Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

„Москва се уште верува во дипломатијата“

„Москва се уште верува во дипломатијата“

Рускиот амбасадор во ЕУ, Владимир Чизов изјави во Брисел дека Москва „се уште верува дека дипломатијата може да помогне во деескалација на кризата околу Украина. Тој уште еднаш повтори дека Русија нема намера да изврши инвазија врз било кого“.

Чизов, меѓутоа, предупреди дека „Русија не треба да се провоцира“, затоа што Москва во тој случај би можела да ја промени својата позиција.

Ваквата изјава на рускиот дипломат во седиштето на ЕУ и на НАТО, се толкува како „олеснување на тврдата реторика“ која досега можеше да се слушне на релацијата на Москва со Западот и таа доаѓа по засилената дипломатска активност на почетокот од неделата.

Воена вежба и зимска Олимпијада

Во понеделникот францускиот претседател Емануел Макрон престојуваше во рускиот главен град, каде имаше повеќечасовни разговори со рускиот лидер Владимир Путин, во Кремљ. Во вторникот, Макрон беше во Киев, на разговор со украинскиот претседател Зеленски, а потоа замина за Берлин на средба и разговори со германскиот канцелар Олаф Шолц.

Од сето тоа остана само ветувањето на Путин дека нема да се засилуваат трупите на границата и неговата изјава дека Макрон „има понудено идеи кои може да бидат основа за продолжување на дијалогот за Украина“.

Но, оние 120 илјади војници сеуште се сосема блиску до украинските граници. Пентагон во средата соопшти дека Русија, сепак, продолжува да префрла воени сили во граничната зона, па САД и уште некои западни земји остануваат на предупредувањето дека “нападот врз украинската територија може да се случи секој момент“.

Во исто време, на територијата на соседна Белорусија, во четврток, на 10 февруари, започнува заедничка белоруско – руска воена вежба, што е најавено дека ќе трае следните десет денови. Европски и американски воени експерти, затоа, уште не почетокот на овој месец проценија дека (доколку Москва се одлучи за напад) тој би се случил веднаш по завршувањето на вежбата и на Зимските олимписки игри во Пекинг, кои исто така ќе траат до 20 февруари.

Очекувања од Нормандиската четворка

Амбасадорот Чизов, за лондонски Би – Би – Си има изјавено дека руските трупи кои се вклучени во воената вежба, по завршувањето ќе се вратат во своите бази во Русија и нема да останат во Белорусија, како што тоа го предвидуваат некои безбедносни аналитичари.

Во Вашингтон и во Брисел, меѓутоа, се смета дека и самото организирање вежба во една ваква тензична ситуација, само по себе претставува дополнителна ескалација.

Чизов, пак, и покрај настојувањето да делува како дипломат кој ја „спушта топката“, сепак, не зборува ништо за тоа дали Русија ќе почне да ги повлекува своите војници на границата со Украина. Наместо тоа, прашува – зашто никој не го покренува прашањето – колку војска и оружје има украинската страна, на границата со Русија.

Како и да е, овој руски дипломат верува дека следните разговори на т.н. Нормандиска четворка – Русија, Украина, Франција и Германија – составена при правењето на договорот од Минск, во 2015 година, може да значат олеснување на тензиите (во и околу Источна Украина/Донбас) и дури и да дадат резултати.

Киев сака дела, а не ветувања

Во тој дел од украинската територија, што практично, е под окупација на проруските бунтовници, се вели дека има извесно смирување кога станува збор за пресметките на бунтовничките сили и на украинската војска. Дури и еден од лидерите во Донецк има речено за агенцијата Ројтерс дека „не се очекува сега некаков напад“ од страна на Украинците, иако не знае како ќе биде понатаму.

Во Киев, уверуваат дека сакаат дипломатијата да ја победи војната и дека тие не сакаат воено решение, но не им веруваат на зборовите и на ветувањата од Москва, па затоа бараат конкретни дела на самиот терен.

Особено што Русија не се откажува од своето барање – да добие гаранции дека Украина никогаш нема да стане членка на НАТО, како и дека ќе престане натамошното ширење на Алијансата кон Истокот.

Од Кремљ и на Макрон му имаат порачано дека не се задоволни што НАТО и Западот не ги прифаќа ваквите руски (тие велат безбедносни барања), како и барањето за (практично) демилитаризирање на земјите од НАТО од Источна Европа. Да останат, безмалку, само формални членови на Алијансата – без НАТО војници на своја територија и без екстра вооружување.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Вести

Горе