Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Пченицата станува оружје на Русија“

gints.ivuskans/Depositphotos.com

„Пченицата станува оружје на Русија“

Урсула фон дер Лајен ја обвини Русија дека ја користи храната и пред се, пченицата како свое оружје во очајничкото настојување да извојува победа во војната во Украина.

„Резервите со храна, се користат од Русија како нејзино оружје, свесно предизвикувајќи глобални последици (за населението), што е истоветно со начинот на кој се користи и енергијата – гасот и нафтата“ – има речено претседателката на Европската комисија (ЕК) Фон дер Лајен на економскиот Форум во Давос.

Таа притоа има побарано глобална соработка за надминување на состојбата околу храната, која според неа би бил и најсилниот одговор на руската уцена.

Претседателката на ЕК обвинува дека “окупаторски сили на Кремљ, на освоената украинска територија ги конфискуваат резервите и залихите од житни култури, од пченица, како и од маслодајни растенија, крадејќи ги притоа и машините за сеење и за прибирање на родот“.

Уцени од Москва

Во исто време, руската црноморска флота, со месеци ги има блокирано украинските градови на брегот на Црно Море, што се преполни со залихи од храна – пченица и сончогледови зрна – не дозволувајќи бродовите да испловат кон земјите нарачатели, кои веќе имаат и платено за таа храна.

Руската инвазија врз Украина од 24 февруари и војната што потоа се покрена, како и одлучниот одговор на Западот да се изолира Русија, како казна за агресијата врз една независна држава, предизвика голем скок на сите житни култури и посебно на пченицата, потоа на маслото за јадење, на вештачките ѓубрива и на целата енергија.

Организацијата за храна и за земјоделство при ОН (ФАО) предупредува на опасноста од појава на глад во делови од светот, доколку не се деблокираат украинските пристаништа и доколку од таму не тргнат бродовите со неопходната храна.

Реакциите на Москва, меѓутоа, се арогантни и претставуваат отворена уцена кон светот. Се бара Западот и ЕУ, претходно, да ги тргнат воведените санкции – инаку определени само за извршената агресија, без никаков повод – па после да можело да се зборува за деблокада на пристаништата!?

Страв од глад во светот

Украина е една од најголемите светски извозници на храна, но од инвазијата и војната, земјата е преполна со залихи од основните житни и маслодајни култури, поради руската блокада, воведена од одмазда за неуспесите што ги трпи на фронтовите. Во тој стил – одмазднички – е и одговорот на руската страна.

Официјална Москва студено порачува дека „не е виновна за сегашната криза со храната и со нејзината цена“. Настојувајќи притоа да се „оправда“ со санкциите кои и се воведени на Русија – за сите зла што досега ги има направено.

Излегува дека Европа, САД и светот требаше да го остават Владимир Путин да прави што сака со Украина и со Украинците, кој пак и не крие дека настојува да ја распарчи украинската територија и сите окупирани делови од земјата, да ги анектира, за да ги претвори во „руска територија“.

Според полскиот премиер Матеуш Моровјецки, претворањето на пченицата во оружје, на начинот како што тоа го прави Русија е „сурова уцена“ кон светот кој не е виновен што Москва ја губи војната.

Путин како Сталин

„Сето ова многу грубо потсетува на едно друго време, на постапките на Јосиф Сталин од 1933 година, кога за одмазда ги има оставено Украинците да гладуваат“ – има речено Моровјецки во интервју за Би – Би – Си. Тој потсетува на бруталната постапка на комунистичкиот диктатор, поради отпорот на украинските кулаци на колективизацијата на земјата и на земјоделските имоти.

Полскиот премиер уште има предупредено дека руската намера е да се создаде глобална криза со храна и посебно со создавање криза во реонот на Северна Африка, за да се предизвика масовна миграција кон Европа и кон земјите од ЕУ, за нивно казнување и за создавање криза во Унијата со која Путин војува уште многу пред да се нафрли врз Украина.

Во меѓувреме, од Москва, според тамошни изјави, се настојува да се ублажи првичната арогантна изјава и уцена. Најновото е дека од таму се тврди оти се „отвора коридор на Црно Море – секој ден во траење од по 12 часови – за цивилни бродови“.

Апел до милијардерите

Но, пред да може да се потврди ова (поинакво) уверување на руската страна, извршниот директор на Светската програма за храна, Дејвид Бизли ги повика милијардерите од светот да помогнат со своите пари за „поенергична поддршка во врска со ситуацијата во светот“.

Бизли јавно ги има повикано Џеф Безос и Илон Маск (кои сега трошат големи пари за нивните „играчки“ за летање до вселената и назад) за да се помогне во сегашната криза околу набавката на храна и за намалувањето на нејзината цена – пред се, на житните растенија.

Директорот Бизли реагира по најавите дека Маск има вложено шест милијарди долари во оваа Фондација, но од таму тврдат дека (засега) на сметката немаат добиено – ниту еден цент. Сепак, од оваа Фондација порачуваат дека остануваат на апелот и тврдат дека ваквиот повик – за помагање од страна на милијардерите – не е упатен само до американските, туку до сите други низ светот.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе