Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Педофилија во СПЦ во Црна Гора

pawopa3336/Depositphotos.com

Педофилија во СПЦ во Црна Гора

Обвинителството во Подгорица покрена постапка против Српската православна црква (СПЦ) во Црна Гора и против српскиот митрополит Јоанакије, за „прикривање педофилија во рамките на црквата“ и случајот веднаш предизвика бранување во тамошната јавност.

Митрополијата на СПЦ остро реагираше на обвинувањата, тврдејќи дека станува збор за „демонизација и за дисквалификација“ на српската црква, Адвокатот на жртвите на педофилијата, меѓутоа, ја обвини црквата дека уште веднаш врши притисок врз обвинителството, да се откаже од целата постапка.

Случајот го има пријавено невладината организација Монтенегро Интернешенел, врз основа на книгата на еден поранешен, помлад свештеник (ѓакон) и неговиот настап при промоцијата на книгата во Цетиње. Тогаш тој ја обвинил СПЦ за прикривање на случаи со педофилија во Србија, БиХ и во Црна Гора и рекол дека поранешниот, долгогодишен митрополит, сега починатиот Амфилохије, знаел за ваквите криминални случаи кај дел од свештенството, но дека никогаш и ништо нема преземено.

Книга – исповед на поранешен свештеник

Станува збор за книгата „Исповед за тоа како го убивме Господ“ за која младиот ѓакон има зборувано и во Белград, пред една година. Тогаш поранешниот свештеник има речено дека за ваквите негови тврдења постојат цела низа докази.

„Поседувам стотина искази и документи. Сите тие луѓе кои поминале низ пеколот на педофилијата и сексуалното злоставување во СПЦ имаат целосно руинирано здравје. Тоа се луѓе кои никогаш повеќе не ќе може да водат нормален живот“ – рекол на промоцијата поранешниот свештеник.

Во својата книга тој го споменува и сегашниот српски митрополит во Црна Гора, Јоанакије за кого вели дека цело време ги прикривал случаите на педофилија во црквата.

СПЦ на сето ова реагира арогантно и се брани обвинувајќи дека „со измислените обвинувања, се сака (одново) да се дискредитира СПЦ за да се продолжи со нејзиното прогонување во Црна Гора“.

Според локалните и белградските медиуми реагирал адвокатот на жртвите кој ја обвинил српската црква дека со своето реагирање, уште еднаш, се обидува да се постави над сите закони, над државата и над судот, тврдејќи дека самото покренување постапка, претставува анти – црковно дело.

„Политичко прашање“

Адвокатот уште тврди дека никој во случајот не ја суди црквата, туку дека е покрената постапка против оние кои имаат извршено акт на педофилија, како и против оние кои тоа го прикривале, сокривајќи ги и сторителите, иако тоа не смееле да го прават.

„Излегува сега дека не е демон оној кој силувал дете, туку како демон се прогласува обвинителот, или судијата кои се обидуваат да ги откријат сите факти и по нив да донесат одлука“ – изјавил за подгоричките медиуми адвокатот.

Аналитичарите на случајот различно гледаат на покренувањето на постапката, но сите се согласуваат дека тоа нема да и донесе ништо добро на СПЦ.

Други се на мислење дека станува збор за „политичко прашање“ затоа што црногорската држава нема друг начин да се пресмета со српската црква, освен јавно да ја дискредитира, заедно со нејзиниот митрополит.

Трети, пак, проценуваат дека случаите за кои се зборува во книгата, не се случиле на територијата на Црна Гора, па дека силувањата на децата не може да се стави под црногорска јурисдикција.

Тужба и во Британија

Не е прв пат, случаи на педофилија во рамките на СПЦ да се појават во јавноста. Медиумите потсетуваат дека двајца српски владици – Качавенда и Пахомије биле обвинети за педофилија и било организирано и судење, но тие никогаш немаат одговарано за своите злодела.

Судот во Подгорица соопшти дека од српските власти побарале да го сослушаат, во својство на сведок, авторот на книгата, но дека од Белград никој нема реагирано на ваквото барање.

Пред две години, шестмина жртви на сексуално насилство во СПЦ, имаат поднесено тужба до Вишиот суд во Лондон, во Британија, затоа што луѓето сега таму живеат. Но, лондонскиот суд се прогласил за ненадлежен, затоа што насилството за кое станувало збор, не се случило на територијата на Англија и Велс.

(Б.С.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Западен Балкан

Горе