Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Умираат руските војници од Чернобил?

OlyaSolodenko/Depositphotos.com

Умираат руските војници од Чернобил?

Руските војници кои уште на почетокот од агресијата врз Украина ја запоседнаа зоната околу нуклеарната централа Чернобил, а потоа ја презедоа и контролата на она што е оставено надвор од челичниот оклоп, во кој е изолиран тешко оштетениот реактор по катастрофата во април 1986 година, ги рашириле радиоактивните материјали по целата постројка – тврдат украинските стручњаци кои по повлекувањето на Русите, одново водат грижа за безбедноста на целиот објект.

На тој начин војниците директно ги имаат опасно загрозено своите животи, изложувајќи ги на радијација, но и туѓите животи, особено што постојат снимки, направени од дронови на кои се гледа како еден војник носи радиоактивен материјал – со голи раце – не знаејќи што е тоа што го носи, изложувајќи се притоа на смртна опасност.

Радиоактивен Кобалт – 60 во раце!

Станува збор за посебен случај кога војник во раце носел извор на Кобалт – 60 во складиштето со радиоактивен отпад.

Според главниот инженер за радиоактивна безбедност во Чернобил, само за неколку секунди, војникот бил изложен на толку силна радијација која ниту Гајгеровиот мерач не би можел да ја регистрира нејзината силина.

Не е познато што се случило со тој војник. Експерти, меѓутоа, сметаат дека сите војници кои први имаат дојдено до Чернобил и имаат навлезено во нуклеарката, биле изложени на радијација и дека останале силно контаминирани.

Многу е веројатно дека тие луѓе ќе заболат од рак, што може да се појави брзо, но може и подоцна, после неколку години.

Украинците имаат сознанија дека еден од руските војници кои бил стациониран во Чернобил, веќе починал. Но, се претпоставува дека може да има и други такви случаи.

Престој во контаминирани ровови

Снимките добиени од дрон откриваат дека некој им наредил на војниците дури да копаат ровови во делот околу нуклеарната централа што со години се означува како едно од најрадиоактивните места во планетата.

Репортери кои по заминувањето на Русите го посетиле локалитетот, забележале воена опрема, мали пакети со војничка храна, како и изгорени остатоци од прибори за варење, што покажува дека луѓето биле сместени во рововите и таму останале со денови.

Еден оброк со војничка храна бил најден на локација каде нивото на радијацијата е цели 50 пати повисоко од нормалното.

Загрижува што се откриени траги од пожар што на тој локалитет бил предизвикан неодамна, пред заминувањето на руската војска. Тоа значи дека Русите биле изложени и на радиоактивниот чад, како и на правот од земјата која е силно радиоактивна.

Зголемена радијација

Конечно, војниците го контаминирале просторот каде единствено се влегува во некогашната нуклеарна централа Чернобил, влегувајќи во халата со чизмите со кои претходно се движеле низ најконтаминираните делови од шумата околу нуклеарката во која, инаку, со децении влезот е строго забранет.

Потврда за тоа е зголеменото ниво на радијација во внатрешноста на централата, која со децении, по катастрофата, не е во функција.

Украинскиот министер за енергетика Герман Гулушченко има речено дека е – „потполно лудо да се пратат војници во тој реон“. Тој рекол дека и натаму не е познато што војниците таму воопшто работеле, но сега има докази дека Русите биле таму и дека после тоа нивото на радијација е зголемено.

По заминувањето на руската војска, со денови е вршено деконтаминирање на просторот во кој се работи, за да се вратат украинските стручњаци кои водат грижа за нуклеарната безбедност.

Радиоактивен чад низ Европа?

Локалитетот што и порано беше отворен за посета, иако само со специјални дозволи, сега е одново отворен за таков вид посети.

Деновиве таму бил и поранешниот претседател на Украина Петро Порошенко, кој подоцна изјавил дека путиновата наредба да се навлезе и во подрачјето на Чернобил само покажува „колкава голема опасност е Владимир Путин за остатокот на Европа“.

Според Порошенко нуклеарниот чад што го имаат предизвикано Русите во теренот околу нуклеарката, палејќи оган и предизвикувајќи пожар, секако, не останал само во тој реон, или само во Украина.

„Ваквиот чад не познава граница и тој секако се има раширено низ делови од Европа” – рекол поранешниот украински претседател.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе