Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Руската Дума ги призна Донецк и Луганск за независни држави

rospoint/Depositphotos.com

Руската Дума ги призна Донецк и Луганск за независни држави

Рускиот Парламент (Дума), усвои одлука со која ги признава отцепените, сепаратистички региони Донецк и Луганск, за независни држави – како „Донецка народна република“ и како „Луганска народна република“. Од претседателот Владимир Путин е побарано да ја потпише донесената одлука, за да таа стане правосилна.

Претседателот на Думата Вјачеслав Володин објасни дека одлуката била донесена затоа што „Вашингтон ги подига тензиите во регионот, снабдувајќи ја Украина со оружје, во што се вклучени и европските држави, додека во исто време, Киев одбива да ги почитува одредбите од мировната спогодба од Минск“.

“Сето ова претставува сериозна закана и голем ризик за животите на руските граѓани, како и за руските сонародници кои таму живеат“ – изјавил Володин за домашните медиуми.

„Независни“ од 2014 година

Еден ваков чекор, преземен во време на силни тензии на руско – украинската граница и во ситуација кога се уште постои можност од руска инвазија врз Украина, секако не е донесен без знаење и согласност на Кремљ. Особено што во рамките на дипломатските активниости за мирно разрешување на кризата на Истокот од Европа, се настојува и да се обноват разговорите на Москва и Киев околу примената на спогодбата од Минск, од 2015 година.

Донецк и Луганск (Донбас) се два региона на истокот од Украина во кои не живее само руско население и луѓе кои се Украинци, но кои зборуваат руски јазик.

Регионите се составен дел од територијата на оваа земја, но од пролета 2014 година, по анексијата на Крим и сепаратистичкиот бунт на проруските бунтовници, властите во Киев загубија секаква контрола врз двата региони кои од почетокот на вооружениот бунт ја имаат целосната воена, економска и политичка поддршка на Москва.

Веднаш откако успеаја да ги потиснат украинските сили, водачите на бунтот ги прогласија отцепените региони – за „независни држави“.

Крај на спогодбата од Минск?

Досега Русија, официјално ја нема признаено нивната “независност“, настојувајќи да се придржува на одредбите од Минск, за територијалната целовитост на Украина, но медиумите од Москва во сите изминати осум години, ги сметаат Донецк и Луганск за посебни „народни републики“ третирајќи ги како дел од Русија, а не како украински региони.

Останува сега на Путин да ја потпише одлуката на руската Дума, па официјална Москва да ги признае сепаратистичките региони, како држави, независни и надвор од составот на Украина. Факт е, меѓутоа, дека и со ваквото решение на Парламентот, се доведува во прашање натамошната валидност на спогодбата од Минск.

За властите во Киев секое менување на нивниот статус, претставува повреда на меѓународното право и тешко нарушување на интегритетот на Украина.

Во воените судирања меѓу про – руските сепаратисти и украинската војска, досега загинаа околу 15 илјади лица.

Во екот на сегашната опасна безбедносна криза на украинско – руската граница, судирањата во реонот на Донбас се примирени и таму нема некои позначајни инциденти, но ситуацијата и понатаму е напната и двете страни стојат на позициите спротивстевени едни против други.

„Региони значајни за Русија“

Портпаролот на Путин и на Кремљ, Дмитри Песков изјави дека „двата региона се значајни за Русија, но дека Москва останува посветена на поддршката на мировниот процес“.

Шефот на украинската дипломатија, Дмитро Кулеба, пак, предупреди дека доколку дојде и до официјално признавање на сепаратистичките региони од страна на Русија, тоа ќе значи крај на мировниот процес и потврда дека Москва се има повлечено од спогодбата од Минск што секако ќе повлече и соодветни последици.

Одлуката на Думата е донесена во истиот ден кога Русија објави дека ги повлекува воените сили и тешкото орудие од Крим, донесени таму за “воената вежба која е завршена“, не давајќи притоа никакви други докази освен фотографиите од тенкови и камиони како го минуваат Кримскиот мост.

Весникот „Правда“ меѓутоа, пред извесно време објави текст во кој ја навестува одлуката на рускиот Парламент. Според весникот – војна за и во Украина со Русија нема да има, а дека се ќе заврши со анексија на Донбас од страна на Русија, без испукан куршум – како што тоа се случи и со Крим.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе