Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Храната жртва на руската инвазија

Kukota/Depositphotos.com

Храната жртва на руската инвазија

Војната во Украина, што на оваа земја и ја донесе Русија, продолжува и натаму да носи разурнувања и смрт, па сигурно е дека ќе продолжи се додека Владимир Путин, единствениот виновник за неа, не определи кога да има крај на војувањето и на убивањето.

Жртви на неговата решеност – да се покори една држава во Европа, со воена агресија – на тој начин, не се само војниците од двете страни на украинските фронтови и илјадниците невини цивили, од Азовско Море, на истокот, се до Лавов на крајниот запад на Украина и од Харков на североистокот, до Одеса на југот, туку и оние кои се далеку од војната – луѓето во земјите на европскиот континент и уште подалеку од него – оние во земјите во развој.

Проценката е дека можеби 1,7 милијарди луѓе од планетата ќе бидат погодени од глобалниот кусок на храната, а со тоа и од енормниот раст на нејзината цена, што во крајна линија ќе предизвика појава на глад во делови од светот – кај најмалку развиените земји и дури и нивно банкротирање. И, сето тоа, поради војната во Украина.

Рекорди на маслото за јадење

Според анализите на Обединетите нации, војната создаде криза со храната која мошне тешко ќе ги погоди најсиромашните, но притисокот врз цените ќе удри и врз богатите и на големите држави.

Први на удар со поскапувањата се житните растенија и пченицата, како и сончогледот, како суровина за производство на маслото за јадење. Затоа што двете земји кои војуваат меѓу себе се главни производители на овие растителни култури во Европа, но учествуваат во производството на храна и за другите делови од светот.

Маслото за јадење во Лондон, во Британија, на пример, е поскапено 300 отсто, што е голем товар за обичните потрошувачи, но и за бизнисот со храна. Сопствениците на ресторани веќе зборуваат за големи загуби кои ги трпат поради поскапувањата, што тамошните медиуми го означуваат како „рекордно и кое досега не се памети“.

Над 50 отсто од светското производство на сончогледово масло се произведува од сончогледите што се добиваат од полињата во Русија и во Украина. Токму поради тоа, според проценките на ФАО, растителното масло е поскапено за 24 отсто – на месечно ниво – само во текот на март годинава. Тоа ги натера лондонските трговци да наложат да се купуваат само до најмногу две шишиња зејтин, за да не се прават домашни залихи, но и за да не се создава недостиг од масло, што ќе предизвика негово натамошно поскапување.

Смирување во 2023 година

Вака се реагира и во Германија и во уште низа европски земји, каде луѓето, поттикнати од шпекулантите и од лажните вести кои (од разни причини) кружат на интернет, продолжуваат да ги затвораат своите пари во создавање домашни резерви од храна.

Пред се, од зејтин, брашно, тестенини и друга храна – предизвикувајќи паника на пазарот и понатамошно зголемување на цените.

Меѓу другото и со намерно сокривање на резервите од овие производи што ги имаат трговците – за да се изнудат повисоки цени.

Од друга страна, експертите не очекуваат брзо смирување на состојбата на пазарот. Особено што војната предизвика милиони тони сончогледово масло за пазарите во Европа, да останат „заробени“ во Украина. Тоа автоматски создава криза поради намалената испорака, која ја зголемува цената. Во Британија, трговците, затоа, предупредуваат дека со сегашното темпо на трошење, резервите со кои располага земјата,  ќе исчезнат веќе во следните недели.

Во една ваква ситуација, европската ТВ станица Јуроњуз проценува дека поранешната состојба би можела да се врати дури во 2023 година и во секој случај – со завршување на војната.

„Москва создава криза со храната“

Високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, меѓутоа, зборува за тоа дека Русија ја користи и храната како свое оружје, со создавањето глобална криза со храна. Посебно кога станува збор за резервите со житариците, со намерното бомбардирање на украинските резерви со жито, сместено во силоси и во складишта кое, инаку, требаше да бидат извезено.

Брисел ја обвинува Москва дека намерно ја влошува ситуацијата со храна – според она, ако Русија нема доволно храна и низа други производи – затоа што војува и затоа што е изложена на тешките санкции – тогаш Европа и другите во светот – нека страдаат.

Ваквото однесување, во секој случај, значи свесно провоцирање глад во светот, на што предупредуваат и ОН, па под една ваква квалификација се става и руската поморска блокада на украинското пристаниште Одеса, од каде сега единствено би се испорачувало житото, или сончогледот, кога пристаништата на Азовско море веќе се уништени.

Затоа, Борел инсистира дека за кризата со снабдување со храна, што предизвикува нејзино енормно поскапување, не треба да се обвинува казнувањето на Русија и санкциите кои и се наметнати, туку тоа што Москва – без било каков повод – тргна со агресија кон една независна и суверена држава,  за да ја натера на капитулација.

Европскиот шеф на дипломатијата, сега инсистира да се прекине со увозот на руска нафта во ЕУ – како уште една казна, но и како ослободување од руската енергетска зависност и од уцените од Москва – како што тоа сега го прави со природниот гас.

Поскапување на сите производи

На пример, само за нафта во 2021 година, Европа на Русија и има платено четири пати повеќе пари отколку за гас, што го прави разбирливо барањето на низа земји – членки на ЕУ,  да се стави ембарго на увозот на руска нафта. Согласноста за тоа, меѓутоа, засега, оди тешко, а на ЕУ, на Европа и на светот, во меѓувреме, им претстои тешка борба за да се изборат со цените и поскапувањата.

Светска банка предвидува дека војната во Украина ќе предизвика „најголем (глобален) стоков шок по далечната 1970 година“, бидејќи се вели дека ќе дојде до поскапување на речиси сите производи – од гасот, до житото и памукот. Тоа, пак, ќе има големи економски и хуманитарни последици што ќе го погодат стандардот на домаќинствата низ целиот свет.

Анализата на Банката открива дека цената на енергијата ќе се зголеми за повеќе од 50 отсто, а во Европа најголем удар ќе има врз цената на гасот што е два пати повисока од времето пред војната и пред Русија да ги покрене тензиите со Украина, трупајќи војска на нејзината граница. Експерти предвидуваат смирување и пад на цените може да се очекува дури во идната година и во текот на 2024.

Но, проценка е дека и тогаш, гасот нема да чини толку колку што чинеше во 2021 година.

Најголем скок на цените по 1973 година

Во секој случај, светот се соочува со најголемото поскапување на енергијата од 1973 година, од времето на големата енергетска криза, кога цените „скокнаа до небо“ поради тогашната војна и криза на Блискиот Исток. А, Русија, агресорот во сегашната војна на Истокот од Европа, ја обезбедува ЕУ со 40 отсто од нејзините потреби и со 27 отсто од потребите со нафта.

Војната и скокот на цената на енергијата, се смета дека ќе покренат поскапување на храната.

Таа не само што ја има во помали количества, туку станува и поскапа. Според анализите на ОН, индексот на цените на храната е највисок во последните 60 години. Судирот на Русија и Украина што навлезе во третиот месец, значи и отсуството на тамошното производство ќе ја поскапи пченицата за 42 отсто, јачменот за 33, сојата за 20 а маслото за јадење за околу 30 отсто, споредено со состојбата од пред инвазијата.

„Не е време за протекционизам“

Во една ваква ситуација, генералниот секретар на Светската организација Антонио Гутереш ги повика сите земји во светот, за итно адаптирање на кризата која ја создаде војната.

Кога станува збор за состојбата со храната, генералниот секретар на ОН побара од сите земји да ги отворат своите пазари и да се откажат од планираното правење стокови резерви – од суровини, но и од готови производи.

„Ова не е време за протекционизам. Ако се настапува заеднички, секако ќе има храна за сите, а тоа ќе ја собори нејзината цена“ – вели Гутереш во специјалната порака.

Тој притоа ги повикува сите влади да се насочат кон мерки за социјална заштита и за материјални давачки за смирување на домашните пазари, што би му помогнало на населението – посебно на најзагрозените категории да не паднат во сиромаштво. Тие и онака ќе бидат најголемите жртви од кризата предизвикана од војната во Украина.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе