што (сам за себе) го има направено рускиот миностер. Освен со српскиот претседател, тој сакаше да се сретне – на територијата на Србија – со член на колективниот шеф на државата  на друга земја (БиХ) за да разговара за ситуацијата во Босна и за заедничката стратегија околу кризата во земјата.

Станува збор за средба со Милорад Додик кој веќе две години заговара распад на БиХ и отцепување на српската енклава Република Српска , што под своја контрола ја има овој босански политичар од редовите на српската етничка заедница, имајќи ја руската подршка за создавање на балканска верзија на Придњестровје.

Во таквата атмосфера и  во настојувањето на  Москва да ја префрли кризата од Украина, на Балканот, каде би требало да „заглават“  Западот, а пред се ЕУ и НАТО, соочувајќи се дури и со испровоциран воен судир, Белград и Србија останаа да бидат- ниту на небо, а ниту на земја- како што тоа го напиша еден белградски аналитичар, објаснувајќи ја бесмислената политика со седење на два стола .

„Фала комшии- ја спасивте Србија“

Група демонстранти во Белград се појавија со транспаренти на кои пишуваше- „Фала ви комшии, што ја спасивте Србија од срамотата“.

Тамошната русофилска ултра десница и националистите, меѓутоа, ги осудуваа властите во Софија, Скопје и Подгорица што се „осмелиле да му го блокираат патот на еден руски министер“. Притоа, критикувајќи ја „попустливоста“ на Александар Вучиќ кон српските соседи, посебно оние од екс Југославија, затоа што наместо остро да ги осуди и прекори- тој „следниот ден, мирно, замина за Охрид“.

Проевропските српски коментатори, пак,  оценуваат дека после оваа руска провокација, Србија ја има загубено својата толку фалена и промовирана „неутрална позиција“ кон Западот и кон Истокот , затоа што со прифаќањето на посетата на Лавров- во овој момент и во сегашната ситуација- официјален Белград застана на страната на Русија.

Особено откако српскиот претседател бранејќи се себе си од критиките во Европа и од проевропските сили во самата Србија – ги бранеше и Лавров и Русија.

„Што тоа некому лошо сме му направиле, освен што што не се согласивме да бидеме дел од глутницата“ , за околностите под кои рускиот министер требаше да биде во Белград- има речено Вучиќ во обраќањето за домашната јавност.

Откажување од неутралноста?

Овие коментатори се на мислење дека токму трите српски соседни земји ја спасуваа власта, правејќи и услуга на Србија, но Вучиќ , како што се гледа од изјавата , нив ги стави во „глутницата“ која се „настрвила“ против визитата на Лавров.

Затоа се смета дека српската „неутралност“ сега ја нема, а дека претседателот на државата покажува „страв од Путин“  , па се откажува од воведувањето санкции кон Русија и од подршка на единствената надворешна политика на ЕУ. А, тоа е еден од условите при пристапните преговори на земјата за влез во Унијата.

Западот и натаму очекува Србија и Вучиќ да се престројат. Лавров , пак, во Белград требаше да ја предупреди српската страна – тоа да не го прави.

Во такви услови Србија ќе мора да продолжи да „оди по јајца“ иако постојат дилеми за тоа дали таа воопшто ќе може сето тоа да го издржи.

Безбедносна, наместо реформска агенда

Уште повеќе што над регионот на Балканот виси заканата од руско замешателство во една безбедносна кризна ситуација, која би можела да тргне во БиХ, но која би можла да стигне и до Северна Македонија.

Користејќи го за тоа српскиот национализам и популарноста на Путин во тие кругови , како и позицијата на СПЦ  која е силен подржувач на русофилството во земјата.

Во Европа се смета дека ЕУ не смее да дозволи ( Додик и Србија) да се инсталираат како „Тројански коњ“ на Балканот кој за сметка на Путин би покренал отворање „втор фронт“ во Европа, директно насочен за да ја растресе и ослабне ЕУ, како и за да го врати Балканот одново деценија назад, претворајќи го во кризно жариште.

Европски медиуми, затоа, инсистираат дека Брисел не може да продолжи со европски пари , да толерира седење на два стола. Од друга страна се сугерира , Унијата да покрене нова стратегија кон Западен Балкан, која нема да се заснива на реформската агенда, туку на безбедносната и на уредувањето заедничка надворешна политика.

Овие медиуми предлагаат да му се понуди на регионот ИНТЕГРАЦИСКИ ПРОЦЕС- што ќе рече-  во кус рок, од неколку години, земјите од Западен Балканм да станат дел од ЕУ.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе