Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Преговори или ескалација на војната

Kremlin.ru, Vladimir Medinsky and Oleg Dobrodeev 24 May 2013, CC BY 4.0

Преговори или ескалација на војната

Третата рунда преговори меѓу претставниците на Русија и Украина, на белоруската граница, завршија како и претходните две – без позначаен напредок. Главниот руски преговарач Владимир Медински, по завршувањето на последната преговарачка рунда изјави дека „преговорите не се лесни“, како и дека “е премногу рано да се зборува дека има нешто позитивно“.

На некој начин, тоа е и разбирливо. Се преговара во време на интензивирани руски (воздушни) напади, сега се почесто насочени и врз цивилни цели.

Еден таков напад се случи во средата (9 март), кога во градот Мариупул (на брегот на Азовско Море) беше нападната и локацијата на една тамошна болница – породилиште, што предизвика згрозување во меѓународната јавност поради руската агресивност и бесот што Москва се повеќе и почесто го покажува.

Најмногу затоа што војната веќе навлезе во третата недела – многу подолго од првичните проценки на Кремљ и на оние кои ја смислија и ја одобрија инвазијата врз независна Украина – кои очекуваа „брза капитулација на Украинците“.

Уценувачки барања

Освен тоа, преговорите на границата се водат во сенката на очекуваната руска офанзива за напад (и освојување) на Киев, како и на постојаните барања на Володмир Зеленски за авиони од источноевропските членки на НАТО кои имаат руски авиони „Миг – 29“, на кои Украинците знаат да летаат и да војуваат.

Тој бара и прогласување на украинското небо за „зона за забранети летови“ (НФЗ).

Русија и Владимир Путин, во ова меѓувреме, продолжуваат да ветуваат дека ќе уследи целосен прекин на огнот, доколку Украина ги прифати руските барања – услови.

Тоа се – гаранцијата дека земјата НИКОГАШ нема да му се приклучи на НАТО, потоа ОТКАЖУВАЊЕ од територијата на Крим, анектирана во март 2014 година и ПРИЗНАВАЊЕ на украинските области Луганск и Донецк за независни држави, што сега е додадено на претходните барања за „демилитаризација и денацизација“ на Украина. И, уште дека Русија ќе ја запре агресијата и војната, доколку Украина ги запре сите свои воени операции.

На сето ова, меѓутоа, Зеленски досега реагираше со отфрлање на ваквите руски, уценувачки барања, оквалификувајќи ги преговорите како „разговори со револвер вперен во главата“.

Преговори во сенка?

Преговорите, затоа, досега имаат остварено само помали концесии – главно за создавањето хуманитарни коридори, за луѓето кои настојуваат да се извлечат од украинските градови, изложени на бомбардирање и на воздушно ракетирање.

Ни тоа не оди како треба, па бројот на цивилните жртви постојано расте, додека двете страни се расправаат кој е виновен за непочитување на прекинот на огнот за отворање на коридорите.

Сепак, какви – такви, преговорите се одржуваат и продолжуваат. На 10 март се одржа и (првата) директна средба на министрите за надворешни работи, на двете земји, на турска територија.

Тоа ги има поттикнато гласините дека Москва и Киев, преговараат и во сенка – преку посредник – а можеби и директно – надвор од оние преговори на белоруско – украинската граница. Особено што украинската страна (во еден момент) се огласи со изјава дека “би можело да се разговара за врските на Киев со НАТО“.

Европските медиуми, како и безбедносни и политички експерти, затоа, сега настојуваат да определат кој би можел да биде посредник во преговорите околу обезбедувањето потрајно мирно решение.

Турција – кандидат за посредник

Руско – украинската криза одамна веќе не е тоа, откако се претвори во вистинска, брутална војна – со многу разурнувања и со човечки жртви, заканувајќи се да прерасне во уште позасилено војување во кое нема да биде користено само конвенционалното оружје.

Сега, кога Русија е изложена на санкции, какви никому досега не му биле наметнати, па Путин зборува за „настојувањето на Западот да се уништи руската економија“ и продолжува да се заканува со одмазда.

На списокот на земји – кандидати за посредничата улога, има само три држави – Турција, Кина и Франција. Секоја со различни шанси, но и со различни можности вистински да помогне за спасување на мирот во Европа.

Засега, Турција и нејзиниот претседател Реџеп Таип Ердоган се во предност. Официјална Анкара има добри и развиени односи и со Русија и со Украина, а во исто време е земја членка на НАТО уште од 1952 година. Турција, исто така, е земја кандидат за ЕУ, без разлика што тоа сака да го споменува, но не се обидува да стане дел од Унијата, не преземајќи ништо за да ги задоволи и најмалите и најосновните европски и демократски стандарди.

Путин бара капитулација на Киев

Како и да е, земјата излегува на Црно Море, па преку него е земја – сосед и на двете завојувани страни. Оваа година, Анкара и Киев постигнаа договор за меѓусебна слободна трговија, што е особено значаен за Украина и се согласија турски дронови да се произведуваат во украинските фабрики. Колку за потсетување – Турција од порано на Украина и има испорачано дефанзивни дронови што таа веќе ги има користено.

Од друга страна, Русија и Турција имаат силно развиени и разгранати односи, иако тие повремено знаат да се разнишаат.

Москва е еден од најголемите трговски партнери на Анкара и снабдувач со најголемиот процент од турските потреби за нафта и гас. Ердоган, исто така, има купено руска воена опрема и одржува добри односи со Путин. Таквата блискост се користи како за ситуацијата на Блискиот Исток, посебно во Сирија (каде се противници), така и за иранската нуклеарна програма. Блиските односи се покажаа важни за време на кризата околу Нагорно – Карабах, кога Москва успеа да ја смири воинственоста на Ерменија, практично, оставајќи им на Азербејџанците (и на Турција) да остварат победа.

Конечно и Анкара и Ердоган, сакаат да бидат посредници и се нудат за тоа, уште од пред почетокот на инвазијата. Ердоган и Путин имаат на неколкупати разговарано по телефон и кога последниот пат турскиот претседател му сугерирал на Путин да го запре војувањето, велат, дека од руска страна добил груб одговор – само тогаш кога Украина ќе капитулира.

„Зацементирано“ пријателство

Во една таква атмосфера, во Анталија, на маргините на еден тамошен меѓународен дипломатски форум, сепак, се сретнаа украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба и рускиот министер Сергеј Лавров. Всушност, тоа беше трилатерална средба на која (како посредник) беше турскиот шеф на дипломатијата Мевлут Чавушоглу.

Кина е вториот кандидат за посредник. Таа со тоа би можела да направи и за себе крупен исчекор кон појавувањето како играч на меѓународната сцена, низ евентуалната посердничка улога во руско – украинската војна.

Посебно, затоа што Пекинг е пријател на Русија, а Си Џинпинг е близок со Путин. Тоа пријателство беше „зацементирано“ за време на последната путинова посета на Кина, за отворањето на зимската Олимпијада во Пекинг, кога Москва вети дека инвазијата нема да ја покрене додека не завршат Игрите. И го исполни ветувањето (инвазијата почна четири денови подоцна).

За возврат, Кина одби да ја квалификува руската агресија, како инвазија, прифајќи ја руската верзија за (наводна) „воена интервенција“. Подоцна, Пекинг одби да ја осуди инвазијата, согласувајќи се со Москва за нејзината „загриженост околу безбедноста“ – прогласувајќи ја за „легитимна“ – и оценувајќи ги санкциите како „илегални“.

Топло – студено од Пекинг

Во ОН, во Советот за безбедност, меѓутоа, Кина беше воздржана и ја остави Русија сама со своето вето за инвазијата.

Но, од тогаш се нема за ништо огласено, за да се види какви се кинеските позиции кон запоседнувањето туѓа територија, кон едностраното прогласување туѓа територија (Донбас и Крим) за анектирана и за независна држава, кога во исто време жестоко ја брани позицијата за неповредливост на границите и за почитување на територијалниот интегритет, на секоја земја.

Освен, ако официјален Пекинг не мисли како и Москва дека – „Украина е Русија“, па на Путин се му е дозволено.

И, одново, по принципот топло – студено, Си Џинпинг, во телефонски разговор со Емануел Макрон и Олаф Шолц, рекол дека „Кина радосно би подржала мировни разговори“ меѓу Русија и Украина, што се уште не значи дека Кина се нуди за посредник, онака како што тоа го прави Турција.

Од друга страна, на Западот има резерви за можноста за кинеско посредување, затоа што е премногу блиска до Путин и затоа што (досега) ги има подржано сите руски позиции.

Макрон во комуникација со Кремљ

За Европа – Франција и Макрон, во секој случај, се најдобрите кандидати за посредничката улога. Пред се, затоа што францускиот претседател е претседавач со ЕУ до крајот на јуни, како и затоа што е единствениот западен лидер кој има комуникација со Путин.

Макрон досега има разговарано четири пати со рускиот претседател, од почетокот на инвазијата и повеќе од десет пати во изминатите триесетина денови. Францускиот претседател, исто така, разменува пораки и со Зеленски – засега – настојувајќи само да посредува околу некаков мал договор за прекин на огнот и за хуманитарните коридори.

Извор на Елисејската палата за британските медиуми рекол дека во разговорите со рускиот претседател, Макрон и Путин комуницираат меѓу себе на “Ти“, а не на „Вие“ како што обично се практикува во ваквите телефонски разговори. На послените разговори, Путин уверувал дека нема ништо да им се случи и на старата нуклеарка во Чернобил и на онаа во Запорожје која е активна и е најголема во Европа.

Но во Париз, изјавуваат дека – „никој повеќе нема илузии оти рускиот претседател ќе го одржи и испочитува она што го има ветено“.

Сепак, без разлика на тоа, Париз веќе директно комуницира со Москва. Тоа значи дека и покрај немањето доверба во путиновите зборови (ветуваше дека нема да има инвазија) е воспоставен линк со Русија и со рускиот претседател, што ја остава можноста за обезбедување деескалација.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе