Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Молдавија – следна руска цел?

Ale_Mi/Depositphotos.com

Молдавија – следна руска цел?

Молдавската претседателка Маја Санду обвини – како што рече – „разни групи кои дејствуваат во Придњестровје што имаат интерес да ја дестабилизираат ситуацијата“ во Молдавија. Нејзината изјава доаѓа веднаш по вонредниот состанок на Врховниот совет за безбедност на Молдавија, што се одржал во главниот град Кишињев, по двете експлозии што се случија (што се случија на 25 и 26 април) во отцепената енклава Придњестровје.

Засега никој нема преземено одговорност за уривањето на високите метални столбови на кои беа радио антените за реемитирање на руска радио програма во енклавата. Станува збор за радио центарот „Мајак“ во истеченото село, одлачено 50 км. северно од административниот центар на енклавата – градот Тираспол.

Две експлозии во два дена

Еден ден пред тоа, локалните безбедносни власти во енклавата соопштија дека во раните утрински часови во понеделникот, биле гранатирани канцелариите на тамошната безбедносна служба што формално, како и Придњестровје се дел од молдавската државна територија, но веќе 30 години властите во Кишењев таму немаат никаква контрола.

И во двата инцидента е предизвикана голема материјална штета, но нема повредени лица, затоа што, и двете експлозии се случиле во време на православниот Велигден.

Санду, која е на функција од 2020 година, оценува дека станува збор за провокација, но не споменува кому одговара дестабилизација во уште една источноевропска држава, во време кога во молдавското соседство – во Украина – трае војна која ја предизвика Русија, по инвазијата од 24 февруари.

Москва, меѓутоа, од порано ја обвинува Молдавија дека не сака да ги почитува правата на тамошната руска етничка заедница, како и дека Русите во оваа поранешна советска република „постојани се изложени на притисок“.

Отцепена територија

Квалификации и обвинувања кои Русија ги искористи во Источна Украина во 2014 година, за да поттикне оружен бунт на проруските бунтовници во Луганск и Донецк, обвинувајќи ги за судирот „украинските националисти“. Во февруари годинава Москва го искористи обвинувањето за – наводната „закана од геноцид„ – врз локалните Руси за да ја признае „сувереноста и независноста“ на отцепените украински региони.

Придњестровје (Транснистрија) отцепена територија од Молдвија која ја има поддршката на Русија, но од никого досега не признаена енклава е една од последиците на распадот на СССР во 1991 година.

Станува збор за територија долга 400, а широка не повеќе од 20 км. меѓу источниот брег на реката Дњестар во Молдавија и границата на оваа земја со соседна Украина. На оваа територија живеат околу 470 илјади жители кои зборуваат руски јазик, но самите тие имаат речено дека се чувствуваат како Молдавци, Украинци или Руси.

Во 1992 година, избувна краткотрајна војна меѓу молдавските оружени сили и проруските бунтовници, во која се тврди дека имало 700 загинати. На страната на бунтовниците, застанаа руската армија, по што настана примирје, кое веќе три децении се третира како „замрзнат конфликт“.

Заканата на генералот Минекаев

Официјална Москва ја признава и ја заштитува „посебноста“ на енклавата, но ја нема признаено како независна држава, онака како што тоа го направи со Абхазија и Јужна Осетија (во Грузија) и со Луганск и Донецк (во Украина).

Војната во Украина го отвори одново прашањето за Придњестровје и напнатоста што досега некако се одржуваше под контрола, па се стравува дека енклавата и самата Молдавија би можеле да бидат следната руска жртва, во плановите и стратегијата на Владимир Путин за обнова на некогашниот Советски Сојуз.

Особено што експлозиите на почетокот од оваа недела, доаѓаат во време кога војната во Украина влезе во третиот месец, а провокациите во Тираспол и најблиската околина, за кои зборува претседателката Маја Санду, може да бидат вовед во некоја поширока операција на руската војска која и онака веќе е заглавена на украинската територија.

Особено откако рускиот генерал Рустам Минекаев отворено изјави дека освојувањето на Истокот и на Југот на Украина ќе овозможат копнено поврзување на Русија со „својата“ енклава.

Војска и база без мандат

И, тој во изјавата таквата операција настојува да ја „оправда“ со тоа дека „Русите во Молдавија и во Придњестровје“ биле наводно изложени на „силна пресија“, не криејќи повеќе за тоа која била вистинската цел за инвазијата врз Украина.

Тоа не е „заканата од НАТО“ на руската граница, ниту „нацизмот“ на Украинците, туку освојувањето на територијата од поранешните советски републики кои сакаа и се уште сакаат да се извлечат од контролата на Москва.

Во енклавата Русија има војска и своја воена база, која е таму без никаков меѓународен мандат. Околу илјада руски војници се грижат за безбедноста на големото складиште со муниција уште од времето на распадот на СССР и повлекувањето на советската војска од земјите на Источна Европа.

Властите во Кишинев од поодамна бараат заминување на Русите, но за тоа Москва не сака ниту да разговара.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе