Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Олигарх-курир меѓу Киев и Москва

Fars Media Corporation, Roman Abramovich 2, CC BY 4.0

Олигарх-курир меѓу Киев и Москва

Украинско – руските мировни преговори се водат, онака како што се водат, на преговарачката маса и (изгледа) надвор од јавната сцена и во неа се вклучени – како преговарачи, посредници или помагачи – луѓе на различни нивоа.

Од Европа, на пример, тоа е Емануел Макрон, (како претседавач на ЕУ), а можеби и германскиот канцелар Олаф Шолц (кој комуницира со Кремљ и за гасот), а потоа и турскиот претседател Таип Ердоган кој има блиски односи и со Киев и со Москва. Уште и од позицијата на политички лидер на земја – сосетка на Русија и на Украина, во што – на теренот – му помага и шефот на турската дипломатија Чавушоглу.

Заканувачки одговор на Путин

Светските медиуми, меѓутоа, последниве денови повеќе се занимаваат со улогата, што наеднаш се откри дека ја има, еден од руските олигарси – Роман Абрамович (55), кој поради блискоста со Владимир Путин, се најде на листата на санкционираните во земјите на ЕУ и во Британија, каде поседува имот и богатство што сега е блокирано.

А, токму Британците и медиумите во Лондон, први, ја имаат раширено приказната за новата улога на овој олигарх – во политиката – како посредник – и тоа меѓу Володмир Зеленски и Путин.

Според „Тајмс“, Абрамович ја има довербата на Зеленски, па затоа украинскиот претседател на рускиот милијардер – близок до Путин, му има предадено лично писмо, напишано на рака за рускиот претседател. Олигархот има престојувано во Украина, во Киев, каде се има сретнато со претседателот, а потоа преку Истанбул има летано за Москва, од каде по средбата со Путин се има вратено во Турција.

Лондонскиот весник открива дека на курирот кој го има донесено писмото од Киев, рускиот претседател му се има развикано (како да е Абрамович виновен за состојбата во која Путин самиот се има сместено), за да на крајот му има речено – да му пренесе на Зеленски – дека „(Украинците) ќе бидат прегазени и разбиени“.

„Нема пробив во преговорите“

Во Истанбул, веднаш по враќањето од Москва, олигархот се има сретнато со Рустем Умеров, турски – Татарин од Украина, бизнисмен и украински пратеник кој зборува и руски и турски и кој е близок со Ердоган. Конечно, Умеров и дел од украинската делегација на истанбулските разговори, после кои се појавија контроверзни изјави и соопштенија.

Прво, благ оптимизам од украинскиот тим, па дури и од Зеленски, особено откако руската страна навести – „драстично намалување на воените дејствија околу Киев“. И, Чавушоглу ги означи разговорите во вторникот како „вистински конструктивни и најуспешни досега“.

Но, само дванаесетина часови подоцна – од Москва и од Кремљ – стигна „студен туш“. Според портпаролот на рускиот претседател – во Истанбул немало напредок, ниту пробив во преговорите.

Се мислеше дека лутиот одговор на Путин на писмото на Зеленски, сепак, не е вистинскиот одраз за тоа како течат преговорите, од градот на Босфорот и на атмосферата во Долмабахче сарајот.

Меѓутоа, како сега стојат работите, останува и натаму заканата и намерата на Путин до крај да се пресмета со Украинците – да ги порази и да ги понижи – со капитулација и предавање на оружјето. Па, излегува дека Абрамович не успеал ништо да постигне во Москва.

Во Киев му веруваат на Абрамович

Тоа најдобро го покажуваат продолжените руски бомбардирања и уништувања на украинските градови во текот на ноќта меѓу вторникот и средата.

Како и да е, рускиот олигарх остана на истанбулските преговори – седејќи со портпаролот на Ердоган, а лондонските медиуми сега откриваат дека Абрамович преговара (во тајност) со Умеров, како претставник на украинската страна и дека тие преговарале и додека течел претходниот (неуспешен) дијалог, преку посредник, во Анталија на 10 март, меѓу Кулеба и Лавров.

Впечаток е дека олигархот, преку вклучувањето во мировните преговори и прифаќајќи ја мисијата на посредник, настојува на некој начин да се рехабилитира пред европската и британската јавност и да го спаси своето богатство. Медиумите во Лондон, пак, тврдат дека во Киев му веруваат.

Му верува и Зеленски кој претходно има речено дека руски бизнисмени имаат понудено помош за Украина и за украинските бегалци, како и дека од некои олигарси (и од Абрамович) има добиено сигнали дека сакаат да помогнат за завршување на војната.

Украинец по мајка

Конечно, САД иако најавуваа, не воведоа санкции за Абрамович,  отако Зеленски побарал од американскиот претседател Џо Бајден да го поштеди од казнување олигархот кој веќе работи на теренот, за да се постигне примирје и прекин на војувањето.

Тој единствен од сите олигарси знае како сега изгледа Киев и како изгледа Украина, па затоа (велат извори блиски до него) настојува да помогне да завршат војната и разурнувањето.

Турција, исто така, помага за неговата мисија – давајќи му поддршка. За Киев Абрамович има летано со приватен, турски авион, преку неколку европски земји и Полска, затоа што неговиот е под санкции, а јахтата на олигархот сега мирно е вкотвена во турскиот приморски град Бодрум, на брегот на Егејско Море – ослободена од можноста да биде запленета.

Сега се разбира и нешто за што досега не се зборуваше, а тоа е дека мајката на Роман Абрамович е родена во Украина. Неговата ќерка Софија, пак, е остар противник на војната и има учествувано во анти – воените протести.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе