Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

НАТО нема да испрати војска во Украина

Wirestock/Depositphotos.com

НАТО нема да испрати војска во Украина

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека не се планира Алијансата да испрати војници во Украина, во случај Русија да изврши инвазија, во било кој обем.

„Нема таков план. Нашето внимание е насочено кон давање поддршка“ – има речено Столтенберг. Според неговото објаснување, постои голема разлика меѓу тоа да се биде членка на НАТО, како што се 30 – те земји на Алијансата и да се биде „многу ценет партнер“ – како што е тоа Украина.

Пред Столтенберг и британската министерка за надворешни работи Лиз Трас објасни дека речиси „нема никакви шанси“ Британија и британски војници да учествуваат во одбраната на Украина доколку Русија изврши инвазија. А, пред сите, со истоветно соопштение, уште на почетокот од декември се огласи и Вашингтон.

Засилување на Источна Европа

Во петокот (28 јануари) претседателот Џо Бајден најави дека САД ќе испратат (дополнително) војници во земјите од Источна Европа – членки на НАТО – но, притоа, нема речено за кои земји станува збор, ниту колку Американци ќе бидат испратени, освен што рекол дека „бројката нема да биде голема“.

Се знае само дека тие би требало да бидат дополнување на армиските сили на секоја земја – членка. Со единствена цел да се засили нивната одбранбена моќ од потенцијалната руска закана. Америка веќе соопшти дека има ставено во состојба на целосна готовност и на стенд – бај и други 8500 свои војници.

Досега, Алијансата има распоредено свои војници и префрлено засилување во воена техника во балтичките земји кои се соседи на Русија и на Белорусија, како и во Полска и тоа уште од пред сегашната криза, како одговор на руската интервенција во Украина во 2014 година и ѕвецкањето со оружје на руската страна кон некогашните советски републики и источноевропски партнери, во времето на комунизмот.

Сега се најавува дека вакви сили би се стационирале и во Романија и Бугарија.

„На Унгарија не и треба помош“

Само Орбанова Унгарија објави дека таа нема потреба од дополнителна заштита од трупите на НАТО, на својата територија. Таквата изјава не изненадува, затоа што Виктор Орбан и онака ја има улогата на најблискиот сојузник на Владимир Путин во ЕУ.

Европски безбедносни експерти сметаат дека унгарскиот премиер кој сега „брка“ и четврти мандат, подолго време ја има улогата на „Тројански коњ“ во Унијата чија задача е да го разбива единството на ЕУ, посебно во делот на надворешната и безбедносната политика.

Орбан ја има улогата и на руски извршител во дестабилизацијата на Западен Балкан, регион што се уште не е дел од ЕУ, што Москва сака да се одржи што е можно подолго. Жртва на таквата улога на Будимпешта е Македонија, преку финансирање на пропагандата (на голем број од македонските медиуми – посебно телевизиите) против проевропската и прозападна влада во Скопје, со давање пари. Како што тоа се случи и пред и за време на последните локални избори.

Но, Унгарија ја има таа валкана улога и мешајќи се во дестабилизацијата на БиХ на која и се заканува распад на земјата, како и на Србија која би требало и натаму да се одржува под контрола – да не тргне поотворено по западната патека.

Макрон – Путин

Како и да е, Франција потврди дека ќе испрати определен број свои војници во Романија, а можеби и во Бугарија. Оваа балканска земја, првично, преку новиот министер за одбрана соопшти дека нема потреба од дополнителна заштита, а набргу потоа, откако интервенираше проевропскиот и про – НАТО премиер, Софија ја измени позицијата и сега смета дека помошта би била добредојдена.

На крајот од минатата недела, францускиот претседател има разговарано, преку видео врска, со рускиот претседател и (како што е соопштено) се спогодиле дека е потребно „смирување на напнатоста“ која сега постои меѓу Русија и Западот (НАТО, ЕУ, САД). Путин, притоа, се пожалил дека Москва не е задоволна од одговорот на Алијансата (и на САД) за руските барања, но сепак, рекол дека „внимателно ќе бидат проучени западните предлози“.

Во меѓувреме, договорено е да се одржи нова рунда разговори меѓу Киев и Москва околу Источна Украина, која практично е под руска контрола. Станува збор за спроведувањето на Договорот од Минск, од 2015 година, кој останува само на хартија, без никаков напредок на теренот. Како гаранти на договорот се Франција и Германија.

Контрадикторни пораки

Од Украина, меѓутоа, од време, на време доаѓаат различни и често контрадикторни пораки. Не се знае дали тие се последица на нервозата во Киев и се потребни за храбрење на украинската јавност, или пак претставуваат погрешни чекори кои се прават во погрешно време – со повремени критики кон оние кои настојуваат да спречат инвазија и воен судир.

Така, Киев еднаш ќе рече дека е незадоволен од заштитата која и се дава на Украина – дека таа е недоволно силна. Друг пат, тоа е забелешката дека каков и да е нападот врз украинската територија, тоа ќе биде инвазија врз земјата, а трет пат – дека „Западот непотребно создава паника“!

Претседателот Володмир Зеленски, на пример, на својата последна пред конференција во Киев зборувал за тоа дека „западните новинари не треба да создаваат непотребно панична атмосфера“, кога станува збир за заканата од руската инвазија.

„Западот ја обвинува Русија дека ќе ја нападне Украина, а во исто време бара знаци дека тоа, сепак, нема да се случи“ – рекол Зеленски. Притоа, ги има критикувано САД и Британија што им сугерираа на семејствата на дипломатите да заминат од Киев, порачувајќи дека тоа е „непотребен чекор“, затоа што Украина повеќе од осум години живее во услови на закана да биде нападната и окупирана.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе