Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Медведев за наследник на Путин?

LyazaTretyakova/Depositphotos.com

Медведев за наследник на Путин?

Бројните анализи на воени и на безбедносни експерти – на Западот, но и во самата Русија и се пораширеното тврдење за неуспех на руската војска во војната на територијата на Украина, во изминатите три месеци војување – поврзано со неочекувано големите загуби во луѓе и во техника – го покренаа прашањето за тоа како понатаму. Односно може ли Русија да се извлече од ситуацијата во која самата се вовлече, па дури и да прогласи некаква „победа“ и дали тоа може да го направи со Владимир Путин.

Независната, руска истражувачки определена станица Медуза, настојува да одговори на некои од овие дилеми и притоа открива дека „постојано се зголемува разочарувањето на руската елита во лидерството на рускиот претседател“.

Станицата оди и чекор понатаму, па тврди дека во овие кругови веќе се зборува и за тоа – кој би можел да го наследи Путин на лидерската функција и се задржува на – како што вели – два Сергеја и на еден Дмитри – или на три потенцијални кандидати – Сергеј Собјанин, Дмитри Медведев и Сергеј Киријенко.

Собјанин – човек од доверба

Сите тројца, меѓутоа, важат за блиски и мошне лојални соработници на актуелниот шеф на државата и сите тројца сега се во непосредна близина на Путин, иако ниту еден од нив, директно, не се врзува за инвазијата, ниту за покренувањето војна во најблиското соседство – против една поранешна советска република.

Собјанин е сегашен градоначалник на Москва, град од дваесетина милиони жители, рамен на добар дел од средноголемите европски држави. Важи за блисок до Путин кој во него има голема доверба, па токму нему му дозволи да ја открие вистината за експлозијата на коронавирусот, за првичното неснаоѓање на властите со пандемијата.

Токму Собјанин призна дека бројот на заразените и на починатите, на почетокот од заразата, е многу повисок од оној што се прикажува. Во Москва се тврди дека таа блискост со рускиот лидер се огледува и во можноста што и е дадено на сопругата на градоначалникот, да биде главниот „градежник“ во главниот град.

Враќање на Медведев

Дмитри Медведев е далеку најпознат во оваа тројка од (наводни) кандидати за наследници на Путин. Тој е поранешен руски претседател во еден мандат, кога му го чуваше местото на Путин додека овој беше премиер, четири години, за да може потоа одново да се кандидира за претседателската функција, а Медведев да се врати на работа како – премиер.

Сето тоа беше изведено колку „легално“ да се заобиколи Уставот кој (до скоро) не дозволуваше еден политичар да биде повеќе од два мандати – едно по друго – во Кремљ. Но, Путин, сепак, го смени Медведев од функцијата и го пензионира, како заменик претседател на рускиот Совет за национална безбедност.

Официјално поради незадоволителните резултати на владата, врзани за стандардот на луѓето и за снабденоста на пазарот. Но, руската опозиција тогаш тврдеше дека на Медведев му било замерено за „раскалашниот живот и за натрупаниот имот во странство“ – тврдење кое не беше потврдено, но никогаш не беше ниту демантирано.

Изгледаше дека е тргнат сосема на страна, но од извесно време Медведев е се повеќе присутен на политичката сцена со „пензионерската“ функција во Советот, во кој претседател е самиот Путин. Поранешниот претседател и премиер наеднаш почна да се јавува со изјави со кои силно го брани рускиот претседател, јавно пресметувајќи се со Западот.

Незадоволство во „високите кругови“

Сергеј Киријенко, пак, е најмалку познат и за пошироката руска јавност. Тој е прв заменик шеф на претседателската администрација и важи за човек од доверба.

За својата истражувачка работа, Медуза се повикува на извори за кои вели дека се блиски до Кремљ кои тврдат за поделеноста што постои во „високите кругови“ околу војната, како и за незадоволството.

Оние кои се противат уште од почетокот на агресијата, уверувајќи дека војната е контрапродуктивна за Русија и е против руските интереси, се повеќе се незадоволни од Путин. Оние другите, во Кремљ, пак, кои од почетокот ја одобруваат инвазијата врз Украина и војната, исто така се незадоволни од рускиот претседател, но поради малиот напредок и затоа од лидерот бараат уште посилен пристап од досегашниот и тотална војна со Украина.

Како сега стојат работите, оваа втора група незадоволници и натаму се во предност и (практично) тие ја водат војната, така како што тие сакаат – и на фронтот и со воинствената реторика во обраќањето кон Западот и посебно кон САД.

Русија без Путин

Тука се министерот за одбрана Сергеј Шојгу, воинствениот шеф на дипломатијата Сергеј Лавров кој над 18 години му е лојален на Путин, уредувајќи ја надворешната политика како што ќе каже лидерот и (изгледа) најмоќниот и најопасниот во Кремљ – Николај Петрашев, човекот кој ги раководи сите тајни служби и кој е најсилниот националист, воинствено определен кон Западот и кон НАТО.

Петрашев веќе на неколкупати се има огласено за целите на „интервенцијата“ кон Украина, заговарајќи целосна контрола врз соседната држава, што практично значи нејзина окупација, но и расцепување на украинската територија. „Оваа земја никогаш повеќе нема да биде она што беше досега“ – има речено овој поранешен силен човек на некогашното КГБ.

Медуза во својата истрага, како што вели. пренесува мислење на „високо поставени и моќни луѓе“, но вели дека станува збор и за членови на владата кои се НЕЗАДОВОЛНИ што Путин воопшто покрена агресија и војна, „не замислувајќи за последиците – најсилните досега санкции на Западот, како и изолацијата во која се најде Русија“.

Притоа се тврди дека и во кругови блиски до администрацијата на рускиот претседател – “ отворено се расправа за една идна Русија, но без Владимир Путин, како и за тоа дека се водат разговори околу тоа кој би можел да биде најдобриот избор за наследник“.

Разлики во Кремљ

За „разликите во Кремљ“ во една прилика има зборувано и рускиот амбасадор во Вашингтон кој има признаено дека во Кремљ има луѓе кои се противат на војната и кои бараат таа да се заврши.

Но, тоа го има речено во контекст на „дискретните понуди“ за некаква спогодба за мир, што амбасадорот ја отфрла доколку таа бара, запирање на војувањето, повлекување на руската војска од целата територија на Украина и извинување на Русија за инвазијата,

Ова објаснување на рускиот амбасадор, како да се надоврзува на неприфаќањето и на италијанската иницијатива за прекин на војната – со преговори под патронат на ОН и на ОБСЕ, што Москва (како што се тврди) ја смета за неприфатлива се додека на властите во Киев им се дава ново вооружување.

Руската страна одбива било каква (мировна) иницијатива која би тргнала од тоа дека Русија е виновна за војната.

„Смена поради нарушено здравје“

За можноста Западот и Русија да ги обноват сега целосно разурнатите односи има зборувано и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Притоа, таа има порачано дека Западот е подготвен за обнова на односите, (во едни други услови), но дека тоа е работа на рускиот народ, што се разбира како порака дека тоа може да се случи со нов човек во Кремљ.

Впечаток е дека на таа основа, Медуза ја има направено и листата од тројца потенцијални наследници. Меѓутоа, смената на врвот на Русија ова истражување не го гледа низ воен, или политички пуч, иако зборува за „блиска иднина“ кога е во прашање новиот руски лидер.

„Претседателот има премногу погрешено, но тоа на некој начин би можело да се поправи, со некаков договор со Западот и со Украина“ – рекол соговорник на Медуза чиј идентитет не се открива.

Се појаснува само дека сето ова може да се подведе под – „разговори околу иднината“ – во кои основното е дека Путин би можел да се повлече, само доколку дојде до влошување на неговото здравје – што индиректно се навестува дека тоа и би можело да биде изговор за покривање на (евентуална) смена на врвот.

(Р.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе