Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

„Крим сега е поврзан со Донбас“

Bennian/Depositphotos.com

„Крим сега е поврзан со Донбас“

Висок функционер на локалната власта на Крим, што Русија го анектира во март 2014 година, изјави дека овој украински полуостров, што Москва го третира како дел од својата државна територија, конечно, е поврзан со Донбас, после три неделните војувања на руската инвазиона војска со украинските одбранбени сили.

Тоа значи дека руските сили и сепаратистичките борци успеале да ја стават под своја контрола целата територија на Луганск и Донецк и на тој начин да обезбедат копнен коридор на сепаратистичкиот регион со анкетираниот кримски полуостров.

Окупација на Источна Украина

Заменик гувернерот на Крим, Георги Мурадов изјавил за една руска државна агенција дека руската војска го освоиле патот од полуостровот до пристаништето Мариупул, на Азовско Море во Источна Украина. Овој функционер рекол дека воспоставениот коридор ќе овозможи испорака на храна и помош за населението на Донбас, чија површина сега е многу поголема од онаа што Владимир Путин, со декрет, ја призна како независна држава.

Украинската страна, ја нема потврдено оваа информација. Наместо тоа, властите во Киев тврдат дека руската војска го блокирале конвојот со хуманитарна помош за Мариупул кој со денови е под опсада на инвазионите сили. Затоа не може да се спроведе ниту евакуацијата на локалното население.

Мурадов, пак, зборува како работата да е завршена, што се однесува до територијата која е освоена и која, како стојат работите, по добро познатата шема од освојувањето на Крим, пред осум години, ќе биде анектирана и претворена во руска територија. Овој руски функционер рекол дека „треба да се размислува за соработката во транспортот на разни стоки низ пристаништата на Крим и двете (освоени во војната) пристаништа на Азовскиот брег – Мариупул и Берданск.

Напредок во преговорите?

Информацијата за тоа дека – Крим сега е поврзан, по копнен пат, со Донбас и брегот на Азовско Море – доаѓа во време кога жестоките борби на сите фронтови низ територијално распарталената Украина продолжуваат, но и кога Русија отворено најави дека “тргнува кон освојување на градовите“. Во исто време, продолжуваат и руско – украинските преговори за кои едни велат дека „тапкаат во место“, а други дека, сепак, напредуваат и дека за прв пат може да се зборува за некаков оптимизам.

Претходно за тоа има зборувано рускиот преговарач, но во понеделникот, за прв пат со таква изјава се има огласено и Украинецот. За каков тоа напредок во преговорите станува збор, меѓутоа, ниту една страна не дава објаснување.

Официјален Киев продолжува да зборува дека останува во преговарачкиот процес, но дека Украина нема да прифати да се предаде и да капитулира. Русија, од својата страна, продолжува да тврди дека напредува на сите фронтовски точки.

Најавен „референдум“ во Хершон

Доколку е точна информацијата за поврзувањето на Крим и Донбас, тогаш е исполнет еден од главните цели на руската инвазија, а тоа е отсечување на Источна Украина од другиот дел на земјата, за да се обезбеди копнен коридор од Русија до Крим.

Во изминатите осум години, до територијата на полуостровот, од Русија се доаѓаше или преку морски пат, или преку мостот над морскиот премин Керч.

Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, претходно, предупреди дека руските окупациони сили настојуваат на брзина, како во 2014 година во Крим, да организираат „референдум“ во т.н. „народна република во Хершон“ и да ја легализираат окупацијата и планираната анексија на овој украински град, кој е на патот за Крим.

Агитација за „новата реалност“

Владата во Киев Западот, но и поголемиот број д земјите во светот, не го признаваат на брзина организираниот референдум во Крим, пред осум години.

На него – според Москва – 80 отсто од гласачите – наводно – се изјаснија за припојување на полуостровот кон Русија. Веднаш потоа, Русија, на брзина, им раздели на населението 700 илјади руски пасоши и ги прогласи за руски државјани.

Украинската страна тврди дека локалното население одбива да ја прифати окупацијата како „свршен чин“, па референдумот се смета дека ќе биде фалсификуван. Но, проруските активисти веќе имаат изјавено дека „луѓето ќе мора да се вклопат во новата состојба и да ја прифатат реалноста“.

Градот Хершон уште од 3 март е под контрола на руската војска, како првиот поголем град што Русија го освои по инвазијата започната на 24 февруари.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе