Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Австралија: Лабуристите на власт после десет години

Anthony Albanese/Twitter

Австралија: Лабуристите на власт после десет години

На редовните парламентарни избори во Австралија опозиционата, лево – центристичка Лабуристичка партија извојува уверлива победа, освојувајќи ја власта после десет години. Лидерот на лабуристите Ентони Албанезе (59) ќе биде новиот австралиски премиер.

На таа функција тој ќе го замени досегашниот десничар Скот Морисон кој во сите овие години на функцијата и покрај победите на изборите, никогаш не успеа да се здобие и со популарност кај мнозинството Австралијци.

Првите анализи на изборите во саботата, покажуваат дека против Морисон и неговата либерално – националистичка коалиција гласале луѓето во градските средини и мнозинството од гласачите во Западна Австралија.

Свртување во лево

Она што сега претстои тоа е настојувањето на Албанезе, на победничката партија и на нејзините коалициски партнери од левиот блок, да обезбедат 76 пратенички места во Долниот дом на федералниот Парламент во Канбера од 151 пратеници, за да можат сами да формираат влада.

Резултатите од овие избори покажуваат дека австралиското гласачко тело се свртува во лево, што се гледа и во растот на партијата на Зелените кои идеолошки се блиски до левиот блок, како и на оние кои беа пријавени на изборите како вистински независни кандидати и исто така, во поголем број, се поблиски до тамошната левица.

Сите тие во текот на кампањата се залагаа за политиката на интегритет, за еднаквост на луѓето, за решавање на состојбата со климатските промени. Со или и без приклучување кон партискиот блок на новиот премиер, можат да создадат сосема поинаква слика на Парламентот од онаа, во време на владата на Морисон во кој доминираше десничарењето и конзервативизмот.

Менување на сликата за Австралија

Самиот Албанезе во првата изјава по победата им вети на Австралијците дека ќе работи на менување на сликата и претставата за Австралија во светот, посебно кога станува збор за тврдоглавото опирање на Морисон за прашањето на глобалните климатски промени.

Веќе во вторник Ентони Албанезе, како австралиски премиер, ќе патува во Токио, за да учествува во работата на Самитот Квада (САД, Јапонија, Индија и Австралија), на која ќе има билатерални разговори со американскиот претседател Џо Бајден, со индискиот премиер Нарендра Моди и со јапонскиот Фуоми Кишида.

„Самитот во Токио ни овозможува на светот да му кажеме дека Австралија има нова и поинаква влада. Тоа е можност и за да ги објавиме некои од промените во нашата политика, посебно кога станува збор за климатските промени и за австралиското ангажирање кон светот, врзано за тоа прашање“ – изјави новиот австралиски премиер.

Заминување на „Булдожерот“

Победата на Албанезе не е изненадување за јавноста во Австралија, поради непопуларноста на Морисон. Тој беше познат како „Булдожерот“ постојано бранејќи ја тезата дека треба да се „верува во чуда (во политиката)“. Особено по неговата изборна победа во 2019 година, кога сите му предвидуваа пораз.

Овој пат, меѓутоа, ништо не можеше да го спаси. Уште повеќе што изборите се совпаднаа со големите поплави кои одново ја нападнаа Австралија, за што експерти велат дека се последица на глобалните климатски промени

Морисон, пак, беше познат како политичар кој како и Доналд Трамп во САД и Жаир Болсонаро во Бразил (обајцата тврди десничари и популисти), го игнорираше проблемот со климатските промени. Дури и после катастрофалните пожари од пред некоја година кои вистински ја опустошија Австралија.

Уште тогаш почна да бледее популарноста на Морисон кој се бранеше пред гласачите дека тој е единствен кој може да се нарече “градител на Австралија“ и кој е заслужен за нејзиниот растеж. Особено што беше остана и единствениот сојузник на Трамп во западниот свет, што пак му има донесено многу негативни поени кај австралиските гласачи.

Албанезе во левиот центар

А, единствена работа за која Австралијците ќе му бидат благодарни тоа е острата и на моменти сурова битка со коронавирусот, поради што Австралија две години се изолира од светот. Како и неговата принципиелна битка против тоа Новак Ѓоковиќ да влезе во земјата – невакциниран – само затоа што е тенисер број еден во светот.

Новиот премиер Ентони Албанезе е долго во домашната политика, во Лабуристичката партија.

Како функционер и како министер тој ги има поминато сите турбуленции во партијата, поради што таа пред една деценија доживеа тежок пораз. Во 2013 година, кусо време беше и вице – премиер во владата на Кевин Рад.

Од тогаш тој беше главен фаворит за лидер, силно подржуван од левото крило на лабуристите. Откако во 2019 година стана лидер на опозицијата, Албанезе се има декларирано дека е во центарот на австралиската левица.

Инаку, тој е првиот во врвот на домашната политика со скромно потекло. Израснал како единственото дета на самохрана мајка-пензионер во едно од предградијата на големот и богат Сиднеј. И, Албанезе е првиот премиер во 121 годишната историја на австралиската држава чије презиме не е англосаксонско.

(Г.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе