Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Русите заминуваат од Чернобил – озрачени

borjomi88/Depositphotos.com

Русите заминуваат од Чернобил – озрачени

Руските војници кои уште на почетокот од инвазијата врз Украина, се најдоа во реонот на Чернобил и се сместија во зоната сосема близу до нуклеарната централа и реакторот што ја предизвика најголемата досега нуклеарна несреќа, пред повеќе од 35 години, почнаа да се повлекуваат.

Одлуката за повлекување доаѓа по истанбулската рунда мировни преговори, на која руската страна најави дека ќе ги намали своите операции во поширокиот реон на Киев.

Медиумите – украински и странски – веќе објавија дека Чернобил е одново под контрола на Украинците, како и тоа дека на работните позиции во некогашната нуклеарна централа, околу нејзиното безбедносно одржување, одново се наоѓа старата, украинска посада.

Во „мртвата зона“ на Црвената шума

Во Чернобил на борбени позиции се наоѓаше една моторизирана единица, која сега е повлечена (претпоставка е на територијата на Белорусија), иако не се разбра која беше нејзината улога и зашто беше испратена на локација која е се уште опасна, затоа што во поедини делови и натаму е силно контаминирана.

Сведоци имаат изјавено дека при доаѓањето единицата има поминато низ т.н. „мртва зона“ на Црвената шума која и после толку години од експлозијата останува високо радиоактивна.

За неа се вели дека е полна со разни остатоци и делови од изгорениот реактор кои експлозијата ги има расфрлано на сите страни. Тие останале во шумата оставени каде и биле, затоа што целиот реон е ненаселен, откако сите луѓе беа иселени, а престојот и минувањето забранет, затоа што е опасен за луѓето.

Руските војници, кои беа таму испратени, не само што беа стационирани во овој контаминиран дел, туку биле натерани и да копаат ровови и да се вкопуваат во земјата, на терен силно радиоактивен. Тоа значи дека сите, или барем најголемиот дел од нив, биле озрачени, односно дека веќе се сериозно заболени.

Одведени во амбулантни возила

Руската страна воопшто не зборува за тоа, додека украински извори, главно од луѓе кои се во тој реон, работејќи на одржувањето на реакторот – “оловен ковчег“ – изјавиле дека војниците при повлекувањето биле одведени во специјализирани санитетски возила, од луѓе во безбедносни облеки.

Сите луѓе од единицата во Чернобил не се вратени во своите касарни, ниту се прераспределени на други позиции, туку директно се испратени во специјални болници за лица озрачени од радиоактивни материи.

Експерти сега објаснуваат дека доколку војниците минувале низ шумата, а тоа значи низ силно контаминирано подрачје, без специјална заштитна облека, значи дека сите се тешко заболени. Дури се смета дека нивните шанси за оздравување и преживување, се мали, бидејќи долго време останале во опасната зона – изложени на радиоактивно озрачување.

Самоубиствена мисија

Излегува така дека тие млади луѓе биле испратени во самоубиствена мисија и жртвувани во една непотребна инвазијата и војна.

Воени експерти, пак, прашуваат – кој и зошто ги испратил луѓето на едно толку опасно место и уште ги натерал да се вкопуваат за да ја бранат борбената позиција.

Колку што се знае, никој не ги напаѓаше, па немаше потреба да се бранат.

Едноставно, би изгледало лудо таму, во една таква зона, да се покрене некаква пожестока битка, во текот на која би можел да се оштети оклопот над тешко оштетениот реактор. Таа оловна обвивка сега ги чува и Киев и Украина, но и Белорусија и Европа од некој нов радиоактивен облак и од некоја нова нуклеарна катастрофа.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе