Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Сорос: Војната во Украина ја потресе Европа

Chinaimages/Depositphotos.com

Сорос: Војната во Украина ја потресе Европа

Американскиот милијардер и филантроп Џорџ Сорос (91) предупреди дека „нашата цивилизација би можело да не ја преживее руската инвазија врз Украина, а таа да биде знак за почеток на Трета светска војна“.

Според Сорос кој учествува во работата на економскиот форум во Давос (Швајцарија), војната што Русија и ја наметна на Украина ја има потресено Европа, па затоа е потребно светот да ги искористи сите ресурси што ги има на располагање, за да се заврши војната – што е можно побрзо. А, тоа според Сорос значи, да се порази Русија – за да се спаси нашата цивилизација“.

“Руската позиција е послаба“

Овој американски милијардер, инаку Европеец по потекло (роден е како Евреин во Унгарија, од каде има емигрирано во САД, пред нацистите) смета дека Европа, сепак, е во многу посилна позиција, отколку што тоа, претходно, се мислеше, со оглед на европската зависност од рускиот гас.

„Путин го складира својот гас, наместо да го извезува во Европа. На тој начин тој создава криза со недостиг на гас, но до јули Русија ќе остане без складишен простор за својот гас, па тогаш не ќе има друг избор освен да и го продава на Европа/ЕУ, која е нејзин главен и најголем, ако не и единствен пазар” – рекол Сорос.

Според него, паметно беше од путинова страна кога ја уценуваше Европа, заканувајќи се дека ќе и го прекине гасот. „Но, излегува дека неговата позиција е многу помалку силна од онаа што тој и Кремљ настојуваат да ја покажат“ – тврди овој американски милијардер.

Намалување на енергетската зависност

ЕУ сега настојува да ја намали својата зависност од рускиот гас и нафта – за цели две третини – до крајот на оваа година.

Засега, меѓутоа, не може да се постигне единство, поради отпорот на некои земји – членки на ЕУ, што ги предводи Орбанова Унгарија. Будимпешта е најголемиот сојузник на Владимир Путин во рамките на Унијата и практично претставува „Тројански коњ“ на Кремљ во ЕУ.

Германија која до скоро тврдеше дека има дилеми околу ваквата одлука на Европската комисија, сега веќе ја критикува унгарската позиција како неевропска и во функција на поддршка на путиновата војна во Украина.

Во меѓувреме, Литванија се огласи со соопштение дека ги прекинува сите енергетски врски со Русија. Оваа балтичка држава е првата членка на ЕУ која го прекина увозот на гас, нафта и струја од Русија.

Безбедноста пред профитот

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, поранешен норвешки премиер, учествувајќи на Форумот во Давос ги повика земјите – кои сега се однесуваат како да се неутрални во војната што Москва им ги наметна на Украина и на Европа, да не тргуваат со својата безбедност, за да извлечат некаков економски профит.

Ваквата порака се однесува и за некои земји во НАТО, предупредувајќи дека војната покажа колку е опасна зависноста од рускиот гас за ЕУ (и за земјите од Алијансата), но и зависноста од Кина, кога станува збор за користење на нејзината 5 – G мрежа.

„Слободата е многу поважна од слободната трговија. Заштитата на нашите (западни демократски) вредности, е многу поважно од профитерството“ – има речено Столтенберг во Давос – практично – надоврзувајќи се на зборовите на Џорџ Сорос.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе