Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Зеленски: актер, претседател и цел за отстрел

Wlad_Mus/Depositphotos.com

Зеленски: актер, претседател и цел за отстрел

Украинскиот претседател Володомир Зеленски, со недели настојуваше да спречи војна со Русија и водеше дипломатска борба на сите страни, за да се оневозможи агресивниот Владимир Путин да ја спроведе (од порано) планираната инвазија врз Украина.

Сега, откако неговата земја е нападната од сите страни, за да се натера на покорност кон Москва и за да се врати во „царството“ што рускиот претседател сака одново да го изгради, се претвори во бранител на својата земја и на украинскиот народ од рускиот агресор. И, затоа, стана цел за отстрел – за политичка и физичка елиминација.

Ваквиот развој на работите, сигурно, ги немаше во предвид, кога во 2019 година, уверливо го совлада својот политички противник Петро Порошенко и стана претседател на Украина.

Најголем предизвик во животот

Во политиката е целосен новак, без никакво искуство, затоа што по професија е актер. Во украинската јавност стана познат и популарен по својата сатирична ТВ серија „Слуга на народот“. Во серијата го толкува ликот на еден наставник во средно училиште кој ќе стане претседател на државата, откако ќе успее да ја рашири својата приказна за корупцијата во земјата.

Серијата станала толку популарна, што Зеленски стана ѕвезда, а тоа му помогна да влезе во политиката.

Меѓутоа, она што сега му се случува нема никаква врска со актерството. Не станува збор за телевизиска серија, туку за страшна реалност на животот во кој – како (овојпат) како вистински претседател – беше принуден да застане на чело на отпорот на инвазијата од страна на една нуклеарна сила. Спротивставувајќи и се – со оружјето и со сите други средства – на руската окупација, која треба да го скрши неговиот отпор, со освојувањето на главниот град Киев.

Од четвртокот, рано изутрина, кога Русите го почнаа нападот, тој се соочува со најголемиот предизвик во неговиот живот – гледајќи како помоќниот непријател ја уништува земјата, ги ракетира градовите, ги бомбардира станбените квартови, ги тера Украинците да бегаат во соседните земји – за спасување на животите, броејќи ги жртвите на агресијата.

„Одлучуваме за нашата судбина“

Во своето прво обраќање до украинската јавност, во петокот, Зеленски пркосно објави дека Украинците „прекрасно се борат и му пружаат отпор на непријателот“. Во првата изјава тој рече – ”Ова е важен момент. Се одлучува за судбината на нашата земја“.

Европа, Америка и светот кои и пред инвазијата беа на украинската страна, бранејќи го правото на независност и на зачувување на територијалниот интегритет, покренаа и постепено ги засилуваа остри санкции, какви досега немало. Тоа е единственото оружје која може да им се даде на Украинците, против агресијата на Путин, покрај давањето финансиска и воена помош, а да не се предизвика некаква трета светска војна.

Особено, што агресорот од Кремљ тргна во војната со целосно измислени приказни.

Прво, за тоа дека Русија “била под страшна закана“, па дека „Украина е агресор“, дека наводно има спроведувано „геноцид врз руското население“ во Источна Украина – постојано, притоа, трудејќи се да се оправда инвазијата дека „Америка и нејзините сојузници ја минале црвената линија“.

Ќе остане запаметено за историјата грубото путиново негирање на националната посебност на Украинците и дисквалификувајќи го нивното право да имаат своја, посебна држава.

Москва повикува на пуч

Русија која против „немирните“ поранешни советски републики војува во т.н. „блиц – криг“ (Грузија, на пример), не сака ниту овој пат, во Украина, да се вклучи во долга, развлечена војна, соочена со отпорот на Украинците и со повикот на Зеленски до народот – да му се приклучи на отпорот кон непријателот.

Таква војна е скапа и политички опасна и за самиот Путин. Овој пат се сочува со протести и во неговата Русија од оние кои не сакаат војна, започната без потреба и без повод, која се води против еден братски народ и сосед. Уште и во услови на бројните санкции и казнување на руската агресивна политика. Затоа, уште во петокот Русите понудија дека може да има разговори за крај на војната, ако Украинците се предадат и го одложат оружјето.

Украинскиот претседател и самиот го повика Путин на директни разговори.

„Ајде да седнеме на преговарачка маса и да го запреме крвопролевањето“ – има речено Зеленски, обраќајќи му се преку телевизијата на рускиот претседател – зборувајќи на руски јазик.

Но, од Кремљ уследи нова канонада врз Киев. Целта на Москва е да ја натера Украина да капитулира и да го тргне од власт легално и демократски избраниот претседател, Москва и Путин, не сакаат да преговараат со Зеленски и со неговите министри, па во добро познатиот советски, брежњевски стил – повикаа на пуч против актуелната власт.

„Наркомани и нацисти“

„Преземете ја власта во свои раце. Ќе ни биде полесно со вас, отколку со (сегашната) БАНДА НАРКОМАНИ И НЕОНАЦИСТИ кои се имаат инсталирано во Киев и ги користи Украинците како свои заложници„ – рече во јавното обраќање до јавноста на земјата која ја уништува со ракети и тенкови. Лажејќи го сопствениот народ дека го „спасува“ од Украинците, но лажејќи ги сите кои се наивни, или се прават такви, дека агресорот од Кремљ ја „ослободува” Украина.

Во својата хистерија и желба за одмаздување, Путин веќе ги дисквалификува властите во Киев дека се „фашисти“ и „нацисти“, што не му приличи на некој кој се прикажува како лидер на земја која сака да биде прифатена за велесила.

Згора на се, Зеленски е Евреин по потекло, па е жалосно од Москва да доаѓаат вакви обвинувања. Такви какви се, тие повеќе зборуваат за нејзината нервоза и немоќ, а сега и од тоа како да се извлече од ситуацијата во која самата се смести.

Украинците не сакаат квислинг

Како сега стојат работите, малку е веројатно дека луѓето, во воени услови, додека се бомбардираат нивните градови, ќе го соборуваат легално избраниот претседател (во стилот на Мајдан, што веројатно, го посакува Путина, горејќи од желбата да се одмазди).

Прво, затоа што не мал број жители на Киев имаат избегано пред руските „ослободители“, а второ, затоа што е тешко замисливо дека ќе подржат некаков руски пион – квислинг, како оној кој беше соборен во 2014 година.

Зеленски кој е избран пет години по падот на Виктор Јанукович, на почетокот мораше да се расправа со валканиците на Доналд Трамп, во САД, кој се занимаваше со конспиративни работи за да му напакости на Џо Бајден, преку неговиот син кој едно време има работено во Украина, како претседател на една тамошна офшор – компанија.

Валканите игри на Трамп

Трамп бараше од Зеленски, по секоја цена, да обезбеди „компромитирачки работи“ за синот на Бајден, уценувајќи го Зеленски со испораката на (одобрената) воена помош, вредна 440 милиони долари. Москва на сето тоа гледаше со големо задоволство, сакајќи да му се наштети на Бајден кој тогаш беше само еден од претседателските кандидати, за да остане Трамп во Белата куќа кој се најде таму и со руска помош.

А, потоа, мораше да се справува со пандемијата со коронавирусот, па неговите предизборни ветувања за пресметка и за сузбивање на корупцијата и за ослободување на окупираните украински територии, останаа недопирнати. Украина и натаму важи за една од најкорумпираните европски земји, а Крим и Донбас, уште пред официјалното соопштение од Москва, веќе беа анектирани и третирани како руска територија.

Пред Зеленски, меѓутоа, веќе не постојат само политичките закани за да остане без власт и да биде насила тргнат од функцијата. Сега тој е главната цел на руската агресија – треба да се елиминира на секаков начин. Проценката на Кремљ, според западни безбедносни експерти е дека со „уништувањето на Зеленски, треба да се уништи државата Украина, таква каква е таа сега – демократска и независна“.

(Д.К.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе