Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Почина вирусологот кој тврдеше дека короната е лабораториски изум

Почина вирусологот кој тврдеше дека короната е лабораториски изум

Францускиот вирусолог Лик Монтањер, добитник на Нобеловата награда и експерт кој го има откриено вирусот ХИВ, почина во Париз. Имаше 89 години.

Во светот стана познат по тоа што го откри вирусот кој предизвикува Сида. И, Нобеловата награда ја има добиено за своите долгогодишни истражувања врзани за ХИВ. Во повозрасните години, меѓутоа, Монтањер се има оддалечено од своите колеги, заговарајќи и впуштајќи се во необични експерименти, за кои се тврди дека некои од нив ги доведуваат во прашање и основните начела врз кои се потпира науката.

Откако ја доби наградата, во 2009 година има изјавено дека силниот имунитет е сосема доволен во борбата против опаката болест Сида, а посебно против вирусот ХИВ кој ја предизвикува.

Таквото тврдење дојде тогаш како изненадување, затоа што за теоријата за одбрана – само со силен имунитет – ја заговараше истражувачот кој поголемиот дел од својата кариера ја има посветено на овој вирус. И, секако знаеше колку е опасен. Подоцна, овој француски научник се огласи и со нова чудна теорија, за тоа дека – водата има меморија!

Епидемијата во Вухан

После сето тоа, изгледаше дека ќе биде целосно заборавен и изолиран од научниот свет. Тоа траеше се до избувнувањето на епидемијата со коронавирусот во Кина, во тамошниот град Вухан.

Кинеските лекари и епидемиолози, на почетокот, не знаеја за каков вирус станува збор. Но, подоцна, кога брзо се рашири низ Кина, а потоа и низ светот, официјалната верзија за пандемијата беше дека вирусот е „роден“ на еден од пазарите во 11 милионскиот Вухан.

Тамошните епидемиолози и вирусолози, тогаш новиот вирус го поврзаа со лилјаците кои живеат во локалните пештери.

Објаснувањето, пак, за тоа како короната се има пренесено од животните на луѓето, беше дека месото на животните што се хранат со лилјаците (носители на коронавирусот) се продава на пазарот во Вухан, како храна за домашното население.

„Дело на молекуларни биолози“

Веќе во март 2020 година, кога светот, посебно Европа и САД, беа совладани од кортоната,  се огласи Монтањер кој ја отфрли како неточна кинеската верзија за создавањето на новиот вирус. Тој беше категоричен дека коронавирусот нема природно (животинско) потекло, како што го имаа вирусите за птичјиот и  за свинскиот грип, туку дека е лабораториски изум.

Пронајдок создаден во некоја од кинеските лаборатории во Вухан, што  ги има десетина и во кои се работи токму на истражувањето на вирусите кои лилјаците ги носат во себе.

„Вирусот и болеста Ковид – 19 се креирани во една од тамошните лаборатории. Кинеските вирусолози работат со коронавирусот уште од минатата деценија. Најверојатно,  научниците во короната имаат додадено РНК од вирусот ХИВ, трагајќи по вакцина против Сидата. И, тогаш дошло до манипулација. Сепак, не знам како вирусот излегол од лабораторијата во Вухан. Не знам која им била целта, но верувам дека не било направено намерно“ – изјави пред, безмалку две години, Монтањер во интервју за една француска ТВ станица.

Неговата изјава и категоричното тврдење дека короната е дело на молекуларни биолози, веднаш предизвика бурна реакција во светската јавност, посебно меѓу неговите колеги вирусолози, особено оние кои беа спремни да ја прифатат кинеската теорија за настанувањето на вирусот.

Оградување од институтот „Пастер“

Тоа беше време кога масовно се умираше од последиците на овој вирус, па додека научниците забрзано трагаа по вакцина или по некаков лек, се трагаше и по неговиот корен и потеклото. Научниот свет се подели околу ова прашање, но најгневни беа Кинезите кои не ја прифаќаа тезата на францускиот вирусолог, а уште помалку беа спремни да се согласат со покренување меѓународна истрага, каква светот почна да бара од властите во Пекинг.

Лик Монтањер и самиот се соочи да го критикуваат во неговата земја и со тоа- да не му веруваат. Тој е поранешен истражувач на угледниот француски институт „Пастер “ во Париз, каде едно време, бил и директор. Но, институтот, прво не ги коментираше наодите на својот некогашен соработник, а подоцна се огради од неговото тврдење дека короната е изумена во лабораторија.

Пандемијата, меѓутоа, низ разни мутирани подвидови, се уште трае. Веќе трета година по ред и одново, во голем обем, ја има во Европа, а се врати и во Кина. Светот се уште нема добиено прецизен и непристрасен заклучок за потеклото на короната.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе