Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Вартоломеј со осуда за РПЦ и рускиот патријарх

Belish/Depositphotos.com

Вартоломеј со осуда за РПЦ и рускиот патријарх

Поглаварот на Цариградската патријаршија и Вселенски патријарх Вартоломеј, остро ги осуди однесувањето и постапките на Руската православна црква (РПЦ) и на нејзиниот патријарх Кирил, околу инвазијата на Русија врз Украина и војната во оваа земја.

Посебно околу тоа што наместо да ја осуди војната, руската црква го има изневерено православието, подржувајќи ја агресијата врз соседна Украина.

Во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ Вартоломеј рекол дека очекувал од рускиот патријарх да му се спротивстави на Владимир Путин, пред да ја нападне Украина и врз оваа земја да се почне инвазија, па дури ако треба и притоа да се повлече од позицијата.

„Не се согласувам и поднесувам оставка“

„Не е невозможно, сите православни цркви да не го осудат насилството, да не ја осудат војната. Но, однесувањето на руската црква не разочара. Не сакав токму црквата во Русија и братот Кирил да бидат тој трагичен исклучок. После ова, не знам како ќе може да се оправда себе си и како ќе ја смири својата совест“ – рекол Вартоломеј во интервјуто.

Според Вселенскиот патријарх, од рускиот Кирил сега се очекува – „да се издигне во овој клучен момент, па ако треба и да ја жртвува својата позиција“, но да му каже на Путин да се престане со војната.

„Господине претседателе, не се согласувам со вас и си поднесувам оставка – е она што рускиот патријарх би требало да го направи“ – има речено Вартоломеј за грчката телевизија ЕРТ.

Кремљ и после повеќе од три месеци од почнувањето на инвазијата (24 февруари) продолжува агресијата и наметнатата војна во Украина да ја третира како “специјална воена операција“. Започната (наводно) со цел за да се „ослободела украинската територија од нацистите“, што е одвратна измислица за да се најде изговор за неоснована и без никаков повод, покрената војна против јужната руска сосетка и против украинскиот народ.

Блискост на Кирил со Путин

Рускиот патријарх Кирил за кој се знае дека е мошне близок до Путин, уште веднаш ја подржа инвазијата и ја „благослови“ војната.

Подоцна, откако почнаа да се откриваат злосторствата на руските војници, поглаварот на РПЦ, уште еднаш, се огласи со уште погруба изјава за тоа дека војниците се борат за „вистинската цел“ и гинат на бојното поле за одбрана на Русија. Притоа, во еден момент, го прогласи Путин за – “од Господ даден бранител на татковината“!

Ваквата позиција на рускиот патријарх се рашири низ православниот свет со неразбирање и неодобрување.

Светскиот совет на црквите тогаш побара од рускиот поглавар да „интервенира во Кремљ и да посредува“ за да се запре војната во која беа убивани жени, деца и стари луѓе, а украинските градови беа безмилосно уништувани.

Рускиот патријарх, меѓутоа, никогаш не го сослуша и не го прифати ова барање. Токму и затоа Вартоломеј вели дека РПЦ и нејзиниот патријарх Кирил ги имаат изневерено очекувањата на православниот свет.

РПЦ контра Вселенската патријаршија

Изјавата на Вселенскиот патријарх доаѓа во време кога односите меѓу РПЦ и Цариградската патријаршија се „замрзнати“ на неопределено време, откако Вартоломеј (во 2018 година) ја призна за автокефална Киевската патријаршија, сега како Украинска православна црква (УПЦ).

Тоа предизвика гневна реакција на Кирил и на РПЦ, но и остра реакција на официјална Москва – на Кремљ и на руското МНР.

Руската црква објави дека ги прекинува сите контакти со Цариград, со Вселенската патријаршија и со Вартоломеј, заканувајќи се дека православието е на работ од целосен раскол и барајќи одлуката за автокефалност да се поништи.

Во Вселенската патријаршија, меѓутоа, знаат за настојувањата на РПЦ, посебно откако Кирил е патријарх, да се истисне Цариград од врховната позиција во православниот свет што ја има уште од 330 година, од нашата ера, обвинувајќи го Вартоломеј дека се однесува како – „источен папа“.

Станува збор за планот на Владимир Путин, преку руската црква да го има под контрола целото православие – како некаков „руски свет“ – за политички цели.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе