Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

Нова Железна завеса

NadyaSo/Depositphotos.com

Нова Железна завеса

На Русија од секогаш и бил потребен непријател. За домашни и за надворешни геостратешки потреби – за да ја гради и уредува својата политика. Било да е царистичка или комунистичка. Непријател е потребен и сега, откако 21 година Владимир Путин е неспорен господар на домашната политичка сцена, на која – како стојат работите – ќе остане до крајот на животот.

Непријател беше потребен уште во далечните царски времиња за да земјата остане затворена и изолирана. Непријател требаше да има и во времето на современите царски династии и покрај отворањето на Русија што го има направено Петар Велики. Непријател имаа и Ленин и Октомвриската револуција, како Сталин и КПСС, во времето кога диктаторот правеше чистки меѓу сопствениот народ. А, непријател имаше и семоќниот Леонид Брежнев, иако го прифати детантот на меѓународната сцена.

Само Михаил Горбачов, на крајот на комунизмот и на СССР, како и Борис Елцин на почетокот на пост – комунистичка Русија, настојуваа Москва да нема непријатели и да гради мостови со оние кои нивните претходници ги третираа како закана за постоењето на државата. Сега во Москва и на обајцата се гледа како на, безмалку, предавници.

Путин против НАТО

Непријателот, според признанието и на руските историчари, секогаш бил на Западот од Русија – во Европа. Во европските империи со кои Русите, играа игра – еднаш како сојузници и пријатели, а друг пат како завојувани страни. По Првата, а особено по Втората светска војна – непријателот беа САД и Американците. Тоа го наследи и Путин, па најде свој непријател – НАТО.

Триесет години по распадот на СССР и на комунизмот во Европа, по падот на Берлинскиот ѕид и на мирното обединување на Германија и на европскиот континент, по елиминацијата на Железната завеса – процес во кој беше вклучена и пост – советска Русија, Кремљ на Путин, настојува да ги врати работите назад.

Ако во времето на Студената војна и поделбата на Европа – на црвениот, комунистички Исток и на демократскиот (син) Запад – зоната на поделбата беше територијата на екс Југославија, сега тоа е на северната украинска граница. А, на неа, веќе со недели на ред, рускиот претседател има испратено силна армада од 120 илјади војници и бројна воена техника.

Азовското Море, притоа, го има прогласено за „руско” море во кое Украинците не смеат да влезат, иако и Украина има излез на него, а целото Црноморие го третира како своја безбедносна зона, без разлика што на него, покрај Украина и Русија, излегуваат и Турција, Бугарија и Романија. Гневно реагирајќи ако во него впловуваат западни воени бродови, за да се најдат како испомош на загрозената Украина, на која директно не би можеле да и помагаат затоа што земјата не е во НАТО.

Креирање “руски свет“

Сите овие агресивни потези на Кремљ, делуваат како претходница за инвазијата врз украинската територија и заканата, Украина – покрај Крим и Донбас -да го загуби и целиот источен дел на државата. Станува збор за зона што  Русија ја означува како дел на некаков свој “руски свет“,  во кој најагресивните во Москва го вклучуваат и Киев. Притоа,  претседателот Путин го користи ширењето на НАТО,  за да креира  нова поделба на Европа.

Ново делење на континентот на Исток и на Запад, на тој начин што границата на поделбата, овој пат, ќе биде југот на Украина. Во тој нов источен блок би се нашле сите поранешни советски републики (без Балтикот). Секако прво, Украина и Грузија, па Белорусија и Молдавија, но во проектот влегуваат и Ерменија и Казахстан.

Меѓу Истокот – вака уреден и Западот – одново би се подигнала некаква Железна завеса која би се движела по источните граници на некогашните комунистички, сателитски земји на Москва – од Северно море, до Црно море. Или, во границите на поранешниот Советски Сојуз, сега обновен и ревитализиран под ново име, кое аналитичарите во Европа го означуваат како „Нова Русија“.

Вака стокмена „шаховската табла“ на Кремљ ги става САД, НАТО и ЕУ пред свршен чин.

Кремљ игра покер

Сега се зависи, како што велат во Вашингтон и во Брисел, од волјата на Путин и од потезите кои ги влече (со своите соработници, или можеби и без нив).

Но, како што деновиве има речено поранешниот прв човек на британската разузнавачка агенција МИ6, рускиот претседател, во сегашната крајно напнатата атмосфера создадена на Истокот од Европа – сепак, не игра шах, туку покер.

На коцка ја става – прво, својата земја која сигурно ќе се соочи со тешки санкции доколку руската армнја навлезе во Украина, а потоа својот престиж што 20 години го гради како лидер на една светска сила, предизвикувајќи ситуација – да се најде во војна, со една „братска“ држава со која не ќе може да се справи како со Грузија во 2008 година. Тогаш Грузијците издржаа со својата одбрана неколку денови – се до заканата да го загубат главниот град Тбилиси – и застанаа, а Русија ја освои Јужна Осетија.

Едноставно, Украинците зборуваат дека ќе ја бранат својата земја со сите расположливи средства.

Освен тоа, украинската војска е сосема поинаква од онаа во 2014 година, па затоа и не може да се повтори Крим, кога без испукан куршум, Русите го освоија полуостровот што потоа го анектираа. Ако тоа, навистина, се случи, тогаш Путин и Русија треба да се вклучат во војна која веројатно и би ја добиле, на крајот, но по цена да си создадат нов Авганистан, или свој Виетнам.

Ковање заговор во Киев

Тоа е она што го тера Путин да развлекува – играјќи во овие недели на две карти. Едната е правење пазар со Америка, пред се, како и со НАТО, за некакви отстапки, знаејќи дека Вашингтон и Брисел не можат да даваат писмени гаранции околу натамошното ширење на Алијансата, без разлика колку е навистина реално Украина, па и Грузија, да бидат дел од НАТО.

На другата страна, тоа е забрзаното правење заговор во Киев и на Истокот од земјата, за соборување на Зеленски и неговата влада. Целта е создавање квислингшки режим, про – руски определен, што ќе се откаже од прозападната ориентација на сегашната власт и од амбициите за влез во ЕУ и НАТО.

Експерти веруваат дека таквата операција е во тек и дека една таква разврска би спречила било каков воен конфликт, а би го истиснала и Западот од Украина. Особено, што во Москва знаат дека не е проблем да се нападне Украина, туку дека проблемот е во тоа што не може да се освои целата нејзина територија.

Барем не лесно и брзо и без големи жртви – и кај Украинците и кај Русите – што руската страна не ги посакува – затоа што не и одговараат за пред домашната јавност.

Ако во 2014 година, благодарејќи на бескрвната инвазија на Крим, Путин имаше висок рејтинг и силна поддршка во јавноста – како бранител на Русија и на руските интереси – сега поддршката на Путин (велат) изнесува едвај 32 отсто и никогаш не била пониска.

Има ли време за решение без војна

Уште повеќе што рубљата продолжува да опаѓа во условите на кризата што е создадена околу Украина. Тука е и дилемата дали Русите се подготвени да го жртвуваат својот стандард и веќе уредениот живот, за сметка на освојувањето на украинската територија – по коридорот до Крим, или кон правење излез на реката Дњепар. Една анкета на Би – Би – Си, направена пред десетина денови, меѓу Русите во Москва, открива дека ниту еден од нив не зборува за војна, туку дека се очекува претседателот да изнајде решение за ситуацијата.

Според тоа, излегува дека зад силната пропаганда и борбената реторика и на двете страни, сепак, се бара некакво решение. Впечаток е дека она што се бара е „освојување некаков поен“, што пред се, му е потребен на Путин, за да не изгледа поразен, кога веќе толку далеку отиде во својот „украински покер“.

Прашање е, меѓутоа, дали тоа сега е се уште можно, кога безбедносни експерти оценуваат дека работите би можеле да се расчистат во првите три недели од февруари.

Тогаш на белоруска територија ќе има заедничка руско – белоруска воена вежба, а пред тоа, Путин треба да присуствува на отворањето на зимската Олимпијада во Пекинг, на 4 февруари. Малку веројатно е дека рускиот претседател ќе се рашетува додека земјата му е во војна и тоа со Украина, па затоа се проценува дека ако таа почне, тоа би можела да се случи после 20 февруари.

(Спектатор)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе