Поврзете се со нас

Skopje Global

Култура

Чистка за „неподобните“ во Болшој театарот

elenarostunova/Depositphotos.com

Чистка за „неподобните“ во Болшој театарот

Московскиот Болшој театар почна со чистка на режисерите и членовите на овој најпознат руски театар, на тој начин што ги симнува од репертоарот нивните балетски и оперски претстави, иако до скоро тие беа најавени со мајскиот календар.

Станува збор за „неподобните“ режисери кои веќе од порано се имаат јавно изјаснето против руската инвазија врз Украина и војната што таму се води повеќе од два месеци, па се смета дека станува збор за казнување и за одмазда на власта кон оние кои Кремљ ги дисквалификува како – „непатриоти“.

Одмазда за критиките за војната

Изминатиот викенд театарот соопшти дека три балетски претстави, поставени од режисерот Кирил Сребреников, се заменети со балетот „Спартак“ од композиторот Арам Хачитуријан. Освен тоа, наместо комичната опера „Дон Пасквале“ од Гаетано Доницети, која ја режира Тимофеј Кулјабин, на московската публика и се нуди „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини, но во режија на друг – подобен за власта режисер.

Управата на Болшој театарот одбива да ги објасни сите овие промени, но луѓето од светот на културата во рускиот главен град и познавачите на сегашните политички прилики во Русија, сметаат дека власта им се одмаздува на оние кои не ја подржуваат агресијата врз соседна Украина.

И Сребреников, како и Кулјабин се силни противници на војната и на сегашната воена кампања на Москва на украинската територија. Тие на неколку пати во изминатите два месеци имаат зборувано против војната и заговараат прекин на непријателствата.

Оставки и бегство во странство

Војната, во меѓувреме, веќе предизвика поделби во културниот свет на Москва и на Русија, иако набрзина е донесен закон со кој се казнува, како кривично дело, осудувањето на инвазијата и критиката на руската војска. Еден дел од авторите и луѓето од тој свет, како филмскиот режисер Никита Михалов, ја подржуваат војната на Владимир Путин и ја квалификуваат како „ослободителна“ и „одбранбена “ за Русија.

Другите, меѓутоа, посебно оние од светот на театарот, како и низа најпознати телевизиски водителски ѕвезди, ја критикуваат агресијата, а за да не се најдат во затвор, обвинети за „предавство“, повеќето имаат поднесено оставки на своите позиции.

Некои, пак, како балетската ѕвезда на Болшој тетарот, прима балерината Олга Смирнова, даде отказ и се пресели да живее и да работи во странство. Таа е сега членка на Холандскиот национален балет од Амстердам. Пред да замине изјави дека е „против војната со секое делче од душата“.

(М.Р.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Култура

Горе