Поврзете се со нас

Skopje Global

Вести

Откриен човекот кој ја предал Ана Франк?

Откриен човекот кој ја предал Ана Франк?

Една истрага спроведена во изминатите шест години, тврди дека (конечно) го има идентификувано човекот кој ја има предадено Ана Франк, откривајќи им го на нацистите скривалиштето во кое живее еврејското девојче, во Амстердам во текот на Втората светска војна.

Нејзиниот дневник, по војната преточен во книга, е сведоштво за животот на еврејската заедница во воените години во тогашна Холандија, под нацистичката окупација и во времето на погромот на холандските и европските Евреи.

По откривањето на нејзиното скривалиште – на таванот на една амстердамска куќа – Ана Франк била заробена од нацистите и заедно со нејзините најблиски, е одведена во нацистички логор во тогашна Германија, каде е убиена во 1945 година, малку пред завршувањето на војната. Тогаш имала само 15 години.

Експертска екипа

Истрагата за која сега станува збор е последната во низата такви истражувања за тоа – кој и зошто го има предадено малото девојче – кое на таванот има проведено две години.

Екипата ја сочинувале низа експерти од разни области, вклучувајќи и еден поранешен инспектор на американското ФБИ, кој прв ги има откриено деталите за нејзината работа во едно телевизиско интервју во САД.

Според него, истражувачка екипа цврсто верува дека предавникот е Арнолд ван дер Берг, инаку и самиот Евреин, од Амстердам.

Тој им кажал на нацистите каде се крие Ана, за да го спаси своето семејство – да не заврши во некои од логорите на смртта.

Истражувачкиот тим уверува дека во трагањето по предавникот, била користена најсовремена техника за истражување, за да се дојде до вистинскиот човек. Дури се користеле и компјутерски алгоритми – за да се утврдат врските меѓу различни луѓе, за што (велат) биле потрошени илјадници работни часови.

Доушник на нацистите

Сега се знае дека осомничениот Ван дер Берг бил член на Еврејскиот совет во Амстердам, тело кое било присилно создадено за да се спроведува нацистичката политика во реоните во кои живеело еврејско население. Телото било расформирано во 1943 година и сите негови членови – локални Евреи – биле одведени во концентрациони логори и таму ликвидирани во гасни комори.

Само еден од нив – Ван дер Берг – не бил испратен во логор. Наместо тоа, продолжил да живее во Амстердам, каде го има пречекано и крајот на војната. За него дури се верува дека во текот на целото траење на војната, постојано бил поткажувач на нацистите.

Претпоставка на истражувачката екипа е дека кога овој човек ги потрошил сите информации што можеле да ги заинтересираат нацистите, а кои до тогаш му обезбедувале заштита, се исплашил дека би можел да заврши во некој од логорите на смртта.

Тогаш се одлучил на окупаторските сили да им ја достави – главната информација – податокот каде ја кријат малечката Ана Франк. Спогодувајќи се нацистичката команда да ги остават на мир него и неговото семејство.

Ото Франк знаел за предавникот

Истражувачите веруваат дека за работењето на Ван дер Берг како „крт“ за нацистите, знаел и таткото на девојчето – Ото Франк. Таквото тврдење се заснива врз еден анонимен допис, откриен меѓу неговите приватни хартии.

Но, тој сепак не кажал никому дека еден од членовите на Еврејскиот совет е предавник.

Се верува дека се исплашил оти демаскирањето на предавникот би можело уште повеќе да им ја влоши ситуацијата на Евреите во окупираниот град и дека можеби така нацистите ќе дојдат и до Ана Франк.

Арнолд ван дер Берг по војната продолжил да живее во Амстердам. Починал во 1950 година, само пет години по убиството на еврејското девојче.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Вести

Горе