Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Москва“ тешко оштетена потона во Црно Море

depositphotos.com

„Москва“ тешко оштетена потона во Црно Море

Украинските власти соопштија дека рускиот ракетен брод-крстосувач „Москва“ бил нападнат, погоден и тешко оштетен со украинските противбродски  ракети од типот „Нептун“. Ударот  на ракетите предизвикал силна експлозија во складиштето со муниција на „Москва“, предизвикувајќи голем пожар.

Станува збор за водечкиот- адмиралски брод- на руската црноморска флота, па украинскиот напад претставува  удар врз воено-поморската сила на Русија во црноморскиот регион и во тој дел од Европа.

Во исто време, нападот врз адмиралскиот брод , уште закотвен во кримското пристаниште Севастопол, што по анексијата од 2014 година, Русите го сметаат за свое, се означува и како повреда на престижот на Русија како поморска воена сила.

Крстосувачот одвлечен за да потоне

На бродот имало 500 морнари , но засега, нема никакви сознанија дали во овој напад на Украинците има загинати и повредни.

Колку за потсетување, крстосувачот „Москва“ е бродот што беше инволвиран во нападот на руската морнарица врз украинскиот Змиски остров, што Русите го срамнија со земја, откако стационираната украинска воена посада одби да се предаде.

Руското министерство за одбрана, меѓутоа, објави сосема друга верзија за судбината на овој воен брод. Според официјална Москва, крстосувачат  навистина бил  тешко оштетен, но не од напад на украински ракети, туку од пожарот што избувнал на бродот, по што уследила силната експлозија.

Во првото руското соопштение беше речено дека сите членови на екипажот биле евакуирани, но сепак, не се открива дали воопшто има човечки жртви . Како и тоа  дека бродот ќе биде одвлечен на  некоја друга локација.

Во второто соопштение , меѓутоа, се открива дека „Москва“ била извлечена од Севастопол за да потоне на отворено море. Министерството доцна вечерта во четвртокот потврди дека  тешко оштетената  „Москва“  потонала, без да се прават обиди за нејзиното спасување.

Сериозен удар врз рускиот престиж

Воени експерти анализираат дека дури и навистина потонувањето да е последица од  „ненадеен пожар“ , уништувањето на главниот брод на целата флота во Црно Море значи повреда на угледот и на морнарицата и на руската армија.

Тешко може да се разбере – како воопшто се дозволило- да избувне голем  „пожар“ на еден толку значаен воен брод- уште сега, во екот на силната воена пресметка на Русија со Украина. Особено што крстосувачот „Москва“ претставуваше гордост на руската морнарица и се знае дека бил омилен брод на Владимир Путин.

На него  рускиот претседател престојувал неколкупати. На овој брод , во 2014 година, тој го има пречекано египетскиот претседател Ал-Сиси, во пристаништето во Сочи. Во април минатата година, од овој воен брод Русите извршија тестирање на своите супер-сонични антибродски крстосувачки ракети.

Бродот беше опремен со 16 ракетни лансери од типот „Вулкан“ , а со себе носеше еден воен хеликоптер. Руската страна првично тврдеше дека не бил оштетен главниот ракетен систем на бродот.

Изграден е во Украина

Во секој случај ,  загубата на еден ваков моќен брод , ако причината за тоа е пожар, зборува и за состојбата со моралот на руската армија, за што експерти од воениот терен на украинските фронтови и досега тврдеа дека моралот на војската е прилично низок.

Адмиралски брод ( главен брод)  , по правило, е најважниот на една морнарица . На него е командниот офицер ( адмиралот на флота) , па затоа и обично така се означува. Во руската морнарица , ваквата позиција ја има од 2000 година, од кога се третира како симбол на руската поморска сила.

„Москва“ не беше нов брод. Изграден е во советско време, во осумдесетите години на 20 век.

Изграден е во украинските црноморски пристаништа во времето на некогашниот Советски Сојуз. Изминатите години бродот имаше клучна улога во разни воени конфликти во кои  има учествувано Русија. Клучна улога имаше во војната во Сирија.

(С.Г.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе