Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Џонсон само парично казнет за „Партигејт“

gints.ivuskans/Depositphotos.com

Џонсон само парично казнет за „Партигејт“

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави дека ја платил паричната казна што му е изречена за непочитување на забраната за масовно собирање, односно поради прекршување на локдаунот против коронавирусот, што го воведе токму владата на чие чело се наоѓа.

Ваква парична казна за присуство на забавата, на 20 јуни 2020 година, во службената резиденција на владата, во Даунинг стрит 10 во Лондон, ќе мора да плати и министерот за финансии Риши Сунак, но и сопругата на премиерот – Кери Џонсон.

„Ковид забави“ во Даунинг стрит 10

Џонсон долго време се извлекуваше од обвинувањата во медиумите, како и на лабуристичката опозиција, прво одбивајќи дека воопшто присуствувал на „журката“, за да на крајот признае дека, сепак, имало забава на која тој и неговата сопруга биле присутни.

Во Парламентот подоцна јавно се извини, откако беше изложен на жесток притисок, со барање и за политичка одговорност, затоа што во времето кога Британците мораа да седат дома, во карантин и да не се собираат по никаков повод – повеќе од шест лица – во центарот на Лондон, во приватните простории на премиерот и во градината на седиштето на владата – се правеле забави на кои, во една прилика, имало и околу стотина лица.

Подоцна, во настојувањето да ја смири јавност, тој ја прифати одговорноста и јавно се извини. Но, и тогаш настојувајќи да се оправда – дека “не му паднало на памет оти собирањето во чест на неговиот роденден претставува прекршување на епидемиолошките мерки и на правилата“ – определени од неговата влада.

Досега казнети над 50 лица

А, лондонската Метрополитен полиција (засега) врши истрага за дури 12 забави, собирања и „журки“.

Досега со парична кана се казнети над 50 лица, за кои се знае дека се забавувале додека „обичните луѓе” не може ниту во паб, надвор, да се собираат, но сигурно е дека бројот на казнетите може да биде и двојно поголем.

Особено што целиот овој скандал, познат во јавноста како – „Партигејт“ – се однесува и на забавата што во службената резиденција на британскиот премиер, се одржала на само еден ден пред погребот на сопругот на кралицата Елизабета, принцот Филип.

Дури и медиумите кои се сосема блиски на конзервативците и силно го подржуваат Џонсон, ја осудија оваа забава како „крајно неморална“ и како „неодговорна и невкусна“ за еден британски премиер.

Четворица негови најблиски советници и блиски соработници од кабинетот, поднесоа оставки, кога се откри дека биле на журките, дека се фотографирале, а некои од нив уште и во „потпивнато“ расположение.

Опозицијата бара политичка одговорност

Ништо не било толку тајно, за да целата работа полека добива свој епилог, безмалку две години по случувањата, колку што и требаше на полицијата да истражи и да направи записник за тоа – колку луѓе имало и кој бил на премиерските корона – забави.

Постојат, конечно, снимки и фотографиите од собирањето, посебно од она во дворот на Даунинг стрит 10, на кое се гледаат лицата на присутните. Полицијата врз основа на тоа наплатува казни, па според тоа целата операција би можела, многу побрзо од досега да го заокружи и да го заврши својот дел од работата во врска со овој скандал.

Но, медиумите на опозицијата и опозицијата бараат за Џонсон и политичка одговорност.

Прво, затоа што сметаат дека е недопустливо министерот за здравство – на прес конференција да зборува за нови, построги мерки на карантин, а во истото тоа време, во другиот дел од владината зграда, да се кршат тие мерки. Со знаење и секако со согласност на премиерот. И, затоа што Џонсон долго време се извлекување околу „Партигејт“, што сега се покажува, лажејќи ги пратениците, Парламентот и британската јавност, околу скандалот.

Министрите во одбрана на премиерот

Лабуристите бараат од премиерот да поднесе оставка, а така мислат и партијата на Зелените и либералдемократите кои повикуваат – по сегашната Велигденска пауза – во Вестминстер да се гласа за довербата на Џонсон и неговата влада.

За сменување на Џонсон од лидерската позиција во неговата партија, се имаат изјаснето и повеќемина ториевски пратеници.

Меѓутоа, како сега стојат работите, мали се шансите тоа да се случи. Конзервативците и самиот Џонсон имаат големо мнозинство во Долниот дом, па тој би можел да го издржи гласањето за доверба дури и со „бунтовничките“ гласови на неговите пратеници.

Освен тоа, тој ја има поддршката на најважните министри во владата, чија позиција делува засилена, по нејзиното ангажирање околу војната во Украина – силно застанувајќи во одбрана на Киев, заедно со ЕУ, со САД и НАТО.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе