Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп се уште е другар со Ким Џонг-Ун

Трамп се уште е другар со Ким Џонг-Ун

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп им признал на своите соработници дека и понатаму има контакти со севернокорејскиот диктатор Ким Џонг – Ун кој сега е единствениот странски лидер со кого тој комуницира – тврди новинарката Меги Хаберман во својата книга „The Confidence Man” (Човек од доверба).

Во 2018 година, Трамп ги шокира Американците и го изненади светот со својата, сега веќе „славна“ изјава дека тој и Севернокорејанецот се „вљубиле“ еден во друг, откако размениле писма. Поранешниот претседател, во тоа време, се среќаваше на два пати со Ким, а режимот во Пјонгјанг од тоа направи голема пропагандна претстава, но нивната „љубов“ не даде никаков резултат.

Необична „љубов“

Трамп и тогашната администрација во Вашингтон не успеаја да постигнат никаков напредок – ниту во билатералните односи, ниту во намалувањето на тензиите на Корејскиот полуостров и меѓу двете корејски држави, а ниту во најважното – во денуклеаризацијата на Северна Кореја.

Комуникацијата на Трамп и Ким, во секој случај, беше и остана крајно необична. Американецот  за само 1,5 година во Белата куќа успеа да се раскара дома, на американската политичка сцена, а и во странство – во односите со своите традиционални европски сојузници, околу НАТО и односите со главниот партнер во Европа – со ЕУ. Брзо  можеше да се заклучи дека  Унијата ја третира онака како што на ЕУ гледа и Владимир Путин. Затоа и го подржуваше британскиот  Брегзит – за да ја ослабне ЕУ одвнатре.

Беше видливо во неговото однесување дека  како десничар и популист Трамп би сакал (кога би можел) да владее со САД и да ја води земјата онака како што тоа го правеше и го прави рускиот претседател, или дури и кинескиот лидер. Сакаше да владее авторитарн0 и неговиот збор да биде закон.

Диктатори – другари

Затоа, се смета дека имаше повисоко мислење за таквите лидери и за авторитарните режими со кои  единствено и имаше добри односи, отколку со европските демократии, не сокривајќи го  притоа своето „гнасење“ од либералната демократија. Беше и остана близок со бразилскиот краен десничар, претседателот Жаир Болсонаро, со индискиот премиер националист Марендра Моди, со Унгарецот Виктор Орбан, со Бенјамин Нетанијаху и со саудискиот режим.

Во тоа и такво друштво влегува и Ким Џонг – Ун, семоќниот диктатор на Северна Кореја кој е во меѓународна изолација поради неговата ракетна и нуклеарна програма – оставена во рацете на човекот кој го држи народот во сурова изолација, лансирајќи повремено ракети и заканувајќи му се на светот со своите „играчки“.

Станува збор за диктатор кој го ликвидира својот полубрат, па потоа сопругот на својата тетка, до тогаш висок државен функционер, поради наводно спремање „заговор“ , а  сестрата на неговиот татко ја остави – казнета – во изолација . Станува збор за лидер на држава кој  се пресметува со сопствениот народ – почесто гладен, отколку сит-  за да може да владее онака како што владее – со помош на војската и тајната полиција.

Прекршување на законот?

Авторката на книгата Хаберман, новинарка на „Њујорк Тајмс“, во разговор за Си – Ен – Ен има изјавено дека Трамп имал фиксација на неговиот однос со Ким.

„Она што го зборуваме и она што навистина се случува, не мора секогаш да биде усогласено, но поранешниот претседател им зборувал на луѓето околу себе дека со Ким одржува некој вид преписка, или некој вид дискусија со Џонг – Ун“ – има речено Меги Хаберман.

За блискоста на Трамп со диктаторот од Северна Кореја и за неговата преписка со него, се разбра од документите, сместени во 15 кутии што Националната архива, владина агенција која управува со зачуваните документи и белешки на претседателот кој заминал од функцијата.

Дури минатиот месец, Националната архива ги има преземено трамповите документи од времето кога беше во Белата куќа, затоа што претходно, тој даваше изјави дека нема ништо да им предаде на чување – бидејќи тоа биле негови лични хартии.

Документи во тоалет

Наместо да ги остави веднаш по повлекувањето, како што е редот,  Трамп има направено прекршок, па сите 15 кутии ги има однесено на својот богат имот во Флорида – што е недозволено според американските закони.

Агенцијата Национални Архиви, смета дека има прекршување на законот со кој е регулирано работењето на претседателите на САД, па затоа го има известено Министерството за правда, за да се испита дали има основа за покренување правна постапка.

Особено, откако „Њујорк Тајмс“, а претходно и „Вашингтон Пост“ објавија изјави од негови блиски соработници дека Доналд Трамп, често пати, уште како претседател, знаел некои службени документи, дури и тие означени како доверливи, да ги искине и да ги фрли во тоалетната шоља.

Трамп – во својот познат, арогантен стил – таквите откритија во весниците ги има оквалификувано како – лажни и невистинити.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе